Кој пат ќе го фати Таравари?
8 април 2025Алијанса за Албанците на Арбен Таравари е исправена пред одлука - дали ќе остане во коалицијата Вреди (Влен), којашто е дел од Владата, или пак ќе преговара со ДУИ. Во моментот кога се реактивира идејата за обединување на политичките партии од оваа коалиција во една партија, во пресрет на локалните избори сѐ погласни се пораките дека Таравари не ќе може да седи на две столчиња.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити од редовите на Вреди вели дека Таравари ќе мора да се одлучи. „Таравари треба да пресече, дали е дел од Влен или е во преговори со ДУИ. И едно и друго не може. Преговори со ДУИ значи дека може да испорача и фактури од ДУИ, и тогаш ќе се коси со политиките на Владата“, вели Меџити.
Стара идеја - нови бранувања
Според Меџити, идејата за обединување на политичките партии од коалицијата Вреди во една партија не е нова. За неа се разговарало од поодамна и со идејата бил запознат и Таравари.
„Ние веќе имаме заедничка кадровска комисија каде има член и Таравари и ние останатите. Исто така, Центарот за информирање функционира како заеднички во рамки на Влен. Ова беа првите чекори кон топење во еден политички субјект. Не е нова идеја и ниту сакавме да го забрзаме процесот, ниту да оди во заборав. Со овие превирања, Таравари јавно искажува дека има две опции - значи не се поставува како дел од коалицијата, туку како партнер кој може да преговара со Влен и со ДУИ. Во оваа ситуација, оценивме дека е време да ги затвориме темите на мали политички партии и да го формираме Влен како алтернатива на Албанците, кој ги донесе промените на претходните избори и кој ќе ги предводи промените“, изјави Меџити.
Кој со кого пие кафе?
Несогласувањата во коалицијата ескалираа во пресрет на локалните избори во Северна Македонија. Три партии обединети во Вреди се согласни да одат со заеднички листи и програма на локалните избори наесен. Таравари, пак, ја разгледува опцијата да се оди со посебни листи на локалните избори.
Министерот за здравство, кој предводи едно крило од Алијанса за Албанците и е дел од коалицијата „Влен“ во понеделникот (07.04) изјави дека нема добиено понуда од „Влен“ да се спојат во една партија. „Ако имаме, ќе одлучиме, но ако тие веќе одлучиле, им го даваме името - нека го задржат името Влен. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите“, рече Таравари, негирајќи дека имал разговори со опозициската ДУИ.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека „комуницираат со сите партии, но немаат посебни преговори со Арбен Таравари за заеднички настап на локалните избори“. Според Адеми, нема никаков официјален договор, ниту се одржала средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Таравари како лидер на едното крило на Алијанса за Албанците. Адеми посочува дека освен пратениците и тој лично контактира со Влен.