Во пресрет на расправата во Европскиот парламент за извештајот за Македонија, каде е најавен амандман со кој се бара пред терминот „македонски идентитет и јазик“ да се додаде придавката „современ“, еврокомесарката Марта Кос рече дека идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, бидејќи идентитетот е нешто што си го носиме во душата и во срцето.
„Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки. Како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме во однос на зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците“, рече Кос.
Но, премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека за него идентитетот не е само македонската кујна.
„Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански... Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот македонски идентитет“, кажа Мицкоски, потенцирајќи дека во изминатите три децении сме „изгубиле дел од идентитетот менувајќи знаме, име и неколку пати менувајќи го Уставот“.