Кои дивоградби ќе се најдат на листата за уривање во Охрид?
11 јули 2025Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека државата ќе ја преземе обврската за уривање на дивоградбите во Охридскиот Регион наиде на одобрување кај градските власти, но предизвика сомнеж и недоверба кај еколошките здруженија. Додека првиот човек на општина Охрид, Кирил Пецаков смета дека е добро државата да го координира процесот, со оглед на тоа дека општината кубури со средства за таа намена, од невладините организации велат дека се загрижени, бидејќи „премиерот ги истакнува градбите кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти“, а не ги споменува спорните градби коишто се наведуваат во извештаите на УНЕСКО и се во строго заштитените зони.
Општината ќе соработува
Општина Охрид ќе излезе во пресрет на барањата на премиерот Христијан Мицкоски кој најави дека државата ќе изврши проверки на одобренијата за градба и ќе ги урива дивоградбите коишто за загрозуваат статусот на заштитениот регион од страна на УНЕСКО.
„Се што ќе побараат од нас ќе добијат“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков за ДВ.
Во четвртокот (10.07) Охридскиот Регион доби трета шанса, откако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз го одложи ставањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност.
Охрид и Македонија добија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг мисии, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај до 1 февруари наредната година. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти.
„Со тоа ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната Влада кои правеле такви злоупотреби“, рече тој и додаде: „ Не треба на јавноста да и кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“.
Според Пецаков, изјавата на премиерот не се однесува само на Охрид, туку и на останатите општини во Охридскиот регион. „Тој мислеше на одредени објекти каде со одобрение за реконструкција се кренал кат или еркер (зголемен волумен од објектот кој е издаден над улицата или дворот)“, вели Пецаков.
Тој оценува дека е добар потегот државата да ја преземе обврската за уривањето на објектите, бидејќи општините најчесто немаат финансиски средства за тоа. „А, и за тие средства што ги имаме, не се пријавуваат фирми за уривање поради што пропаѓаат тендерите“, вели Пецаков.
Охридскиот градоначалник во минатото во повеќе наврати посочуваше дека е проблем донесувањето на урбанистички планови таму каде што ги нема, и дека додека не заврши процесот на легализација отпочнат според законите во земјата, не може да се одлучи колку и кога ќе се урива. Сега вели дека работите околу измените во ГУП и ДУП се тргнати од мртва точка, но останува фактот дека во регионот има 21 село каде што нема урбанистички планови. „Таму сите објекти се водат како дивоградби, бидејќи се почнати постапки, но не постои урбанистички план“, додава Пецаков.
Околу 20 илјади дивоградби чекаат легализација
Според податоците на општината, околу 20 илјади градби во Охридскиот Регион чекаат за легализација. Поточно, поднесени се 19.940 барања за легализација на објекти, од кои 7.528 се одобрени. Во постапка се и 414 објекти евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро. Во дел од нив станува збор за настрешници, кат од куќа или поткровје.
Препораките на УНЕСКО, според Пецаков, се однесуваат на објекти коишто се наоѓаат во одредени спорни подрачја. Веројатно тука ќе спаѓаат Студенчишко блато, објекти на Кејот изградени без одобренија, како и за објекти во Националниот парк Галичица. „Сите оние коишто врз основа на регистарот ќе бидат опфатени со мерките“, вели Пецаков, посетувајќи дека ЗЕЛС бараше државата да го преземе уривањето на дивоградбите,бидејќи има општини каде ни една фирма не се пријавува на тендер за нивно уривање. „Вака ќе биде многу поедноставно за функционирање“, вели охридскиот градоначалник.
Невладината Фронт 21/42, врз основа на податоците добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, минатите години посочуваше дека состојбата со дивоградбите е алармантна. Според нив, само во рамки на Националниот парк Галичица, има над 70 дивоградби кои се целосно на државно земјиште, а над 40 се делумно на државно земјиште.
Екологистите потсетуваат што треба да се урива
Токму затоа изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за рушење на дивоградбите на територијата на светското наследство место да ги радува, уште повеќе ги загрижува екологистите.
„Премиерот ги истакнува градбите ’кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти’ и најавува дека ’ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната Влада кои правеле такви злоупотреби“. Но, УНЕСКО директно ги посочува градбите во Студенчишко блато и непосредната околина, Горица Север и хотелскиот комплекс во Горица“, вели за ДВ, Искра Стојковска од „Фронт 21/42’.
Според неа, се додека сите дивоградби на територијата на блатото, огромниот хотел во Рамне со вила над него, рестораните на платформите во свети Наум, сите барови и платформи во езерото (Радожда, Куба Либре, Канео, итн.), хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица, не се отстранат целосно, со враќање на природата во првобитна состојба – во земјата не владее правото и нема никаква свест, ниту одговорност за вредностите на светското наследство.
Што бара УНЕСКО?
Во нацрт -документот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО беше посочено дека продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
И овој пат се нотираа слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство. УНЕСКО бара Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
Во нацрт-документот се бара од властите во Македонија итно и со целосно почитување на препораките за заштита на вредностите на регионот да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката проценка, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга,како и инструментите за просторно планирање за неизградени области.
Дополнително се повикуваат властите да достават физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот „Коридор 8', со детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки.
Македонија и Албанија ќе треба да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.