Кога Македонија ќе ги добие првите пари од Планот за раст?
16 јануари 2025Кога Северна Македонија ќе ги добие првите пари од Планот за раст на ЕУ? Последните најави коишто пристигнуваат од Европската комисија се дека тамошните служби ги финализираат процедуралните чекори, откако до нив стигнало барањето за претфинансирање поднесено од Северна Македонија. Очекувањата се дека првите средства ќе стигнат наскоро. Македонија бара 52,5 милиони евра или претфинансирање од 7 отсто во рамки на реформската агенда на земјата.
„Се работи на тоа исплатата на средствата од предфинасирањето за Северна Македонија во рамки на Планот за раст за Западниот Балкан да се случи што е можно поскоро во 2025 година“, вели за МИА портпарол на Европската комисија.
Реформската агенда, која опфаќа реформи во областа на основните права и социо-економски реформи, земјата ги поднесе во јули минатата година, по што Европската комисија оцени дека таа е во согласност со целите и барањата на Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан. Реформската агенда беше одобрена на 23 октомври 2024 година со Одлука за спроведување на Комисијата, по позитивно мислење од земјите членки (во Комитетот ИПА III).
Кои се очекувањата?
„За да започнат реформите, земјите може да побараат до седум отсто средства во форма на предфинансирање. Тоа го побараа сите пет корисници со одобрени реформски агенди. Ова ја вклучува и Северна Македонија“, велат од ЕК.
Планот за раст на Западниот Балкан нуди патоказ за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската унија. Станува збор за шест милијарди евра инвестиции, а принципот е и инвестиции и реформи, што обезбедува постепен пристап до единствениот пазар, овозможувајќи им на граѓаните од Западниот Балкан да пред време да почувствуваат некои придобивки од интеграцијата во ЕУ.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на 13 ноември минатата година го потпиша барањето до Европската комисија за претфинансирање во износ од 52,5 милиони евра. Со тоа, Северна Македонија стана првата земја од Западниот Балкан која ги презеде сите неопходни чекори за исплатата на првите средства од Инструментот за реформи и раст.
Брз економски раст
Европската Унија обезбедува седум проценти од општите средства од Планот за раст на Европската комисија за сите партнери од Западен Балкан, по одобрувањето на нивните реформски агенди, обезбедувајќи ви средства како претфинансирање. Оваа финансиска програма со вредност од шест милијарди евра ги опфаќа годините 2024-2027 година и има за цел да го удвои економскиот раст на регионот во следните десет години.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана во октомври 2023 година презентираше детали од планот за раст кој опфаќа отворање нови трговски патишта во одредени области на заедничкиот пазар на ЕУ за балканските земји како што се слободното движење на стоки и услуги, патниот сообраќај, енергијата, електричната енергија и дигиталниот пазар. Шесте земји треба да спроведат брзи реформи кои пак ќе бидат придружени со инвестиции. Земјите ќе имаат пристап до инвестиции и фондови, но средствата ќе се ослободуваат ако има напредок во реформите. ЕУ веќе мобилизираше 16 милијарди евра за инвестиции во регионот.