Почнува истрагата против 27 физички и три правни лица
21 март 2025Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донело Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани. Деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување ќе бидат соопштени на прес-конференција денеска напладне (21.03), соопшти Обвинителството.
Меѓу осомничените за кои досега беа задржани со мeрки краткотраен притвор од 48 часа, беа поранешен министер за економија, поранешната државна секретарка во истиот ресор чиј потпис стои на една од издадените „лиценци“, секторски раководител, како и лица од други институции и лица поврзани со работата на спорното кабаре. Мерките краткотрааен притвор му овозможуваа на јавниот обвинител да ги задржи лицата за кои постои сомнение, подолго од основните 24-часа полициско задржување. Односно, да има доволно време да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите, како и конкретните својства и дејствија на лицата кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка. По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничените, при што краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор.
Давале позитивна согласност
Претходно, 30-дневен притвор беше побаран за седум полициски службеници осомничени за случајот, за кои посебна постапка води обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. Како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека тие сториле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, бидејќи изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност - кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
ДУИ, во чиј фокус е приведувањето на нивниот функционер и поранешен министер за економија, вчера го реафирмираше нивниот став за целосна, независна и непристрасна правда, наведувајќи дека трагедијата што се случи бара јасна и институционална одговорност, без манипулации за политички придобивки.
Од партијата обвинија дека Владата со сите средства се обидувала да го заштити своите и да го одвлече вниманието на јавното мислење барајќи виновници на друго место. ДУИ ги повика институциите да останат надвор од секакво влијание и да обезбедат транспарентен, непристрасен и фер процес.
„Секој обид за скршнување на овој процес не е во служба на правдата, туку во служба на оние кои сакаат да ја сокријат вистината“, порачаа од ДУИ, наведувајќи дека правдата не може да се дели на „наши“ и „нивни“.
Што покажала општинската документација?
Во досегашните постапки на надлежните не постои таква поделба. Од синоќа приведени се градоначалникот кој пред пет дена поднесе оставка, Љупчо Папазов, како и двајца негови претходници Николчо Илијев и Ратко Димитровски.
Ратко Димитровски е поранешен градоначалник на Кочани (од 2009 до до 2017 г.) од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а Николчо Илијев од СДСМ, со мандат од 2017 до 2021 година. Ратко Димитровски во разговор за „Плусинфо“ вчера сподели податок, според кој, во времето кога тој бил градоначалник, Општина Кочани до Државниот пазарен иснспекторат упатила Барање за неиздавање лиценца за дискотека на Дејан Јованов ДОО Класик ДМ.
Папазов, кој исто така е градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, еден ден по трагедијата во Кочани, на 17-ти март поднесе неотповиклива оставка на функцијата и потенцираше дека се става целосно на располагање на институциите.
„Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за сѐ, како и за моите лични постапки“, порача тој.
Папазов еднаш веќе беше повикан на разговор, по што беше пуштен, а следниот ден, на 18-ти март, во зградата на Општина Кочани влегоа претставници од надлежните институции за да ја подигнат потребната документација во врска со надлежностите на општинската администрација околу дозволите и работењето на дискотеката „Пулс“.
Два дена подоцна, следеше синоќешното приведување на тројцата градоначалници, што индицира дека предистрагата има многу прашања поврзани со наодите во претходно подигнатата документација, поврзана со надлежностите на општината.
Од Обвинителството повеќе информации за ова најавија за денеска.
„Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта“, информираа синоќа од Обвинителството.
Засега не се знае дали покрај тројцата градоначалници биле повикани на разговор и други актуелни и поранешни службени лица од Општината.
Заврши хоспитализацијата во странски болници
Вчера беа извршени последните транспорти на повредени во странските бопници - три во Турција, седум во Шпанија и двајца во Чешка.
„Очекуваме од понеделник да почнат да се враќаат повредените пациенти од пожарот во Кочани што се лекуваат во странство", рече на ТВ Сител, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
Вкупниот број на повредени од пожарот е околу 200, од кои во домашните болници се сместени 72 пациенти, а во странство се 111 пациенти.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски на ТВ 21 изјави дека досега се обезбедени авионски карти и сместување за 142 лица од семејствата на повредените што се на лекување во странство.
На членовите на семејствата кои веќе обезбедиле приватно сместување, им било кажано дека ќе им бидат рефундирани трошоците. Заедно со телефонските оператори, била донесена одлука телефонски броеви на членовите на семејствата на повредените кои се во странство - да бидат ослободени од роаминг, за да можат непречено да контактираат со блиските во земјава, но и со институциите.