Кочани, еден месец подоцна
15 април 2025По таква трагедија несоодветно е да се постави прашањето како „живее“ Кочани- еден месец подоцна. Дури ни терминот живуркање не соодветствува со ритамот на градот, ако и тоа воопшто може да се нарече ритам.
„Црнееме“ – вака жителка на Кочани со еден збор ја опишува состојбата во градот.
Нејзините први соседи во трагедијата изгубиле дете.
„Во дворов израсна. Таа слика ми е пред очи секој ден. Ќе ни треба многу време за да излеземе од оваа агонија“, вели таа.
Објаснува дека нејзини повозрасни роднини живееле во близина на пеплосаната дискотека, кои таа речиси секојдневно ги посетувала за да ги снабдува со намирници.
„Сега ми е тешко кога одам натаму. Нозете ми се враќаат назад. Ја вртам главата на другата страна, не можам да ја гледам таа црна дупка. Ми се качува притисокот“, вели средовечната жена.
Нејзиниот сопруг секој слободен момент го користи за да избега од градот.
„Не знам ни што да кажам, ни што да правам. Кога можам бегам од градот, одам на нива, копам, така без врска. Ми се чини дека така полесно ќе излезе тоа што тежи, ама не излегува. Утредента пак истото. И пак истата празнина“, вели тој.
Сенката и светлината
Тишината во градот најмногу ја распарува звукот на автомобилите и на птиците.
„Загубивме една цела генерација. Младоста ја изгубивме“, се најчестите реченици што ги изустуваат локалните жители.
Градот на белото злато - оризот, градот познат по Драмскиот аматерски фестивал, денес е спротивност на некогаш вообичаената слика за него во пролетните денови.
Поради трагедијата, Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) од Кочани пред неколку дена донесе одлука да го одложи фестивалско издание на најдобрите аматерски и алтернативни театри во државата, закажано од 12-ти до 17-ти мај.
„Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, а на сите оние кои се во процес на закрепнување им посакуваме брзо оздравување и сила да го пребродат овој болен период. Како што рекол Шекспир: 'Тажната сенка не ја мери длабочината, туку светлината која останува по неа'. Овој цитат нека ни биде утеха дека светлината и надежта секогаш ќе изникнат и ќе ја водат нашата заедница низ тешкото време“, наведоа од ДАФ.
Хуманитарна изложба
Објектите од културата засега се полнат со содржини од хуманитарен карактер и мотивациски предавања.
„Пред неколку дена бев на хуманитарно предавање што го одржа мотивациски тренер во Центарот за култура 'Бели мугри', за тоа како да се избориме со негативните мисли, како да се справиме со емоциите. Салата беше полна. Имаше и млади кои кобното утро го поминале со полесни повреди, но не можат да се изборат со тешката загуба на нивни пријатели. На сите им треба психолошка поддршка“, објаснува момче од градот.
Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани упати повик на учество на ликовни уметници и писатели на хуманитарен настан педвиден за 23-ти април. Изложбата е од продажен карактер за хуманитарни цели. Две недели ќе бидат изложени ликовни и книжевни дела создадени од автори кои живеееле или се родени во Кочани и Виница. Собраните средства ќе бидат донирани до сите засегнати семејства преку SupportKocani.
Психолошка поддршка
Психолошка поддршка се дава интензивно и ќе продолжи и во наредниот период. Почната е заедничка иницијатива, во која и германската амбасада придонесува со мерки за поддршка во справувањето со последиците од катастрофата. Тука спаѓаат психолошки обуки на наставниот кадар во основните и средните училишта и воспитувачите од градинките во Кочани. Дополнително, експерти ќе вршат обуки за прва помош и заштита во случај на катастрофи за учениците од средните училишта во Кочани. Партнери во спроведување на овој проект се: македонската Комора на психолози, Доброволното противпожарно друштво и Територијална противпожарна единица од Кочани и македонскиот Црвен крст.
Како што објави германската амбасада пред неколку дена, договорите за донација биле потпишани во рамките на фондот за Мали проекти на Амбасадата во присуство на претставничка од македонското Биро за развој на образованието и сите проект-партнери. Освен тоа, Комората на психолози ќе обезбеди обука и психолошка помош за пожарникарите од Кочани.