Клингбајл во Киев: Потребни се сигурни безбедносни гаранции
25 август 2025Германскиот вицеканцелар и сојузен министер за финансии Ларс Клингбајл во Украина ги разгледува можностите за германски придонес во евентуален мировен процес. „Во координација со канцеларот разменуваме мислења околу тоа како Германија на најдобар начин би можела да ја поддржи Украина во евентуален мировен процес“, изјави Клингбајл изутринава по пристигнувањето во Киев. „Се работи за украинската, но и за европската безбедност“, нагласи тој и додаде дека се „потребни сигурни безбедносни гаранции кои ќе обезбедат траен мир за Украина“. Вицеканцеларот зборува за тесна координација на меѓународно ниво и тврди: „Германија ќе ја исполни својата одговорност“.
Клингбајл во Киев ќе се сретне со претставници на украинската влада и парламентот, како и со претставници на граѓанскиот сектор.
Дебата за безбедносните гаранции: Што може да стори Германија?
По неодамнешниот самит за Украина во Вашингтон, Германија и нејзините партнери работат со полна пареа на тоа како би можеле да изгледаат сигурни безбедносни гаранции и како тие би се спровеле. Тие се сметаат за предуслов Украина, по три и пол години војна, да биде подготвена за отстапки во преговорите со агресорот Русија.
Во редовите на германските владејачки партии ЦДУ/ЦСУ и СПД, нема хомоген став по прашањето дали Германија треба да учествува и со војници во можните безбедносни гаранции против обновени руски напади по можен мировен договор. Но, германската влада во повеќе наврати нагласува дека Германија игра водечка улога. Никој не копнее по мир повеќе од Украинците, рече Клингбајл во Киев и појасни дека германската влада ја поддржува Украина на тој пат. „Сега е до Русија конечно да покаже сериозен интерес за праведен мир. Путин конечно мора да ја заврши бруталната агресорска војна“, побара тој.
Украина „може да се потпре на Германија“
Клинбгајл го повтори и барањето за прекин на огнот. „Додека се преговара за мир, не смее и натаму секој ден луѓе да умираат од бруталните руски напади“, рече вицеканцеларот. Не може да има преговори без Украинците, смета Клингбајл и потенцира дека „Путин не треба да има илузии дека нашата поддршка за Украина би можела да попушти. Напротив, ние остануваме втор најголем поддржувач на Украина во светот и нејзин најголем во Европа“. Клингбајл порача дека „како министер за финансии, денес носам јасна гаранција дека Украина може и натаму да се потпре на Германија.“
Истовремено, веќе сега се дебатира за идната обнова и перспективите на Украина за членство во ЕУ. „За ова е клучно Украина доследно да го следи реформскиот пат“, предупреди Клингбајл.
Зеленски сака да ја забрза работата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со своите јавни изјави притиска на педалот за гас. Тој очекува веќе во следните денови да се договорат безбедносни гаранции за повоениот период. „Тимовите од Украина, САД и европските партнери моментално работат на нивно дефинирање. Процесот ќе биде завршен во претстојните денови“, напиша викендов Зеленски на платформата X.
Германската влада сака да обезбеди натамошни милијарди
Русија ја започна својата агресорска војна на 24 февруари 2022 година. Според германското Министерство за финансии, оттогаш вкупната висина на билатералната поддршка од германската влада за Украина изнесува околу 50,5 милијарди евра, од кои околу 25 милијарди евра се излеале за прием на бегалците од Украина, 17 милијарди евра за воена поддршка, 6,7 милијарди евра за цивилна поддршка и 1,9 милијарди евра за буџетска поддршка. Според финансиските проекции, билатералната воена поддршка до 2027 година треба да се задржи на повеќе од 8 милијарди евра годишно.
Поради војната на Украина ѝ се потребни и повеќе средства
Како тече војната, така и годишните финансиски потреби на Украина остануваат високи. Министерот за финансии Серхиј Марченко неодамна ја процени потребната сума од странство за финансирање на украинскиот буџет во 2026 година на околу 38,5 милијарди евра. Годинава поради зголемените трошоци, мораше да се изготви дополнителен буџет од 8 милијарди евра.
Во споредба со предвоената 2021 година, буџетските потреби се трикратно зголемени. Повеќе од 40 проценти од ова се покрива со заеми и исплати на помош од странство. Според украински наводи, од почетокот на војната досега во украинскиот буџет се влеале повеќе од 118 милијарди евра од странство. Според Роксолана Пидласа, претседателка на Комисијата за буџет, за одбрана се потрошени над 54 милијарди евра. Тоа, според Пидласа, се нешто повеќе од 31 процент од очекуваниот брутодомашен производ за годинава, или две третини од целиот државен буџет..