Кина, Русија, Иран: Разговори за иранската атомска програма
14 март 2025Високи дипломати од Иран, Русија и Кина се собраа денеска во Пекинг на разговори за атомската програма на Техеран, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ, неколку дена откако Иран одби да го продолжи дијалогот со САД за неговата нуклеарна програма.
ЦЦТВ не пренесе дополнителни детали за состанокот, на кој присуствуваа кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу, неговиот руски колега Сергеј Рјабков и иранскиот заменик министер за надворешни работи Касем Гарибабади.
Кинеското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека состанокот во Пекинг имал за цел „да се зајакне комуникацијата и координацијата за да се обноват дијалогот и преговорите во рана фаза“.
Во 2015 година, Иран постигна договор со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, согласувајќи се да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции.
Но, во 2018 година, по една година во неговиот прв мандат во Белата куќа, Доналд Трамп се повлече од договорот.
Минатата недела Трамп рече дека испратил писмо до раководството на Иран во кое сугерира преговори со Исламската Република, за која Западот стравува дека забрзано се приближува до способноста за производство на нуклеарно оружје.
Но, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан рече дека нема да преговара со САД додека му се „закануваат“ и дека Иран нема да ги слуша американските „наредби“ да разговара.