Кина ги зголеми царините за увоз од САД на 125%
11 април 2025Кина презема нови мерки во трговскиот спор со САД: Контрацарините на американските стоки ќе се зголемат на 125 отсто, објави денеска (11.04) Царинската комисија на Државниот совет на Кина. Ако владата во Вашингтон продолжи да воведува царини за кинеските стоки што се извезуваат во САД, Кина тоа ќе го игнорира, соопшти Комисијата. Царините, како што се вели, достигнале ниво на кое веќе нема пазарно прифаќање за американските стоки што се извезуваат во Кина. Според најавата на Царинската комисија, мерката треба да стапи на сила на 12 април.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина на 125 отсто. Американската влада последователно објави дека не ги земала предвид веќе воведените царини од 20 проценти. Тоа значи дека специјалната царинска стапка против Кина сега изнесува 145 отсто, додека дополнителните американски царини за други држави се одложени за период од 90 дена.
Трамп го оправда потегот велејќи дека Кина покажува „недостаток на почит“ кон глобалните пазари. Како одговор на американските царински најави од изминатите неколку дена, Пекинг претходно јасно стави до знаење дека е подготвен „да се бори до крај“ во царинскиот спор и ги обвини САД за „уцена“.
Во исто време, Кина бара подобри односи со другите трговски партнери. На средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез, Пекинг се залагаше за соработка со ЕУ во глобалниот трговски конфликт. Претходно, еврокомесарот за трговија Марош Шефчович и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао телефонски разговараа за поголема економска размена меѓу двете страни.