Успеа ли Германија да ги интегрира бегалците и мигрантите?
30 август 2025„Ќе успееме.“
Реченица што стана симбол на отворениот став на Германија кон бегалците. Кога тогашната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) ги изговори овие зборови во летото 2015 година, стотици илјади луѓе беа на пат кон Германија – многумина доаѓаа од Сирија, Авганистан и Ирак.
Тие беа пречекани со бран на солидарност и подготвеност за помош. Многумина сè уште ги паметат сликите од главната железничка станица во Минхен, каде илјадници бегалци беа поздравени од локалните жители со мали подароци.
Но, десет години подоцна, расположението во Германија се промени. Почетната култура на добредојде отстапи место на скепса и одбивност. Затоа што Германија не успеа во сè. Многу новодојденци сè уште немаат работа. Криминалот од и против бегалците е тема на жестоки дебати. Миграцијата стана емоционално набиена тема.
Еден преглед базиран на податоци преку девет прашања и одговори покажува дали интеграцијата успеала и како доселувањето ја променило Германија.
1. Колку бегалци дојдоа во Германија?
Во 2015 и 2016 година, вкупно 1,2 милиони луѓе во потрага по заштита дојдоа во Германија и поднесоа барање за азил. Во следните години, бројот на баратели на азил значително се намали.
Ниту една друга земја во Европската унија не примила толку многу лица што бараат заштита. По Германија, најмногу барања за азил беа поднесени во Италија (204 илјади), Унгарија (203 илјади) и Шведска (178 илјади).
Но, барањето за азил не значи автоматски дека секој човек е признаен како бегалец и добил право на престој. Во просек, Германија позитивно одлучила за повеќе од половина (56%) од барањата за азил во прва инстанца во последните десет години, со што 1,5 милиони луѓе добиле право на престој.
Во европски рамки, Германија е над просекот на ЕУ и пред другите земји што примиле многу бегалци. Германија е една од ретките земји во светот што им дава на политички прогонетите право на азил што може да се оствари преку суд.
Покрај политички прогонетите, во Германија можат да останат и лица што според Женевската конвенција се сметаат за бегалци или имаат т.н. субсидијарна заштита, на пример поради војна во нивната татковина. Вкупно, денес во Германија живеат околу 3,5 милиони лица што бараат заштита.
2. Од каде доаѓаат луѓето што бараат азил во Германија?
Во 2015 и 2016 година, најголемиот дел од луѓето што барале азил во Германија доаѓале од Сирија, Авганистан и Ирак – земји погодени од долготрајни војни и конфликти.
Околу една петтина од Сиријците што денес живеат во Германија веќе имаат германско државјанство, а една десетина се родени таму.
По големиот руски напад врз Украина во 2022 година, многу луѓе и од таму избегаа во Германија. Денес, речиси 1,3 милиони бегалци во Германија се од Украина.
3. Мажи, жени, деца – кој барал заштита во Германија?
Од 1,2 милиони луѓе што барале заштита во Германија во 2015 и 2016 година, речиси половина (564.400) биле на возраст од 18 до 34 години, од кои три четвртини биле мажи.
Кога едно лице е признаено како бегалец, правото на заштита важи и за брачниот партнер и малолетните деца. Тие можат преку спојување на семејството да дојдат во Германија со право на престој. Меѓу 2015 и средината на 2017 година, биле одобрени 230.000 такви барања, според Германскиот сојуз на градови и општини. За бегалци со ограничен статус на заштита, ова право на спојување на семејството е суспендирано во јули 2025 година за период од две години.
4. Колку добро се интегрирани бегалците денес?
Еден од најважните показатели за успехот на интеграцијата е вклученоста на пазарот на труд.
Јулија Косjaкова, истражувачка за миграција од Универзитетот во Бамберг, вели: „Би рекла дека делумно успеавме. Односно, не успеавме кај сите. Има простор за подобрување кај жените бегалки и кај постарите бегалци.“
Бројките покажуваат позитивен тренд. На крајот на мај 2025 година, стапката на невработеност беше на најниско ниво, а стапката на вработеност на највисоко ниво од јануари 2015 година за луѓе од земји на потекло на азил. Тука спаѓаат Авганистан, Пакистан, Иран, Ирак, Сирија, Сомалија, Еритреја и Нигерија.
Ако се погледне уште еден индикатор – стапката на економска активност, која ги вклучува и самовработените – се гледа дека колку подолго бегалците се во земјата, толку поголеми се шансите да најдат работа. Од оние што дојдоа во 2015 година, над 60% нашле работа седум години по пристигнувањето.
„Гледаме дека интеграцијата на пазарот на труд е особено успешна кај помладите луѓе, до 45 години. Кај лицата постари од 45 години, стапката на економска активност е значително пониска, и со текот на времето“, вели експертката за миграција Косjaкова.
„Барателите на азил што доаѓаат во Германија во просек имаат ниско ниво на квалификација. Секако, има и лекари меѓу нив, но мнозинството нема универзитетско или професионално образование“, вели Даниел Тим, истражувач за миграција од Универзитетот во Констанц. „Луѓето пристигнуваат, не зборуваат германски, мора да бидат сместени од државата, живеат од социјална помош. Потребни се неколку години додека да најдат работа, а и тогаш често работат на нискоквалификувани позиции.“
Во споредба со работата во нивната татковина, бегалците во Германија многу почесто работат како помошници, а поретко како стручњаци, експерти или специјалисти, покажува едно истражување од 2017 година.
Причините за тоа не се само пониската квалификација и недоволното познавање на јазикот, туку и неприфаќањето на дипломите или сместувањето во региони со помалку можности за работа.
Тоа има последици и за приходите. Бруто месечната плата на лицата што избегаа во Германија во 2015 година и работат со полно работно време изнесувала во просек 1.600 евра, додека просекот за сите бегалци, без оглед на видот на работа, бил 800 евра по лице. За споредба, просечната бруто месечна плата на лица со полно работно време во Германија во истата година изнесувала 3.771 евра.
5. Колку се добри јазичните познавања на бегалците?
Друг важен индикатор за проценка на интеграцијата се јазичните познавања. Тоа се должи и на фактот дека за многу професии во Германија е неопходно доволно добро познавање на јазикот.
При учењето на новиот јазик се забележуваат значителни разлики меѓу половите. Според една анкета меѓу бегалци од 2020 година, 34% од жените имале напредни јазични познавања (сертификат од ниво B1), додека кај мажите тој процент изнесувал 54%. Тоа се одразува и во бројките за пазарот на труд: иако често се добро образовани, жените поретко наоѓаат работа.
За тоа постојат повеќе причини, вели Јулија Косjaкова. Од една страна, младите жени често имаат деца за кои се грижат. Од друга страна, жените во нивните земји на потекло почесто работеле во професии каде што јазикот и професионалната квалификација играат важна улога, како наставнички или службенички. „Тука постои поголем ризик нивните квалификации да не бидат признаени. И потребни се значително подобри јазични познавања за да се влезе во тие професии, во споредба со, на пример, работа во градежниот сектор“, вели Косjaкова.
6. Колку бегалци од тогаш денес имаат германско државјанство?
Од 2016 година, околу 414.000 луѓе од земји на потекло на азил добиле германско државјанство, од кои 244.000 само од Сирија.
„Сега сме во период кога многу бегалци од 2015 година се натурализираат. Некои Сиријци размислуваат да се вратат во Сирија, бидејќи режимот на Асад е симнат, иако можеби веќе добиле германско државјанство. Но, често сепак решаваат да останат тука, бидејќи отвориле бизнис, се адаптирале, децата им одат во училиште“, вели истражувачот за миграција Ханес Шаман од Универзитетот во Хилдесхајм.
7. Колку ја чинеше Германија приемот на толку многу бегалци?
Проценките за тоа колку ја чинеше Германија приемот на бегалци се разликуваат, покажува Медиендиест Интеграцион (Mediendienst Integration). Во зависност од методологијата, се добиваат трошоци од 5.800 милијарди евра – или идни годишни заштеди од 95 милијарди евра.
Факт е: кога едно лице што бара заштита пристигнува во Германија, државата прво има трошоци, пред земјата да почне да има економска корист од нивната работна сила.
Така, „трошоците поврзани со бегалци“ во сојузниот буџет во 2023 година изнесувале речиси 30 милијарди евра. Најголемиот дел од тие трошоци биле социјални давачки.
Во април 2025 година, околу 43% од луѓето од земји на потекло на азил – нешто помалку од еден милион лица – добивале финансиска помош во форма на основна социјална сигурност. Тоа е државна социјална помош за лица што бараат работа или не можат да го покријат животниот трошок од сопствени средства.
Иако оваа бројка речиси не се променила во последните години, бројот на странци што добиваат основна социјална сигурност значително се зголемил во 2022 година. Во таа година, многу луѓе од Украина избегаа во Германија и, поради специјална регулатива, веднаш добија право на социјална помош.
Во истиот период, бројот на Германци што добиваат основна социјална сигурност малку се намалил. Сепак, тие и понатаму го сочинуваат најголемиот дел (52%) од сите корисници на социјални давачки. Втората најголема група се луѓе од земји на потекло на азил (17%), а третата – Украинци (13%).
8. Како се промени расположението во Германија?
Додека поголемиот дел од Германците во јануари 2015 година беа отворени кон приемот на бегалци, десет години подоцна 68% од испитаниците со право на глас сметаат дека Германија треба да прими помалку бегалци.
Во 2023 година, за првпат, луѓето со таков став станаа мнозинство меѓу испитаниците. Истата година, анкета по нарачка на Фондацијата Бертелсман покажа дека доселувањето сè повеќе се гледа негативно. Според неа, 78% виделе дополнителен товар за социјалната држава, а 73% конфликти меѓу локалното население и доселениците. Дека миграцијата е економски важна, сметале само 63%.
9. Дали постои зголемен ризик од криминал поради бегалците?
Случаи на насилен криминал од страна на бегалци придонесоа за промената на расположението. Нападот на Божиќниот пазар на Брајтшајдплац во Берлин во 2016 година од страна на Тунижанец, или нападот со нож на градска прослава во Золинген во 2024 година од страна на Сириец, ги поттикнаа стравовите од тероризам од страна на бегалци. Стравови од кои партијата АфД, делумно со екстремно десничарски ставови, политички профитираше. Денес таа е втора најголема партија во германскиот Бундестаг.
Но, каква е состојбата со криминалот воопшто? Погледот на полициската криминална статистика покажува дека недржавјани се осомничени во 35% од сите случаи. Сепак, тие сочинуваат само околу 15% од населението. Според експертите, од оваа статистика не може директно да се заклучи дека бегалците почесто вршат кривични дела од Германците.
„Може да се каже дека тоа е јасно претставено прекумерно, но постојат многу фактори на изобличување“, вели Џина Волингер, криминолог од Високата школа за полиција и јавна администрација во Келн. Таа објаснува дека недржавјани или луѓе што се перципираат како „туѓи“ многу почесто се пријавуваат отколку Германци. „Бегалците не се пресек на нивните општества на потекло, туку претежно млади мажи. А знаеме дека овие две карактеристики – млад и машки – се силно поврзани со насилен криминал.“