Коцевски: Под ризик 6 милиони евра од ЕУ за дигитализација
3 јули 2025Доколку државата не издвои еден милион евра за дигитализацијата на Обвинителството, голема е веројатноста да пропадне меѓународен тендер за дигитализација на оваа институција и да се изгубат пари добиени преку ИПА. Ваква загриженост изрази државниот обвинител, Љупчо Коцевски кој пред пратениците на собраниската Комисија за финансирање и буџет, побара повеќе средства од ребалaнсот на буџетот, со цел да се овозможи непречено работење на обвинителствата, но и реализација на обврските од реформската агенда за Северна Македонија.
Шест милиони евра можат да пропаднат
Преку ИПА 3 проектот за претпристапна помош на ЕУ се обезбедени шест милиони евра за дигитализација, опремување и системи за неколку клучни државни институции. Конкретно, за јавното обвинителство се обезбедени пари за нов систем за електронско управување со предметите, наместо сегашниот кој е застарен, нефункционален и не одговара на потребите на обвинителствата.
„Од наша страна направивме се. Со технички експерти од странство точка по точка ги дефиниравме сите услови за распишување на јавната набавка и ги исцртавме контурите на новиот систем кој требаше да биде еден од најсовремените во регионот и пошироко. Условот беше еден милион евра кофинансирање од државата, пари кои не се предвидени ниту со овој ребаланс и заради кои ризикуваме да пропадне меѓународниот тендер и да ги изгубиме парите од ИПА“, вели Коцевски.
Според него, останатите земји од регионот покажуваат далеку поголема свест за потребата за алоцирање соодветни ресурси на обвинителството, како клучен орган кој треба да овозможи ефикасен кривичен прогон.
Странските вештачења го „исцедиле“ Обвинителството
Републичкиот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски бара повеќе пари со ребалансот на буџетот, со цел да се овозможи непречено работење на обвинителствата. Одобрените околу 14,5 милиони евра, и пред и после ребалансот, според него, нема да бидат доволни да се остварат ниту основните фукции на обвинителството, а за реализација на обврските од реформската агенда, не може да станува ниту збор.
Посочи дека трошоците многу им се зголемиле поради странските вештачења. „За предметот Онкологија изработени две обемни скапи вештачања во странство. Трагедијата во Кочани сите трошоци за анализа за обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејствија, за сложени мултиинституционални вештачења се паднати на товар на Обвинителството и во најава се уште неколку предмети, во кои поради недостиг на стручни лица, вештачењата ќе треба да се бараат во странство“, вели Коцевски.
Странските институции веќе бараат претходни гаранции дека стработеното навреме ќе им биде исплатено. Станува збор за околу 400.000 евра вкупно за овие вештачења. „Имајќи предвид дека доколку не им се плати, вештите лица нема да присуствуваат на јавните расправи, а со тоа постапката може да се загрози“, рече Коцевски.
Тој посочи дека ситуацијата е загрижувачка и со недостиг на кадар во обвинителствата и други ресорси за ефикасен прогон.