Католичка црква - што се случува по смртта на папата?
22 април 2025По смртта на папата Франциско, повеќе од 1,4 милијарди католици на Земјата останаа без водство. Изборот на наследник може да се случи релативно брзо - или може да потрае неколку недели. Донесуваме одговори на неколку прашања за тоа што ќе се случува во следните недели во Ватикан.
Зошто папата нема заменик?
Според канонското право на Католичката црква, папата владее на неограничено време и неговата моќ е неделива. Според верувањето, тој е „Христовиот заменик“ на Земјата и наследник на апостол Петар, кој бил назначен од самиот Исус.
Зборот „папа“ доаѓа од грчкиот јазик: „папас“ значи „татко“. Тој е и бискуп на Рим и поглавар на Ватикан, најмалата земја во светот. Често го нарекуваат „понтифекс", што буквално значи: градител на мостови.
Што значи седисваканца?
Така се нарекува временскиот период до изборот на нов папа. Нејзиното времетраење не може точно да се предвиди. Терминот доаѓа од латински и буквално значи „празен стол“. Низ вековите, деталите на протоколот се менувале, но основните правила остануваат исти.
Смртта ја утврдува таканаречениот камерленго, кардинал-коморник, заедно со лекарите. Во минатото, камарленгото трипати лесно го удирал мртвиот папа по челото со сребрен чекан и го извикувал неговото крстено име. Ако немало одговор, папата бил прогласуван за мртов. До денес, по смртта на папата, од раката му се вади прстенот со папскиот печат и се уништува. Неговата канцеларија и приватните комори се запечатуваат.
Во Ватикан не може да се донесат важни одлуки за време на седисваканца. Совет на кардинали го презема техничкото управување со работите. Ова првенствено ги вклучува подготовките за комеморацијата и погребот, како и изборот на наследник.
Како изгледаат комеморациите?
Колегиум на кардинали одлучува кога и како телото ќе биде пренесено во базиликата Свети Петар. Таму ќе биде изложен за да можат верниците да му оддадат почит. Комеморациите траат девет дена. Погребот обично се одржува четири до шест дена по смртта.
Иако неодамна стана вообичаено папите да бидат погребувани во базиликата Свети Петар, за разлика од неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти од Германија и Јован Павле II. од Полска, Франциско нема да биде погребан во базиликата Свети Петар, туку во базиликата Санта Марија Маџоре во близина на главната железничка станица во Рим, едно од неговите омилени места. На збогувањето се очекуваат шефови на држави и влади од целиот свет.
Како се избира наследникот на папата Франциско?
Најдоцна 20 дена по смртта на папата, кардиналите од целиот свет кои сѐ уште не наполниле 80 години треба да се соберат во Ватикан на таканаречената конклава. Зборот доаѓа од латински: „cum clave“ („под клуч").
Изборот на новиот папа се одвива под најстроги мерки на тајност во Сикстинската капела, под познатите тавански фрески на Микеланџело Буонароти. Секоја комуникација со надворешниот свет во врска со изборите е забранета.
Конклавата може да заврши за неколку часа, но може да трае со недели, месеци, па дури и години: нема временско ограничување. Најдолгите избори започнале во есента 1268 година. Дури по две години, девет месеци и два дена бил избран новиот папа, Григориј X.
Во денешно време, тоа обично оди побрзо: во 2013 година, Франциско беше избран по нешто повеќе од 26 часа и пет круга гласање. Неговиот претходник Бенедикт XVI. беше избран во 2005 година по четири круга.
Како е составена конклавата?
Право на глас имаат сите кардинали помлади од 80 години, тие се највисоки црковни лица после папата. Повеќето кардинали кои ќе гласааат сега беа назначени од папата Франциско. Некои беа назначени и од Бенедикт XVI. и Јован Павле II.
Најмногу кардинали доаѓаат од Европа. Сепак, папата Франциско се погрижи другите светски региони да бидат многу позастапени од порано.
Што се случува во конклавата?
За да се избере нов папа потребно е двотретинско мнозинство. Првото гласање во Систинската капела се одржува првото попладне. Во наредните денови се одржуваат две гласања наутро и две попладне.
На гласачкото ливче секој кардинал го пишува „што е можно понечитливо, но јасно“, под реченицата „Eligo in Summum Pontificem“ („Избирам за врховен градител на мостови“) името на кандидатот и го вметнува во гласачката кутија. Кога се пребројуваат гласовите, имињата се читаат на глас и се снимаат. Потоа сите ливчиња се нанижуваат на конец и се палат.
Во Систинската капела има две печки од леано железо. Гласачките ливчиња се ставаат во старата печка, која е во употреба од 1939 година. Во втората, која за прв пат беше употребена во 2005 година за време на изборот на Бенедикт, се користат хемикалии за создавање црн или бел чад. Двата оџаци се спојуваат во еден оџак на покривот на Сикстинската капела.
Доколку ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство, излегува црн чад. Белиот чад значи: Имаме нов папа.
Доколку конклавата потрае, може да се воведат денови за одмор, така што кардиналите ќе имаат време за молитва, размислување и дискусија. Сето ова може да се претвори во вистински политички покер. По повеќе од 30 неуспешни круга, можно е гласање меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови.
Што се случува по изборот?
Кога ќе се постигне потребното мнозинство, победничкиот кандидат го прашуваат дали го прифаќа изборот. Тоа е всушност формалност, но наводно Бенедикт XVI. се двоумел во еден момент. Ако избраниот кардинал каже да, тој станува нов поглавар на Римокатоличката црква - и останува таков додека не умре или, во редок случај како папата Рацингер, не поднесе оставка. Конклавата тогаш е завршена. Надворешен знак за ова, заедно со белиот чад, е ѕвонењето на камбаните.
Не долго потоа, од балкон на базиликата Свети Петар, на целиот свет му се објавува: „Habemus papam“ („Имаме папа“). Потоа се соопштува кое име го избрал новиот папа. Од балконот новиот папа за прв пат го дава апостолскиот благослов „Урби и орби“ („Кон градот и светот“). Досега тоа секогаш предизвикуваше голем аплауз и одушевување кај насобраните верници.