Касами: Поделбите во „Вреди“ нема да ја разнишаат Владата
17 април 2025Претседателот на Движење Беса, Билал Касами, смета дека нема да има криза во владината коалиција по одлуката на Алијанса на Албанците на Таравари самостојно да оди на изборите за совети на општините. Со тоа се прекинува соработката со коалицијата „Вреди“ во пресрет на локалните избори во земјата.
„Тоа поглавје е затворено, а ние како коалиција 'Вреди' одлучивме да одиме заедно со градоначалници и со членови на советот и советници. Што се однесува до владина криза, нема таква можност, Владата има стабилно мнозинство. И самиот Таравари кажа дека не е подготвен да излезе од владината коалиција“, изјави Кaсами во Тетово.
„Владиното мнозинство ќе биде уште поголемо“
Според него, владиното мнозинство може и да се зголеми. „Веќе има понуди и барања за разговори со други политички фактори во делот на опозицијата кои се подготвени да бидат дел од владиното мнозинство, така да ценам дека оваа ситуација нема да ја разниша и Владата. Напротив, владиното мнозинство ќе биде уште поголемо“, одговори Касами на денешните (17.04) новинарски прашања за политичките теми по настан од општината.
И портпаролот на партијата ЗНАМ, Никола Мемов вели дека превирањата кај албанскиот партнер не се закана за владејачкото мнозинство и оти во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои.
„Секој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ, за движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ова движење“, изјави Мемов.