Кампањата не го почека распишувањето на изборите
9 август 2025Летово изминува во знакот на раздвиженоста на политичките партии пред есенското гласање за градоначалници и членови на општинските совети. Веќе се познати најголемиот дел од имињата кои ќе влезат во трката за градоначалник, а водечките партии ги открија имињата и на кандидатите кои ќе се натпреваруваат за најпрестижната функција – прв човек на Скопје.
Меѓутоа, аналитичарите, предупредуваат дека кампањата е почната пред време и спротивно на законот. Членот 69 -а од Изборниот законик вели дека „изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и во вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите“.
Но се чини дека партиите се обидуваат да ги одбегнат законските рамки. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изврши обиколка на повеќе населени места како Дојран, Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Крива Паланка и многу други. Партискиот лидер и премиер Мицкоски беше во Куманово на отворање спортска сала, одржа трибини во Штип и во Кичево, а во Кисела Вода заедно со тамошниот градоначалник и кандидат за прв човек на Скопје пуштија во функција училишен базен. Мицкоски беше и во Пустец, Мала Преспа, Лабуништа, присуствуваше на отворање амбуланта во скопски Илинден, реконструкција на амбуланта во Тетово.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, беше во Крушево, Куманово, Кочани, Кавадарци и други населени места. Изет Меџити од ВЛЕН има засилени активности во Чаир, Гази Баба, Сарај, Топанско поле, а Али Ахмети, лидерот на конкурентската ДУИ деновиве покрај во локални места беше и во Приштина од каде на секои избори во земјава се очекува поддршка за албанските партии.
Придобивање на гласачите
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска во неколку медиумски гостувања оцени дека изборната кампања за локалните избори е започната предвреме. „Се прави суптилно влијание врз граѓаните“, смета таа.
Во изјава за ДВ Ивановска дополнува дека секојдневно се одржуваат активности односно кампања за придобивање на гласачите.
„Факт е дека партиите со сегашните активности вршат влијание за изборите. Пример за такво влијание се огласите за вработување кои се отворени и кои се според закон. Но, иако ќе ги стопираат постапките додека траат изборите, кандидатите за работните места остануваат во заложништво. Друг пример е секојдневното сликање на места каде што се гради. И тоа не е спротивно на закон но е суптилно влијание врз гласачите“, изјави за ДВ Ивановска.
Во паузата до распишувањето на изборите кое се случи денеска, владиниот врв се наоѓа на годишен одмор. Медиумите јавија дека премиерот Христијан Мицкоски летува во Хрватска, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски е во Турција, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Црна Гора.
Од Владата информираа и дека останатите министри ќе бидат на одмор од 5 до 15 август. Но во партиските штабови не се чувствува нивното отсуство и сѐ е во знакот на претстојните избори.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко за ДВ вели дека ДИК се раководи од член 69-а од Изборниот законик кој предвидува дека за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања.
„Во врска со ова ставот на ДИК е дека не може да стане збор за предвреме почната кампања од причини што нема поднесено и потврдено листи на кандидати, а со тоа не постојат ниту учесници во изборна кампања, додека приговор може да поднесе само учесник на избори или кандидат. Листите на кандидати се поднесуваат 35 дена пред изборите, додека кампањата започнува 20 дена пред изборите. Според тоа во овој период законот не предвидува никакви ограничувања за вербалните настапи на политичарите“, изјави Кондарко.
Кондарко истакнува дека ова прашање се поставува пред секои избори и ДИК секогаш го појаснува важечкиот изборен закон, според кој, како што посочи, учесниците во изборите и во периодот помеѓу потврдувањето на листите и почетокот на изборната кампања можат да организираат по еден јавен собир за промоција на потврдените листи и изборните програми. „Во периодот од потврдувањето на листите до почетокот на изборната кампања учесниците не смеат да трошат средства од наменските сметки за избори, што е предмет на контрола на ДКСК и Државниот завод за ревизија“, вели тој.
Суптилна манипулација
Сепак медиумите се „бомбардирани“ од партиски известувања во кои се величаат своите достигнувања а се оцрнува противникот. Само во текот на вчерашниот ден (08.08), ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменија повеќе десетици соопштенија.
Професорката д-р Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања за ДВ оцени дека политичките партии како и години наназад веќе започнаа активности кои ја надминуваат формалната рамка на предизборна кампања за локалните избори во октомври 2025 година.
„Партиите интензивно ја користат ‘сивата зона' и вршат активности кои не значат директно кршење закони, туку се повеќе суптилна манипулација. Ако внимателно се следат активностите на градоначалниците, општините, политичките партии, ќе се види суптилна манипулација во облик на одредени популистички потези - уривање на бесправно поставена урбана опрема, отворање на центри за ранливи групи, нови градинки, пуштање во употреба на разни за јавноста важни и потребни објекти“, вели таа.
Серафимовска истакнува дека дури и кога опозицијата обвинува дека институциите под контрола на власта вршат притисок врз нивните градоначалници, и тоа е некој вид на манипулација со чувствата на граѓаните. Осврнувајќи се на конкретните активности таа вели дека партиите го „подесуваат“ и календарот на случувањата.
„Во когнитивната психологија е познато дека луѓето најмногу се сеќаваат на најновите настани. Кога општината пушта во употреба детско игралиште во последниот месец од нивниот мандат, иако проектот бил планиран на почетокот на нивниот мандат, гласачите тоа ќе го паметат како свежа и значајна заслуга. Се создава перцепција дека власта ‘работи'во моментот, дури и ако активностите се концентрирани само пред избори“, коментира Серафимовска.