Кампања пред кампања: Жесток вовед, ниски удари
29 август 2025Сомнежи за несакционирани злоупотреби на јавни ресурси, наводни пораки од ВМРО-ДПМНЕ за затоплување на односите со ДУИ, кој повеќе, а кој помалку направил за Албанците... Сето ова е дел од „кампања пред кампањата“, еден месец пред нејзиниот официјален почеток. Аналитичарите и претходно предвидоа жестока и нечиста кампања, но не очекуваа дека и воведот во неа ќе биде таков - со ниски удари и подметнувања.
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, вчера го запали „фитилот“, коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски - дека опозицијата ќе загуби на локалните избори во сите општини, и порача дека очекува од ДУИ да биде конструктивна опозиција во однос на Бадентеровото мнозинство, особено кога станува збор за измените на Изборниот законик. Османи се обиде да внесе сомнеж кај ВЛЕН дека нивниот партнер ВМРО-ДПМНЕ заткулисно сака затоплување на односите со ДУИ.
„Премиерот во јавноста дава такви пораки сметајќи дека така ќе им помогне на коалициските партнери, но не пушта такви пораки преку приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите. ДУИ нема да прави пазар за влегување во Влада, излези еден, влези друг“, рече Османи, потенцирајќи дека Албанците нема да дозволат некој да ги третира како „аморфна маса“, а премиерот да решава кој ќе ги претставува во Владата.
Симболиката на белиот лист
Од ВМРО-ДПМНЕ експресно одговорија на ваквите наводи.
„На Бујар Османи или не му кажале, или не сака да се сети на времето кога преговарачкиот тим на ДУИ остави бел лист хартија пред ВМРО-ДПМНЕ, подготвени да го исполнат секое барање само за да останат во Владата која беше поразена на избори. Тогаш така храбро не звучеа и не се однесуваа првенците на ДУИ кои сега силно се удираат во гради. Османи може да глуми принципиелност, но вистината е очигледна: врвот на ДУИ е претворен во милионерска елита, додека народот живее во сиромаштија. Затоа денес ДУИ ветува функции и влез во владата на своите разочарани членови, надевајќи се дека ќе ја сокријат сопствената корупција и криминални зделки“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Од партијата посочија дека кога Османи зборува за „аморфна маса“, тоа е навистина суштината на проблемот.
„ДУИ цели 20 години ја третираше албанската заедница како аморфна маса - како гласачка машинерија за нивните бизниси и криминални зделки“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Надвор од оваа јавна размена на обвинувања, извори во албанскиот блок шпекулираат дека Османи со „придонесот“ околу францускиот предлог, станал товар или пречка за можноста ДУИ да ги ревитализира односите со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, па партиското охрабрување за неговата кандидатура го поистоветуваат со „бакнежот на Јуда“.
„Враќањето на централната патека за ДУИ е позначајно од пораз во една општина, особено ако тој пораз отвори пат преку детронизирање на една личност“, велат овие извори.
Кој ќе победи, а кој ќе изгуби ќе решат гласачите, иако партиските кујни или пропагнадните машинерии со несмален интензитет ја подготвуваат перцепијата, секој за своја победа.
На хигиенска дистанца
Во предизборно зовриената атмосфера, мета на напади, невистини и обвинување се и оние кои не се директни учесници во изборната трка. Вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, се пожали дека пропагандната машина на ДУИ и нејзините поддржувачи започнале злобна кампања против него, преку лажни профили. Јавно им одговори дека во политиката е најмногу горд на три работи: не злоупотребил ниту еден денар од јавните ресурси, никој не може да го условува, уценува или да влијае на неговите одлуки, и е единствениот кој никогаш немал контакт, соработка или компромис со ДУИ и нивниот претседател.
„Држев и ќе одржувам хигиенска дистанца од нив, затоа што приближувањето кон нив значи да се биде извалкан од нивното морално распаѓање“, порача Фетаи.
Латиф Арифи, национален координатор за комуникации и медиуми во Владата, оцени дека тоа што ДУИ денес е во опозиција, не е случајно, туку затоа што граѓаните казниле еден истрошен модел на управување, кој 20 години не донел ни развој ни еднаквост, туку само корупција, лично збогатување и стагнација.
„На овие локални избори, Албанците имаат можност да го завршат овој циклус. ДУИ мора да се врати во опозиција и на локално ниво. И ова не е политичка одмазда, туку општествена неопходност. Само со четири години поминати во опозиција, оваа партија може да има шанса да се исчисти однатре, да се реформира и да дојде со нови и професионални луѓе. Затоа што Албанците се изморија, гледајќи сиот живот едни исти лица на сцената“, напиша во колумна Арифи.
Причини и последици
Во предизборниот период тече и неформална демистификација на причините порадите кои Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари заминала од владејачката коалиција и се придружи на Европскиот фронт. Рефлекторите се свртени кон пропаднатиот договор со „Ѓока констракшн“ - компанијата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар. Според ВЛЕН, Таравари не ја напуштил власта поради принципи или поради интересот на граѓаните, туку поради валкани лични зделки што го откриле неговото вистинско лице: политичар подготвен да продаде сè за лична корист.
„Служејќи им на Ахмети и Груби, тој ги предаде идеалите за кои некогаш беше повикан и се поистовети со оние што албанските граѓани ги казнија на 8-ми мај“, посочија од ВЛЕН.
АА од крилото на Таравари, ги повика властите преку институциите јавно да претстават барем една врска помеѓу инвеститорот од Албанија и Таравари.