Калифорнија ја тужи владата на Трамп поради царините
17 април 2025Американската сојузна држава Калифорнија ја тужеше владата на претседателот Доналд Трамп поради неговата царинска политика. Без одобрение од американскиот Конгрес, Претседателот нема овластување „радикално да го промени економскиот пејзаж на земјата. Така не функционира нашата демократија“, изјави пред новинарите јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.
„Најлошиот автогол во историјата на оваа земја“
Гувернерот на економски силната сојузна држава, Гевин Њусом, зборуваше за „најлошиот автогол во историјата на оваа земја“. Царинската политика на Трамп е „една од најсамоуништувачките акции што сме ги виделе во модерната американска историја“, оцени Њусом, според кого „незаконските царини“ на Трамп предизвикуваат „хаос“ за калифорниските семејства и компании, ги зголемуваат цените и ги загрозуваат работните места.
„Каде е Конгресот? Вршете си ја работата!“
Републиканецот Доналд Трамп ги воведе царините врз основа на Законот за меѓународни итни економски овластувања од 1977 година. Тужбата поднесена од Калифорнија тврди дека според овој закон, на претседателот за дополнителните царини му треба одобрение од Конгресот во Вашингтон. „Конгресот не ги одобри царините, а уште помалку одобри зголемување на царините, нивно суспендирање, а потоа нивно враќање по желба“, нагласи јавниот обвинител Бонта, алудирајќи на цик-цак курсот на Трамп. „Претседателот уште еднаш се прави како да е над законот, но не е.“ Целта на тужбата е повлекување на дополнителните царини, рече Бонта.
„Каде е Конгресот? Вршете си ја работата!“, додаде гувернерот Њусом, мислејќи на мнозинството на Трамповите Републиканци во Сенатот и Претставничкиот дом. Трамп, според Њусом, со своите царини им штети и на своите гласачи, бидејќи многу луѓе, на пример, мора да прифатат загуби во нивните пензии поради падот на берзата. Наместо тоа, Претседателот води политика во полза на своите донатори милијардери и на пријателите, оцени Њусом.
„Историските напори на претседателот Трамп“
Соединетите Американски Држави во мандатот на Трамп за само неколку недели „од слободен капитализам преминаа во клиентски капитализам, едноставно така“, вели Њусом. Според него, тоа е „олицетворение на корупцијата“: „Како, по ѓаволите, можеме да го дозволиме ова?“, прашува Њусом, кој се смета за можен претседателски кандидат на американските Демократи на изборите во 2028 година.
Белата куќа ги отфрли критиките и го нападна Њусом. „Наместо да се фокусира на растечкиот криминал, бездомништвото и високите трошоци во Калифорнија, Гевин Њусом го троши своето време блокирајќи ги историските напори на претседателот Трамп конечно да се справи со националната вонредна состојба поради постојаниот трговски дефицит на нашата земја“, цитираат американските медиуми портпарол на Белата куќа.
Најбогата американска сојузна држава
Калифорнија е најбогатата американска сојузна држава и, кога би била самостојна држава, би била петта по големина економија во светот. Државата на западниот брег на САД генерира 14 отсто од брутодомашниот производ. Според канцеларијата на Њусом, Калифорнија би можела да загуби милијарди долари приход доколку се воведат трговски ограничувања врз основа на царинската политика на Трамп.
Поголемиот дел од кинескиот увоз влегува во САД преку пристаништата во Калифорнија. Покрај тоа, Калифорнија, со своите 40 милиони жители, е технолошки центар и важен земјоделски производител, како и значаен трговски партнер за соседите Мексико и Канада.
Тужбата на Калифорнија се смета за најсилна реакција во САД досега на царините наметнати од Трамп. Државата во која традиционално доминираат Демократите се побуни против политиката на Републиканците уште за време на првиот мандат на Трамп и поднесе 120 тужби против администрацијата на републиканецот.