Калас зборуваше за проширувањето, но не ја спомна Македонија
14 април 2025Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, денеска (14.04) изјави дека стабилноста и безбедноста на Западен Балкан се есенцијални и дека процесот на проширување на ЕУ е многу важен и мора да напредува. На прес-конференција во Луксембург, по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ, Калас кажа по нешто за сите држави од Западен Балкан, освен за Македонија.
„Албанија и Црна Гора прават добри чекори и реформи и се надеваме дека таму ќе имаме успешни приказни. Босна и Херцеговина е во уставна криза. Јасно е дека секој обид за распарчување на Босна и Херцеговина е неприфатлив. Политичките лидери мора да ги премостат разликите, а не да ги продлабочуваат... Во врска со Србија и Косово, нормализацијата на односите е од најголемо значење, затоа мора да продолжи дијалогот Белград-Приштина“, рече Калас.
Таа упати и предупредување дека ЕУ нема да гледа благонаклоно на чие било учество на прославата на 9 мај во Москва, затоа што Русија покрена војна во Европа.