Берлин: Како Трамп и Путин влијаат врз надворешната политика
15 април 2025Тешката меѓународна ситуација и даночната политика на американската влада на чело со Доналд Трамп неодамна ги ставија преговарачите под дополнителен притисок да постигнат договор. Имаме „ситуација на растечки глобално-политички тензии“, оцени веројатниот иден канцелар Фридрих Мерц од ЦДУ при претставувањето на коалицискиот договор. Мерц на заканите и неизвесностa одговори со пораката на коалициските партнери дека „сакаме и ќе помогнеме промената во светот да се обликува за Германија“. И лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, потврди дека „се работи за пресвртница. Живееме навистина во историски времиња“, рече тој.
Во прилог преглед на најважните надворешнополитички предизвици.
Што планира да направи идната сојузна влада во однос на трговската политика?
Високите увозни царини на американскиот претседател Доналд Трамп и контрамерките на погодените земји предизвикаа пад на вредноста на акциите на берзите ширум светот и стравувања од глобална трговска војна. Како извозна земја, Германија е особено тешко погодена, особено што германската економија веќе две години е во рецесија.
За трансатлантската трговија е надлежна ЕУ; Германија не може да дејствува сама. Свесна за ранливоста на Германија, идната сојузна влада е посветена на деескалација.
Во коалицискиот договор се вели дека „среднорочно целиме кон договор за слободна трговија со САД, краткорочно сакаме да избегнеме трговски конфликт и се залагаме за намалување на увозните царини од двете страни на Атлантикот“. Со оглед на неодамнешните постапки на Трамп, ова може да биде оптимистички пристап.
Украина: дали Германија сега сепак ќе ги испорачува Таурус ракетите?
Напорите на Доналд Трамп за мир во Украина ги претворија Европejците во обични статисти. Тој директно преговара со рускиот претседател Владимир Путин, а ниту украинскиот претседател Володимир Зеленски нема директно влијание врз разговорите.
Ако се постигне мировен договор кој би можел да резултира со диктиран мир за Украина, на Германците и другите Европејци од ЕУ веројатно им преостанува само улогата на обезбедување на мирот. Идната коалиција сака да продолжи да ја поддржува Украина. „Ние сме на страната на храбрите Украинци. Тие можат да се потпрат на нас“, порача Ларс Клингбајл од СПД. Коалициските партнери сѐ уште не донеле одлука по тоа прашање.
Сепак нејасно останува како точно ќе се одвива воената помош. Како лидер на опозицијата, Мерц се залагаше за испорака на германски крстосувачки ракети со долг дострел Таурус за Украина, а и сега даде изјави во таа насока. Актуелниот канцелар од СПД, Олаф Шолц, категорично го отфрлаше ова стравувајќи дека Германија ќе биде вовлечена во војната со Русија.
Одбрана: Мерц сака Германија да стане независна од САД
Бидејќи Мерц има сомнежи дека САД под Трамп сè уште се чувствуваат обврзани на обврската од НАТО за взаемна помош, тој во изборната ноќ порача дека Европејците треба што поскоро „да постигнат вистинска независност од САД“. Во меѓувреме, Мерц не само што го протурка во Бундестагот своето прочуено финансиско мото „што и да е потребно“ за надградба на Бундесверот, туку цели и кон блиска одбранбена соработка меѓу Европејците. Па така тој планира да разговара со европските нуклеарни сили Франција и Велика Британија за тоа дали и како Германија и Европа може да профитираат од нивната нуклеарна заштита. Тоа нема да биде лесно. Малку е веројатно дека и двете држави ќе бидат едноставно така подготвени да ги споделат своите нуклеарни арсенали.
Дури и во рамки на ЕУ има резерви за поголема воена соработка. Унгарскиот премиер Виктор Орбан одржува добри контакти со Владимир Путин и ја отфрла поддршката за Украина.
Германската политика за ЕУ
Мерц ја обвинуваше актуелната влада под водство на СПД и Олаф Шолц, дека дозволила да шлајфува европската соработка. Пред сѐ страдале односите со најблиските партнери Франција и Полска. Мерц сака промени во тој правец, но тоа нема да се случи само по себе. Францускиот претседател Емануел Макрон е внатрешнополитички со нарушени позиции. По години владеење на десно националистичката влада на ПиС, Полска повторно има проевропско раководство под водство на поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Во моментов сепак нема релации ниту со Париз, ниту со Варшава. И во остатокот од ЕУ не е ништо поарно. Десните популисти се во пораст речиси насекаде, а европската интеграција веќе не се подразбира.
Намалување на безбедносните ризици во однос на Кина
Како излез од трговскиот конфликт со Трамп, некои политичари во Берлин и Брисел сакаат повеќе да се фокусираат на бизнисот со Кина. Но, работите веќе не одат толку добро како порано, кога германските извозници таму имаа брилијантни бизниси. Германските автомобили, долго време извозен хит во Кина, сега не се продаваат.
ЕУ пак го затвореа својот пазар за кинески електрични автомобили. Германија, како земја ориентирана кон извоз, и тука треба да се обиде да издејствува пазарните ограничувања во трговијата со Кина да не одат предалеку.
Од друга страна идната коалиција сака да ги намали безбедносните ризици во контакт со економската моќ на Кина. Реченицата во коалицискиот договор „сакаме ефективно да спречиме странски инвестиции спротивни на нашите национални интереси, во критичната инфраструктура и во стратешки релевантните области“ веројатно се однесува пред сѐ на Кина.
Конфликтот на Блискиот Исток: Нетанјаху добредојден во Германија?
Германската влада се наоѓа во особено тешка позиција. Како последица на националсоцијалистичкото минато, убиството на милиони Евреи, безбедноста на Израел е од особено значење за секоја германска влада. Од друга страна германски политичари постојано го критикуваат острото постапување на Израел во Појасот Газа против Хамас како непропорционално. Хамас е милитантна, исламистичка, палестинска група. Германија и други земји ја класифицираат како терористичка организација.
Германската влада е во теснец и поради налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради сомнежи за воени злосторства во Појасот Газа. Германија го поддржува кривичниот суд и всушност би требала да го уапси Нетанјаху доколку ја посети Германија. Но, Фридрих Мерц ветува дека тоа нема да се случи под негово водство на земјата во својство на канцелар.