Зошто Русија не е погодена од царините на Трамп?
7 април 2025Американската влада го оправдува отсуството на казнени царини за увозот од Русија со тековните преговори за прекин на огнот во војната во Украина. Директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет, изјави за телевизиската станица Еј-Би-Си дека „не би било соодветно да се уфрли нова работа среде овие преговори“. Затоа, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да не ги меша овие две прашања.
Тоа не значи дека Русија се третира целосно поинаку од другите земји, рече Хасет. Претседателот само става посебен фокус на разговорите со Москва за завршување на војната против Украина. „Русија е среде мировни разговори кои влијаат на животите на илјадници луѓе – и токму тоа е она на што претседателот Трамп се фокусира во моментов“.
Променливи оправдувања
Пред неколку дена Трамп претстави обемен пакет царини, со кој се воведуваат нови казнени царини за увозот од речиси сите земји. Меѓутоа, Русија не е наведена на списокот на погодени земји - за разлика од, на пример, Украина.
Како објаснување, портпаролката на Трамп, Каролин Левит, првично изјави дека Русија не била земена во предвид бидејќи американските санкции веќе „исклучуваат каква било значајна трговија“.
Трговијата меѓу Русија и САД навистина драстично опадна во споредба со периодот пред војната против Украина, според податоците на Статистичката агенција на САД. Меѓутоа, Русија сè уште е пред Украина во американскиот трговски биланс за увоз на стоки. Според американската статистичка агенција, во 2024 година, од Русија во САД пристигнала стока во вредност од околу 3 милијарди долари - во споредба со околу 1,2 милијарди долари од Украина.
Десет отсто царини за Украина
Според царинскиот список на Трамп, на Украина ѝ се наметнуваат казнени царини од десет отсто. Списокот вклучува и мали, независни територии како Токелау во Јужниот Пацифик или Гибралтар.
Администрацијата на Трамп започна разговори со цел да се стави крај на руската агресорска војна против Украина. Меѓутоа, американскиот претседател во последните неколку недели често беше повеќе наклонет кон Русија отколку кон Украина. Затоа, тој беше обвинет дека е повеќе на страната на Москва.