Како Русија шири омраза против Урсула фон дер Лајен
5 септември 2025По наводното намерно нарушување на сателитскиот навигациски систем ГПС, во Русија се крена бран потсмев и исмејување на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Политичарката отпатува за Бугарија на 31 август. Прекинот на ГПС-от на авионот резултирал со непланирано слетување во градот Пловдив.
Бугарските власти се сомневаат дека Москва стои зад нападот и го поврзуваат со војната на Русија против Украина. Портпаролката на руското Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, пак, обвинувањата ги нарече „лажни и параноични“.
Навредите против претседателката на Европската Комисија паѓаат на плодна почва во Русија. Се чини дека 66-годишната Фон дер Лајен стана главна цел на руската пропаганда на омраза.
Напади под појасот
Поранешниот руски претседател и потпретседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, често ја напаѓа претседателката на Комисијата на социјалните мрежи. Дел од неговите „омилени изрази“ за Фон дер Лајен е „лоша тетка-гинеколог“.
Целата кариера на германската политичарка во руската јавност често се сведува на неколкуте години што ги поминала како лекар асистент во женската клиника во Хановер. Фактот дека Фон дер Лајен студирала археологија, економија и медицина и била министерка на државно и сојузно ниво, меѓу другото и министерка за труд и министерка за одбрана, ретко се споменува.
Во декември 2022 година, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Телеграм напиша: „Со оглед на моменталната состојба на Европската Унија, стана јасно зошто гинеколог е назначен за претседател на Комисијата на ЕУ“.
Шефот на Захарова, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, во март 2025 година ја нарече Фон дер Лајен „Фирер Урсула“. Причината беа повиците на претседателката на Европската Комисија за зајакнување на одбранбените капацитети на ЕУ.
Шегите за Фон дер Лајен што ги надминуваат границите на пристојноста станаа рутина за водителите на популарните политички ток-шоуа на руската телевизија.
Која е причината за нападите?
Експертите интервјуирани од ДВ наведуваат неколку можни причини за кампањите на омраза на кои е изложена Фон дер Лајен во Русија. Тие ова го припишуваат на нејзината позиција, нејзините политики - па дури и на нејзиниот пол.
Изјавите на Медведев имаа за цел „да ја исмеат Фон дер Лајен и да ја прикажат како политичар кој не може да се сфати сериозно“, вели Сузане Шпан, експертка за руска пропаганда на Универзитетот во Пасау. Целта на Кремљ е „да ја ослабне и подели ЕУ како меѓународен актер“.
Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) укажува на улогата на Фон дер Лајен во поддршката на Украина, но не само тоа. „Јасно е дека системот на Путин се карактеризира со токсична машкост, а тој ги отфрла жените во политиката“, вели Мајстер.
„Во исто време, станува збор за ЕУ како централна слика на непријател, откако политиката на САД во време на Доналд Трамп направи приближување кон Русија. Фон дер Лајен на тој начин ги комбинира и двете: ЕУ како нешто слабо и, во исто време, 'зло' од руска перспектива, бидејќи значително ја поддржува Украина.“
Андреас Умланд од стокхолмскиот Центар за источноевропски студии ги споредува вербалните напади врз Фон дер Лајен со третманот на Русија кон поранешната министерка за надворешни работи на САД, Хилари Клинтон.
Омраза кон Хилари Клинтон, омраза кон Фон дер Лајен
„Руската антипатија кон Урсула фон дер Лајен потсетува на поранешната руска кампања против Хилари Клинтон, која исто така беше демонизирана од медиумите контролирани од Кремљ во тоа време“, вели Умланд.
И Фон дер Лајен и Клинтон, додава тој, се решителни политичарки со јасни мислења за режимот на Путин и високо политичко влијание во ЕУ и САД.
„Во политичкиот спектар на нивните матични земји, тие се повеќе јастреби отколку гулаби кога станува збор за критички проценки на Русија и воена поддршка за Украина.“
Фон дер Лајен се истакна со особено остри изјави против Москва. На пример, во 2022 година, таа изјави дека Русија мора да претрпи „стратешки пораз“ во Украина.
Руско негодување
Рускиот претседател Владимир Путин редовно ја повторува оваа реченица кога зборува за улогата на Западот во поддршката на Украина.
„Во 2022 година, Фон дер Лајен одигра клучна улога во номинацијата на Украина како кандидат за ЕУ. Во 2025 година, таа влијаеше врз геополитичката преориентација на ЕУ и ја зајакна нејзината одговорност во одбранбената политика“, се сеќава Умланд.
Таа, исто така, разви политичко пријателство со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Со оглед на сето тоа, вели експертот, не е изненадувачки што таа „стана цел на руски кампањи за клевета“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик