Како да се запрат банкротите на германските компании?
23 април 2025Компанијата Meeth во Витлих во западна Германија речиси 40 години стекнуваше доверба на клиентите со производство на висококвалитетни прозорци и прозорски рамки. Тоа е и работно место за околу деведесет соработници, но сега е ставен крај. Беше прогласен банкрот, делумно и поради интерни проблеми – грешки во компјутерскиот систем на компанијата, која сега ја води стечајниот управник и адвокат Александар Јухсер. Тој залудно барал нов инвеститор, сега до крајот на месецот ќе ги довршува нарачките од материјалот што сѐ уште го има во магацинот - и тогаш е готово. На вработените веќе им биле доставени решенија за отказ.
„Градежниот сектор и годинава е во криза. Петта година по ред бележи пад поради зголемените цени на градежните работи, недостигот на квалификувана работна сила, помалиот број одобренија за градба. А кога се гради помалку, се нарачуваат помалку прозорци и врати“, резимира стечајниот управник, и за оваа компанија нема што да се каже повеќе. Затоа што за него како стечаен управник работа има повеќе од колку што може да стигне отколку, а не само во покраината Рајнланд Пфалц каде што се наоѓа таа фирма.
Многу стечаи, малку нови фирми
Бројот на банкроти на германски компании веќе две години постојано се зголемува. Минатата година имало речиси 22 илјади, најмногу од 2015 година. Ова продолжува и годинава: само во март имало 1.459, проценти повеќе отколку во февруари, известува Институтот за економски истражувања Лајбниц во Хале.
Бројот на стечаи не бил толку висок по крајот на финансиската криза во 2009 година, во сите стопански гранки, во индустријата, градежниот сектор и во трговијата. Згора на тоа доаѓа и ужасно малиот број на компании кои се основаат.
Тобијас Вал е адвокат за стечај и санација во адвокатската фирма „Анкор“. 57-годишникот ја предводи филијалата во Манхајм и се занимава со потрага по инвеститори откако некоја компанија ќе банкротира. „Во моментов, гледаме значително зголемување на стечаите. Но, ситуацијата не е толку драматична како што изгледа на прв поглед. Во времето на корона, многу компании кои престанаа да бидат конкурентни сè уште некако преживеаја благодарение на државната поддршка. Она што го гледаме сега е на некој начин долг од минатото“, објаснува Вал.
Но, Германија се соочува и со структурна криза: „Можете да го видите ова, на пример, со производителите на делови за автомобилската индустрија и погоните на кои им е потребна многу енергија за производство, сите тие се силно погодени. А згора на тоа има и политичка и пазарна неизвесност", набројува експертот за стечај. Потоа, тука се повисоките цени на суровините, недостатокот на квалификувана работна сила, иако и онака се зголемуваат трошоците за работна сила, повисоките камати на кредитите...
Ако компанијата не успее да го пренесе сето тоа на купувачот, таа е „изгорена“. И ситуацијата нема да се подобри во догледно : „Мислам дека јас и моите колеги ќе имаме многу работа и следната година“.
Разочарување од плановите на новата коалиција
Германската асоцијација на индустријата, БДИ, на почетокот на месецот објави апел од повеќе од 100 професионални економски здруженија до политичарите кои ги водат преговорите во Берлин за нова владина коалиција. Очекувањата од договорот меѓу Демохристијаните и Социјалдемократите беа големи, но коалицискиот договор ги разочара: „Кога станува збор за даноците, целите на коалицијата се далеку од она што е потребно. Тука мора да се искористи секој простор за да се олесни товарот на компаниите и итно даночното оптоварување да стане меѓународно конкурентно“, истакнува шефицата на БДИ, Тања Генер. „Договорот со право има за цел амбициозен план за модернизација и на државата и на државната администрација, но тоа сега мора решително да се спроведе. Сè на сè, германската влада ќе се мери со тоа дали ќе ја направи државата поефикасна и помодерна."
По банкрот и неуспешната санација доаѓа работата за Јирген Филипи. Тој е лиценциран судски аукционер и вештак за стечајна постапка, во бизнисот е 30 години, но има впечаток дека работите се влошуваат: „Беше лошо во кризата во 2008 година и веднаш потоа, но сега е уште полошо. Сè повеќе и повеќе сектори се засегнати. Сè уште не сум го доживеал тоа“, вели овој вештак, кој е еден вид погребник за компании.
Речиси секој ден судот му нуди нов случај, но освен стечаите, тој констатира и голема воздржаност на купувачите на аукции за машини и останки на пропадната компанија. „Исто така, сè почесто гледам директори на компании со кои морам да се справам, кои веќе немаат волја воопшто да ја водат компанијата, дури и ако сè уште постојат некои изгледи на пазарот. Слушам одново и одново: даноците се превисоки, има премногу бирократија. 'Доста ми е од сето ова', го слушам тоа безброј пати“, вели Филипи.
И тој мисли дека ситуацијата ќе се влоши: „Сега е најтешко за автомобилската индустрија и градежниот сектор. Но кризата се шири во поврзани сектори: ако не градам куќа, не ми требаат плочки, не ми требаат ролетни, ниту шпедитери и слично. Тоа е како домино, кое се руши низ сите области". И тој е разочаран од планот на новата германска коалиција: „Не се надевам многу. Недостигаат коренити реформи и доверба во економијата. Се плашам дека кризата уште ќе се продлабочи. А со оваа програма, ни новата коалиција нема да го издржи целиот мандат“.
Автор: Аксел Џон, СВР