Бугарија како испорачувач на оружје за Украина
8 септември 2025Најважната безбедносна гаранција е масовното вооружување на земјата. Украина мора да се трансформира во „челично бодликаво прасе“ кое „идни освојувачи како Русија не би можеле да го сварат“, со месеци порачува претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. И на самитот на „Коалицијата на волјата“ минатата недела во Париз, група од околу 30 земји предводени од Франција и Велика Британија кои се согласија за план за поддршка на Украина и стационирање на западни копнени сили, доколку некогаш се постигне прекин на огнот.
Но, како Украина всушност би можела да стане „челично бодликаво прасе“?
Централна улога за вооружувањето на Украина играат фабрики за муниција во Бугарија кои уште од советско време се специјализирани „за производство на мало оружје, лесно оружје и муниција од сите калибри“, вели во разговор со ДВ бугарскиот воен експерт Тодор Тагарев.
Огромни инвестиции во модерни фабрики
Бугарија уште на почетокот на инвазијата од Путин, беше во можност брзо да испорача воена опрема од советската ера во Украина, со која армијата на поранешната советска република можеше веднаш да ракува. Софија долго време испораките ги чуваше во тајност, заради стравот од руска саботажа. Најчесто опремата и муницијата прво беа испорачувани во Полска, често пати преку аеродромот Режов во југоисточна Полска во близина на границата со Украина, кој пак е заштитен со системите Патриот на НАТО. Експертот Тагарев, како министер за одбрана на неговата земја од јуни 2023 до април 2024 година, самиот го составил еден од најголемите пакети за помош за Украина со старо советско оружје – и тоа во најстрога тајност. Но, времиња се минато, вели Тагарев кој наведува дека Бугарија сега се очекува да произведе значителен дел од двата милиони артилериски гранати. Тамошната влада отворено зборува за тоа. Таквите испораки ќе ги плаќа ЕУ. „Бугарија дава значаен придонес во тој поглед, кој може и уште повеќе да се зголеми“, заклучува Тагарев.
Една милијарда евра буџет – заедничка инвестиција на Рајнметал
Кон крајот на август германскиот гигант за воена опрема Рајнметал најави дека во Бугарија ќе гради нова фабрика за муниција во вредност од една милијарда евра. Проектот делумно ќе биде финансиран со кредити од ЕУ и ќе се гради како заеднички потфат со бугарската државна одбранбена компанија ВМЗ-Сопот. Таму треба да се произведуваат барут и артилериски гранати според стандардот на НАТО од 155 милиметри. Извршниот директор на Рајнметал, Армин Папергер, во разговор со ДВ уште кон крајот на февруари на маргините на Минхенската безбедносна конференција најави натамошни инвестиции во Европа. По производството на муниција по советски стандард за Украина, ова е клучна промена во бугарската индустрија за оружје, вели бугарскиот експерт за безбедност Велизар Шаламов во интервју за ДВ. „Со тоа продираме на нов пазар. И мислам дека инвестицијата на Рајнметал е признание за можностите и квалитетот на нашите компании за производство на муниција“, вели Шаламов, кој е член на про-европскиот „Атлантски клуб“ на Бугарија.
Шаламов смета дека и испораките на муниција во Украина ќе станат полесни во иднина. „Тоа ќе оди подиректно“, вели тој и додава дека „особено со вклучувањето на Рајнметал Логистика, би можело да биде многу полесно директно да се оди преку Романија. И - зошто да не - дури и преку западниот дел на Црното Море, кое барем во нашите територијални води е обезбедено“, размислува Шаламов.
Европски инвестиции и во Украина?
Но, на патот до „челично бодликаво прасе“ и мали украински компании за оружје се надеваат на финансирање од Брисел. „Во 2025 година, капацитетот на украинската одбранбена индустрија се проценува на 30 до 35 милијарди долари, но државата може во најдобар случај да покрие договори за половина од таа сума“, посочува Ихор Федирко, главен лобист на Здружението на украински производители на оружје во интервју соДВ. Здружението претставува 800 приватни одбранбени компании, „кои бараат инвеститори“, вели тој и додава дека европските донатори имаат широк спектар на можности за соработка. Тој би бил „многу благодарен за проширување на постоечките финансиски програми и дополнителни можности за купување украинско оружје во земјата“ - со европски пари, вели Федирко. „Тоа значително би ги намалило трошоците за логистика, а муницијата би стигнала уште побрзо до украинските војници на фронтот“, обрнува внимание Федирко.
Тој вели дека е и свесен оти потенцијални западни инвеститори „бараат сигурни механизми за заштита од воени ризици“, што значи сѐ додека одбранбените сили на Украина не успеат долгорочно да го заштитуваат воздушниот простор над помалите бизниси во земјата од руски воздушни напади, од европските инвестиции со поголема веројатност ќе профитираат одбранбени компании како оние во Бугарија.
Поранешниот министер за одбрана Тагарев: „Војната ќе продолжи“
И тоа веројатно уште долго време. „Не гледам крај на војната во блиска иднина“, оценува за ДВ поранешниот министер за одбрана на Бугарија, Тагарев. „Не постојат дури ни предуслови за прекин на огнот, а камо ли за мировно решение“, дури ни по средбите меѓу Трамп и Путин, самитот на Европејците во Вашингтон и плановите на 30-те држави-поддржувачи на Украина од Париз минатата недела, вели поранешниот министер. „Војната ќе продолжи. Путин не ги намали своите амбиции да ја контролира Украина територијално и политички“, вели Тагарев. А нападнатите нема да попуштат. „Украина ќе продолжи да пружа отпор со поддршка од Европа и - во помала мера во иднина - од САД“, заклучува нашиот соговорник.