Каде на одмор? Одлучува желбата, но најмногу џебот
8 август 2025Колкав процент од граѓаните на Македонија можат да се дозволат еднонеделен одмор ова лето? Таков податок нема, но ако се земе како индикатор продажбата на аранжманите во туристичките агенции, впечатокот е дека тие се речиси распродадени.
Најпродавани се оние за Грција, Црна Гора, Албанија,Турција, Египет, Тунис, но и Италија, Шпанија. Има интерес и за подалечни дестинации, но заради висината на цената тие не се доминантни.
„Нема некое намалување на побарувачката во споредба со претходната година, освен мали разлики во изборот на дестинацијата. Кај нас, на пример, годинава е пораснат интересот за летување во Албанија“, вели вработен во скопска туристичка агенција.
„Граѓаните сакаат да летуваат на море барем неколку дена. Дали со помош на кредити или планирана заштеда за таа цел - не знаеме. Но, она што може да се заклучи од побарувачката, е дека поголемиот дел преферираат поскромно сместување, во студија и апартмани, а помал дел во хотели во Турција, Тунис, Египет, Кипар, на база на „all inclusive" услуга“, објаснува соговорникот.
Според туристички работници, бројните огласи за „last minute“ понуди, не се знак дека аранжманите не се продаваат.
„Се случуваат разни ситуации - некој се повредил една недела пред патувањето или излегла некоја непредвидена обврска. Минатата недела, на пример, едно семејство го промени терминот за летување заради поплава во домот, а две семејства откажаа затоа што не успеале да најдат некој што ќе се грижи за нивните домашни миленици. Така што, има различни причини за откажани аранжмани или променети термини“, објаснува соговорникот.
Дома си е дома
Според неформални проценки, кај граѓаните кои не планираат одмор во 40 отсто случаи во прашање се финансиски причини, во 20 отсто индивидуални/приватни причини, во околу 15 отсто причини поврзани со работа/кариера.
„Деновите од годишниот одмор ќе ги поминеме во реновирање на домот, така што нема да ни останат слободни денови за летување“, објаснува млада брачна двојка.
Други ќе го прескокнат летото и ќе одмараат наесен бидејќи не ги поднесуваат горештините, а притоа ќе платат и пониски, вонсезонски цени. Притоа, голем дел од граѓаните се определуваат за домашните туристички центри.
„Најубаво ми е во Охриди не го менувам за ниедно друго место“, вели скопјанец.
Неговиот пријател, пак, за ништо не го менува Брајчино, но е разочаран што ништо не е преземено за спас на Преспанско Езеро.
„Ладовина, убавина и спокој царува таму. Жал ми е што ги запустивме нашите бисери. Памтам убави години кога преспанскиот брег беше преполн со туристи. Работеа кампови, одмаралишта, хотели... Ништо од тоа не остана, а сега и езерото го губиме“, разочарано вели тој.
Крушево, Шара, Пелистер, Голак, Осогово, Малешевијата, се дел од другите дестинации каде вљубеници во природата сакаат да летуваат. Но, посочуваат дека сегашните сместувачки капацитети не се доволни.
Најмногу летуваат во Грција
Приматот во изборот на македонските граѓани за летување во странство се уште го држи Грција, која во 2024 година ја посетиле речиси 36 милиони туристи. Се уште нема податок колку од нив се македонски граѓани, но има податок за 2023 година. Според Институтот на Асоцијацијата на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ) во 2023 година Грција ја посетиле еден милион и 128 илјади туристи од Македонија или за 46,5 отсто повеќе од 2022 година кога имало 771.000 посети. Најголемиот дел од посетите биле во северниот дел на Грција. Еден од клучните фактори за високата посетеност е близината на грчките плажи.
„Со две мали деца сме и ни одговара локацијата најмногу заради близината", потврдува скопјанка.
„Трета година по ред летуваме на исто место во Грција. Искрено, летувањето од седум дена ни е малку, а 14 дена ни е многу, но само од аспект на трошоци. Но подобро и седум, отколку ниеден ден на море“, вели таа.
Сигурна е дека ќе „компензираат" со викенди поминати во Дојран.
Немаат дилеми каде и колку ќе летуваат оние кои во Грција имаат свои апартмани или пак камп приколки во некои од камповите на северното крајбрежје.
„На Халкидики е преполно со туристи. Од гужви не можеш да најдеш место на плажа. Сакаме мирен одмор и затоа од пред осум години имаме камп приколка во близина на Платамона, која може да ја користиме од први април до 31-ви октомври“, објаснува пензионер од Скопје.
Смета дека годишната рента (1.800 евра) се исплатува, бидејќи искористеноста на камп-приколката била максимална.
„Имаме два сина. Додека тие со сопругите се на работа, внучињата се со нас во кампот. Родителите им доаѓаат секој викенд, така што може да се рече дека сме присутни таму цело лето се до почетокот на октомври“, вели тој.
Просек во ЕУ
А колку граѓаните на Грција може да си доволат еднонеделен одмор? Според податоците на Евростат за 2024 година, еднонеделен одмор не можеле да си дозволат 46% од Грците, 41,4% од Бугарите и дури 58,6 од Романците. За разлика од нив, во Луксембург само 8,9% не можеле да си дозволат таков одмор, во Норвешка 9,3%, во Шведска 11,4%, во Холандија 13%, во Финска 14,5%, во Данска 14,9%. Од земјите во регионот, во Словенија не можеле да си дозволат еднонеделен одмор само 14,4%, а во Хрватска 34,7%.
Според просекот, во 2024 година 27 % од населението на ЕУ не било во можност да си дозволи една недела годишен одмор подалеку од дома. Земјите од Западен Балкан не се опфатени со анализата.