Јапонската влада го загуби мнозинството, премиерот останува
21 јули 2025Владејачката коалиција на премиерот Шигеру Ишиба го загуби мнозинството на изборите за Горниот дом на парламентот во Јапонија. Неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) и нејзиниот коалициски партнер, Комеито, требаше да добијат уште 50 места за да го задржат мнозинството во Горниот дом, а освоија само 47.
Ова е уште еден удар за коалицијата на Ишиба. По поразот на изборите за Долниот дом во октомври, коалицијата сега е во малцинство и во Горниот дом - за првпат од основањето на ЛДП во 1955 година. Набљудувачите на тоа гледаат како на јасен знак за растечка политичка нестабилност во Јапонија. Ишиба изјави дека го прифаќа „суровиот резултат“, но дека има намера да остане шеф на владата.
Во фокусот на владата, според Ишиба, во моментов се претстојните царини од американската влада, кои би можеле сериозно да влијаат на извозно ориентираната Јапонија. Четвртата најголема економија во светот мора да склучи трговски договор со Соединетите Американски Држави до 1 август или ќе се соочи со казнени царини на својот најголем извозен пазар.
Задолжена индустриска земја
Јапонија е најзадолжената голема индустриска земја во светот. Според анкетите, многу гласачи изразија незадоволство од одговорот на владата на зголемувањето на цените. Особено голема фрустрација предизвика зголемувањето на цените на оризот.
Опозициските партии со своите барања за намалување на даноците и зголемување на социјалните трошоци очигледно го погодија нервот на избирачите. „Мнизнството домаќинства сакаат намалување на потрошувачкиот данок за борба против инфлацијата, на што ЛДП се спротивставува“, вели Дејвид Болинг од консултантската фирма „Евразија груп“. Опозицијата го искористи ова и го претвори во своја централна порака.